БРАНИТЕЛОТ НА БОРЕ ВИДЕВСКИ ТВРДИ ДЕКА ТОЈ Е ЖРТВА НА МОНТИРОВКА Дали поради пропусти во истрагата нема да се дојде до вистината за злосторството?
Бранителот на Видевски тврди дека целиот случај е конструиран и дека обвинението се темели на признание изнудено со полициска тортура и на исказот на обвинетиот Велибор Манев.
Адвокатот на обвинетиот Боре Видевски, Бојан Манев, денеска во судот побара ослободителна пресуда за неговиот клиент, бидејќи, како што рече, Обвинителството со ништо не го докажало неговото учество во грабнувањето и во убиствата на Вања Ѓорчевска и на Панче Жежовски што се случија во ноември 2023 година.
Според него, Боре е жртва на оваа „буквална монтировка на која ќе ѝ дојде крајот со изрекувањето на пресудата која ако се темели на основите на правото на уставот и законите на оваа земја мора да биде ослободителна.“
– Мојот клиент Боре Видевски воопшто не е одговорен за делата кои му се ставаат на товар, тој е инструментализиран за да не може да ги обавува своите секојдневни активности, лични или политички. Нема ниту еден доказ што ќе укаже дека мојот клиент е сторител на овие дела – рече адвокатот на Видевски, Бојан Манев, во завршните зборови денеска во судот.
Тој го критикуваше предметот, водењето на истрагата и настапот на Обвинителството и на полицијата.
– Имаме предмет полн со аномалии, со цел да им се наштети на овие луѓе. Обвинетиот Боре е женет, татко на две ќерки, растел женски деца и над 30 години е тренер на деца, машки и женски. Учествувал во воспитување на илјадници деца. Полицијата и Јавното обвинителство го обвинуваат за такво грозоморно дело од кое човек може да се срами, а тој не е учесник ни сторител на тие дела. Обвинителството не изведе пред Судот никаков доказ со кои ќе го потврди обвинението. Базирајќи се на претпоставки, Обвинителството бара мојот клиент да биде осуден. На ден, кој сѐ уште не е утврден и час, во кривичната пријава, Панче е убиен навечер, а во обвинителниот акт претпладне. Во исказот на Манев, Панче е убиен во ден среда, 23.11.2023 година, а според обвинението на 22.11.2023 е убиен ценетиот Панче Жежовски, кого го знае цел Велес, а на 27.11 е убиена Вања Ѓорчевска. Обвинителството се обиде, но не докажа поврзаност на Видевски дека е сторител на овие дела. Обвинителството не понуди ниеден доказ за директна инволвирност на Боре – рече Манев.
Бојан Манев изрази жалење за, како што рече, површната истрага и површното судење на еден од најголемите предмети, поради работите кои не биле направени за да се дознае вистината за овој кривичен настан, кој, како што додаде, ќе биде запишан во учебниците по право.
– На еден начин сме сите поврзани со овој предмет, која и да ни е улогата. Од самиот почеток сите се соочивме со една морална дилема и силен притисок од јавноста да ја утврдиме вистината што се случувало во критичните дела. Од почетокот имаме дилема дали, што, како и на кој начин се случени кривичните настани. Дали обвинетите се вистинските сторители, дали ги извршиле и најважно, зошто? Кој е мотивот, која била целта, дали е виша цел, дали е материјална и која е улогата на обвинетите? Немаме одговор од овие докази со кои располагаме и уште повеќе од театарот и начинот на кој се изведени истражните работи, аматеризмот и желбата за политички поени, со цел да се направи дефокус на вистината. Правецот на истрагата е погрешен и намерата на истрагата е овие луѓе да бидат судени по секоја цена. Од сето ова што го видовме изминативе 20 месеци, се покажа дека самото Јавно обвинителство не може да состави правилно и квалитетно обвинение и талка низ предметот, презентирајќи и кажувајќи работи кои се далеку од вистината. Нема одговор кои се вистинските сторители, зошто се убиени Панче и Вања и зошто се обвинети обвинетите. Истрагата е водена од погрешни луѓе и затоа изобилува со пропусти кои не може да доведат до вистината кој ги уби двете жртви и зошто овие лица се обвинети? – рече Манев во завршните зборови.
