ДА НЕ БИЛЕ КАЕЊЕТО И СОВЕСТА НА КЕШИШЕВ НЕМАЛО ДА СЕ ОТКРИЈАТ УБИСТВАТА НА ВАЊА И НА ПАНЧЕ Адвокатот Ефремов бара Влатко да одговара само за грабнувањето на Ѓорчевска

Во текот на постапката, според Ефремов, Кешишев покажал искреност и каење за своето присуство пред зградата на улицата Наум Наумовски Борче, каде што била грабната Вања, но тоа, како што рече, не значи дека имал намера за убиство, ниту учествувал во извршувањето на тој акт.

1,765

Игор Ефремов, бранител на четвртообвинетиот Влатко Кешишев за грабнувањата и за убиствата на Панче Жежовски и на Вања Ѓорчевска, денеска во завршниот збор пред Кривичниот суд побара ослободителна пресуда за неговиот клиент, оценувајќи дека Јавното обвинителство не успеало да докаже ја докаже неговата вина.

– Му предлагам на Советот да донесе праведна пресуда со која Влатко Кешишев ќе биде ослободен од обвинението за две тешки убиства и за едно грабнување, бидејќи докази кои несомнено го инкриминираат нема. А евентуалната вина, доколку се утврди, да се квалификува исклучиво во рамки на учество во кривично дело Грабнување од чл.141 ст.2 в.в. со ст.1 в.в. со чл.22 од Кривичниот законик – истакна Ефремов.






Во завршниот збор адвокатот аргументираше дека ниту еден материјален доказ, ниту еден исказ од сведок или обвинет не потврдува дека Кешишев учествувал како извршител или соизвршител во убиствата на Панче и на Вања.

– Обвинетиот не може да биде ниту обвинет, а уште помалку осуден како соизвршител. За да постои соизвршителство мора да има свест, умисла и конкретни дејствија кои се нужни за извршување на делото, а такво нешто кај Кешишев нема – подвлече адвокатот.

Во текот на постапката, според Ефремов, Кешишев покажал искреност и каење за своето присуство пред зградата на улицата Наум Наумовски Борче, каде што била грабната Вања, но тоа, како што рече, не значи дека имал намера за убиство, ниту учествувал во извршувањето на тој акт.

– Она што може да се стави на товар на обвинетиот е учество во грабнувањето на оштетената Вања Ѓорчевска, што претставува тешко кривично дело, но суштински различно од делото убиство – и по својата тежина, и по својата правна квалификација. Во правото постои принцип на индивидуализација на вината – секој одговара за она што лично го сторил или свесно помогнал да се стори. Токму поаѓајки од овој принцип на индивидуализација, целосно се исклучува одговорноста за дел од кривичните дела кои му се ставаат на товар на обвинетиот, односно обвинетиот ниту знаел, ниту имал намера ниту пак учество за да бидат сторени кривичните дела Убиство — рече бранителот Ефремов.

Тој потсети дека и самите искази на другите обвинети, на Велибор Манев и на Боре Видевски, не го ставаат Кешишев во улога на директен извршител. Во таа насока, според него, обвинителниот акт не содржи правна и фактичка основа за осудителна пресуда за убиство.

Ефремов потсети дека од исказот на Кешишев даден во судот, јасно и недвосмислено може да се разграничат дејствијата и евентуалната умисла во дејствијата на обвинетиот, а со тоа и евентуалното сторување на кривичното дело.

– Со сообвинетите се запознал врз основа на членување и политичко дејствување во политичка партија. Подолг период престојувал во седиштето на партијата каде што имал задача да биде готвач за потребите на тогашниот претседател на партијата, а сега сообвинет Љупчо Палевски. Имајќи предвид дека престојувал во седиштето на партијата, односно живеел заедно со сообвинетиот Љупчо Палевски, после одреден временски период, како што самиот посочи, од за него непознати причини започнал да има потчинет и поданички однос кон сообвинетиот Палевски. За ваквиот однос потврда дадоа и сведоците кои биле дел од членовите на партијата, но и сообвинетите Велибор и Боре. Доволен доказ за ваквата потчинетост и, како што самиот Кешишев ќе каже – стравопочит од Палевски, е и начинот на давање на неговиот исказ пред судот, односно барањето при давање на исказот, Палевски биде отстранет од судницата – додаде адвокатот Ефремов.

Тој побара од судот при донесувањето на одлука за обвинетиот Кешишев, особено да го има во предвид фактот дека да не било неговото каење и товарот на совеста на обвинетиот, немало да бидат пронајдени ниту телата на убиените, односно дека со негов особен придонес при распитот пред полициските службеници го посочил местото на закопувањето на оштетените.

– Слушајќи ги наредбите од Палевски, преземал дејствија без да размислува за можни последици. Состојбата на неговата совест и каењето, но и стравот којшто го имал целосно е опишан во неговата прва реакција вечерта при претресот во седиштето на партијата каде на полицискиот службеник, сведокот Дејан Димовски му кажал: „Кај сте до сега, ве чекавме.“ – рече адвокатот Ефремов и додаде дека Кешишев бил „своевиден заложник и жртва во корист за искористување на туѓи идеи и интереси“.

Според Ефремов, Кешишев не го негирал своето присуство на местото на грабнувањето на оштетената Вања Ѓорчевска на 27.11.2023 година.

– Како што посочи самиот, му било кажано дека треба заедно со сообвинетите Манев и Видевски да земат некое лице, а за кое лице се работи знаеле само Манев и Палевски. Тоа утро бил испратен да наточи бензин во туба, а за како што му било кажано да биде ставено во возилото бидејки нема гориво. Откако утрото пристигнале со возилото пред зградата на оштетената, Манев и Видевски излегле од возилото, а на Кешишев му било наредено да остане во возилото на местото на возачот, и кога ќе му дадат знак да ја отвори вратата на багажникот и да се премести на совозачкото место. Кешишев не бил ни свесен дека всушност ќе биде грабнато малолетно лице. Оттука па сѐ до местото викано Дупки обвинетиот нема преземено никакви дејствија кои се однесуваат на грабнување на лице, а кај местото викано Дупки, повторно му било наредено да остане на некои 50 метри, за доколку наиде некој, да ги извести другите. Како што посочи самиот, никогаш не му било кажано од никого, ниту пак учествувал во било какви разговори кои би се одвивале за можно убиство на било кого. Во својот исказ посочи дека слушнал звук што наликува на пукање од пиштол, по што по неколку минути бил повикан да помогне во закопување на некое лице. За прв пат дознал дека станува збор за малолетно лице кога се вратил во седиштето на партијата, кога видел на социјалните мрежи, по што го прашал обвинетиот Палевски дали тоа е личноста од утрото, на што му било најостро наредено да оди во својата соба и да не поставува дополнителни прашања – рече бранителот Ефремов во завршните зборови и додаде дека за дејствијата преземени од Кешишев потврдил во својот исказ и обвинетиот Велибор Манев.

 

Поврзани содржини