ПЕКОЛОТ И СУШАТА ЌЕ БИДАТ ВО ЈУЛИ Метеоролозите ги објавија долгорочните прогнози за ова лето

Летото само што не тропнало на вратата, а метеоролозите веќе предупредуваат: не се залажувајте – ова ќе биде се’ само не „просечно“ македонско лето. Жештините ќе стискаат, дождот ќе биде редок гостин, а Македонија може да се соочи со повеќе топлотни бранови.

6,796

Најновите сезонски прогнози од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) носат сериозни предупредувања. Ако се обистинат моделите, летото ќе биде и потопло и посушно од она на што сме навикнати. И тоа не само кај нас – туку и во целиот југоисточен дел од Европа.

– Постојат силни индикации дека температурите кај нас ќе бидат повисоки од просекот – на некои места и за цели +3°C – велат од УХМР за Плусинфо.






Како се пресметува многугодишната просечна температура?

Според стандардите на Светската метеоролошка организација, многугодишна просечна температура се пресметува врз основа на податоци собрани во период од 30 години, најчесто од 1991 до 2020 година. Во тој период, за нашата земја, просечните температури за летните месеци изгледаат вака:

Јуни: 21–22°C

Јули: 24–25°C

Август: 24°C

Овие просеци се добиваат со собирање на дневните минимални и максимални температури за секој ден од секој месец, во текот на тие 30 години. Податоците доаѓаат од повеќе метеоролошки станици низ земјата.

Кога метеоролозите предупредуваат на можно отстапување од +3°C, тоа значи дека, на пример, ако просечната температура во јули е 25°C, ова лето може да биде околу 28°C во просек. Во реалност, тоа значи многу денови со температури над 35°C, што директно влијае врз здравјето, земјоделството и потрошувачката на електрична енергија.

Се очекува летото 2025 да биде посуво од просекот, со можни исклучоци во планинските региони каде што краткотрајни бури може да предизвикаат обилни, но локализирани врнежи.

Со други зборови: ако до сега ви беше жешко во јули, оваа година може да ви изгледа како да сте на тестирање на издржливост.

Според сезонските метео-модели, јули ќе биде месецот со најизразено отстапување од температурниот просек. Или, во превод: најголеми шанси за вртоглави жештини, нови топлотни рекорди и долг период без дожд.

– Температурните шокови ќе бидат најсилно изразени токму во јули – порачуваат од УХМР.

Ако планирате одмор, свадба или било какви активности на отворено – сега е време да преиспитате во кој месец ќе биде најпогодно за тоа.

Дождот – луксуз за ова лето

Кога станува збор за врнежите, прогнозите се уште понеизвесни, но генералната слика не е охрабрувачка. Повеќето делови од државата ќе се соочат со недостиг од дожд – и тоа токму кога е најпотребен.

– Најголемо негативно отстапување на врнежите се очекува токму во месец јули – велат метеоролозите.

Проблемот е двоен: жештини кои исцрпуваат и суша што го притиска земјоделството и водоснабдувањето.

Во повисоките предели и планините, можно е да има повремени пообилни врнежи, особено како последица на засилена конвекција (бури, локални невремиња). Но тоа ќе бидат изолирани случаи, не спас за целата земја.

УХМР со апел: размислувајте однапред, не после штетите

Со оглед на очекуваната жештина и недостигот од дожд, УХМР апелира до граѓаните:

  • да планираат внимателно активности на отворено,

  • да се заштитуваат од директно сонце,

  • да внимаваат со користењето на водата – особено во јули.

Со оглед на сè што носи оваа прогноза – високи температури, суша, и ризик од топлотни удари – граѓаните, локалните власти и институциите имаат причина да се подготват на време. Ова нема да биде обично лето.

И додека климатските модели не нудат апсолутни гаранции, тенденцијата е јасна – летата во Македонија се сè потопли и посуви.

Македонија може да биде на удар на повеќе топлотни бранови

И според долгорочната прогноза на „Severe Weather Europe“, летото 2025 во Европа, вклучително и во Македонија, ќе биде натпросечно топло, со зголемен ризик од топлотни бранови и суша, особено во јули и август.

Анализите покажуваат дека летната сезона ќе започне со нешто повеќе врнежи, но како што ќе одминува времето, ќе биде постабилно и посуво. За Македонија и поширокиот регион на југоисточна Европа, се очекува влијание од антициклон, што значи посушни и потопли услови. Македонија може да биде погодена од повеќе топлотни бранови, со значително помалку врнежи од просекот.

И канадскиот метеоролошки модел „CANSIPS“, кој исто така го анализира „Severe Weather Europe“, укажува на натпросечни температури и потпросечни врнежи за нашиот регион.

Поврзани содржини