Адвокатот потсети дека Видевски бил лишен од слобода во недела на 02.12.2023 година. Самиот отишол кога полицијата го викнала на распит.
– Самиот сакал да помогне во расчистувањето на настаните за кои е осомничен. Не бегал во тој период, а имал можност, доколку е навистина виновен. Имаше и психијатриско вештачење во предметот, јасно е дека Боре не е луд. Обвинетиот, откако сам се пријавил во велешката полиција, која добро постапила со него, но го испратила во полиција во Скопје. Таму, видно од неговиот исказ даден пред обвинител, но и пред судот, тој е предмет на тортура, изразена со стари методи на работење за да се изнуди признание. Тој настан е детално опишан, а полицијата знае дека на Боре му се извадени двата бубрега и има еден трансплантиран. Но и покрај тоа полицијата му вршела тортура за да му изнуди признание за делата. Тој нема вмешаност во овие настани. Но полицијата, сакајќи набрзина да создаде ситуација на решавање на предметот, успева, по 24 часа тешка тортура, да изнуди признание од Боре Видевски. Тука се гледа непрофесионалноста на полицијата и на Јавното обвинителство. Со еден поглед се гледа дека признанијата се со идентични зборови, што значи дека тоа се однапред подготвени описи на дејствијата, само во записниците се сменети имињата на обвинетите. А зошто? Затоа што до тој момент полицајците немале ништо, а требало да презентираат нешто пред јавноста. Лошото работење се гледа низ целиот предмет. Ни во судот не се виде дека Видевски има вмешаност. Со изнудено признание, со тортура која продолжила и во затворот, откако му се влошила здравствената состојба, кога неговиот бубрег почнал да откажува и работел до 30 отсто, бил пренесен на клиника. Го прашувам Јавното обвинителство кој ќе одговара ако се случеше најлошото и Боре починеше од тортурата? – праша адвокатот на Видевски.
Тој потсети на сведочењето на Боре за критичните денови.
– Не беше потребно да се обезбедува доказ од ЈКП Дервен за присутност на работното место на 22 ноември, затоа што самиот претходно кажа дека не е искуцан на картичката, затоа што бил скоро префрлен на нова позиција и во тој момент немал картица за куцање на присуство на работното место. Особено што и во кривичната пријава полицијата тврдеше дека Жежовски е убиен на 22 ноември навечер. Затоа и немаше потреба Обвинителството во дополнителна доказна постапка да докажува дека Боре не се куцнал на работа. Обвинителството не ги викна да сведочат неговите колеги Марјан Ѓошев и Марјан Станков, за да се создае целосна слика за настанот. Обвинителството е со двојни аршини и без волја истрагата да ја насочи кон правична насока за да се дојде до вистинските сторители – рече Манев.
Според него, Обвинителството направило крупна грешка со снимките од камерите во Велес на кои наводно се гледа Панче. Тој го оспори времето на убиството на Панче повикувајќи се на снимките од безбедносните камери на бензинските станици „Макпетрол“ и „Лукоил“ во Велес.
– Што докажуваат тие снимки, кои се од 22 ноември 2023 околу пладне, а на кои се гледа Панче Жежовски? Со тоа паѓа времето на делото. Јавното обвинителство потврди дека Панче е убиен наутро, па како е жив на пладне? Како е жив час и половина откако е убиен и закопан? На што ги темели Обвинителството своите тези? На снимките од хотел „Романтик“ не се гледа ниедно од обвинетите лица, најмалку Боре. Како се дојде до крај на истрагата без да се прикажат овие снимки со кои може да се расчисти вистината? Сведокот Гоце детално објасни како тој, а не полицијата, дошол до овие докази. Се работи за снимки кои целосно ќе го превртат обвинението, но Обвинителството не ги изведува. Местоположбата на камерата на „Макпетрол“ гледа точно кон црниот паркинг кој е посочен од Кешишев во врска со делото грабнување на Панче – рече Манев.
Според него, начинот на кој Обвинителството ги прикажало снимките од камерите од куќата на обвинетиот Велибор Манев е спротивен на Законот за кривична постапка.
– Снимките се целосно инструирани докази. Но Обвинителството заборави дека само човек кој е надвор од умот може сам да се снима додека планира кривични дела. Ниеден од нив нема одземена деловна способност. Обвинителството заборави уште еден битен факт – не приложи никаков доказ за вештачењето на ресиверот од кој наводно се извадени снимките од куќата на Манев, што значи нема доказ што ќе покаже дека времето на нив е реално. Во својот исказ Манев кажува дека е тепан од полицијата и така ја дал шифрата од неговиот ресивер. Сите знаеме дека секој што ја има шифрата од ресивер може да го менува времето на снимките. Овие снимки беа презентирани во дел од постапката кога ние бранителите немавме можност да бараме вештачење на ресиверот. Кешишев за утрото на 22 ноември рече дека не присуствувал пред куќата на Манев, а Обвинителството тврди дека бил пред таму пред грабнувањето на Панче. Од сите овие причини ние не веруваме во вака поставените докази. Има аргументи од кои се гледа направена конструкција – рече адвокатот Манев.
Тој додаде дека за убиството на Панче, Обвинителството не доставило ниеден доказ дека Боре е инволвиран, освен снимките од куќата на Манев.
– Обвинението се темели на изнуденото признание и на исказот на Манев, кој рече дека Видевски требало да влезе кај Панче и да го турне. Зошто нема ниедна ДНК трага од Видевски на телото на Панче? Нема такво нешто во доказниот материјал. Убиениот Панче логично е да се обидел да се брани. Зошто на телото на Панче нема ниедна трага од Боре, кој наводно го нападнал? Зошто нема траги од Боре во домот на Панче? Самиот Боре наведува дека немал лоши односи со Панче, а местото Рудник, каде е најден Панче, не го посетил во изминативе 15 години. Нема трага дека Видевски присуствувал на грозоморниот чин и учествувал во убиството на Панче. Обвинителството нема ниеден доказ за убиството, нема мотив, нема траги од борбата, нема ДНК и други траги, нема снимка на која се гледа неговиот лик. Обвинителството ја темели вмешаноста на Боре само на изнудено признание и на исказ на еден од обвинетите, кој вели дека создале група за кривични дела, без да прецизира кој каква улога имал во таа група. Од сето ова е јасно дека се неосновани тврдењата на Обвинителството дека Боре заедно со другите дејствувал во група која подготвувала кривични дела. Единствено заедничко им е членството во Десна и активностите во таа партија – рече адвокатот Манев.
Во врска со пиштолот „зброевка“ на Боре, адвокатот рече дека бил легално купен, имал дозвола, но дека не е пронајден во неговиот дом.
– Кај Панче беше пронајдена чаура, па се наметна прашањето дали од пиштолот на Боре е испукан тој куршум. Но Обвинителството, неразбирливо, не изврши вештачење на чаурата, за да провери дали таа е испукана од пиштолот на Боре. Во полицијата, во базите на МВР мора да постои документ за траги од пиштолот на Боре, а Обвинителството тврди дека нема, но јасно е дека тоа е невозможно – рече адвокатот Манев.
Во врска со второто дело кое му се става на товар, убиството на малолетната Вања, бранителот на Видевски, рече дека Обвинителството нема доказ ни за тоа.
– Обвинителството се обидува да го инволвира, а како доказ го има само изнуденото признание од тепање на полицијата. Анализирајќи ги доказите се доаѓа до заклучок дека Обвинителството нема никаков доказ за Боре во ова убиство. Единствено има ДНК трага на пластична чаша во „рено кангу“, но Боре самиот кажа дека најмалку 30 пати го возел тоа возило, кое се користело за потребите на партијата и не е чудно во него да биде пронајдена негова ДНК трага. На снимките од Сејф сити и на останатите снимки од движењето на возилата по грабнувањето на Вања не се гледа ликот на Боре. За ден 27 ноември тој има земено слободен ден од работа поради партиски цели. Вечерта на 26 ноември бил на состанок, а на 27 ноември претпладне заедно со Манев заминале за Велес – рече бранителот Манев и праша зошто Обвинителството не го проверило движењето на возилото на Манев за време на критичните настани.
Тој прашува зошто полицијата не проверила и дали со тоа се избегнува да се дојде до релевантни докази или се кријат битни траги за двете убиства.
– Што се крие? Тоа го знаат само полицајците што ја водеа истрагата и јавните обвинители. Ние мора да дојдеме до овие одговори – рече адвокатот Манев.