ФРАНЦУЗИНКА ГИ НАДМУДРИ МОНАСИТЕ НА СВЕТА ГОРА Никој не забележал дека под мантијата се крие жена

Мариз Шоази, родена во 1903 година во Франција, потекнувала од богато семејство и се образувала во Кембриџ, негувајќи длабок интерес за психологија, филозофија и езотеризам. Во 1927 година побарала анализа од самиот Сигмунд Фројд, кој без претходни информации заклучил дека е вонбрачно дете – откритие што ја поттикнало уште поинтензивно да тргне по патот на самоспознание и лична потрага.

1,436

Во свет каде што женската нога не смее ни да стапне, таа чекорела слободно. Облечена како монах, со маска купена во Истанбул и со решителност каква што ретко се среќава, француската новинарка Мариз Шоази во 1931 година поминала еден месец на Света Гора, машката тврдина на православието, каде што пристапот за жени е строго забранет уште од 10 век.

Мариз не била обична репортерка. Родена во 1903 година во францускиот департман Пиринејски-Атлантик, таа пораснала во богато семејство и се школувала во Кембриџ. Била интелектуалка со страст за психологија, езотеризам и за филозофија. Но пред сè – била храбра жена со перо кое копа под површината, секогаш подготвена да оди таму каде што другите не би се осмелиле.






Во 1927 година дури и побарала анализа од Сигмунд Фројд, кој веднаш погодил дека е вонбрачно дете – без претходно да знае ништо за неа. Набргу потоа, Мариз тргнала по сопствени мисии на самоспознание.

Поминала 30 дена на Света Гора, преправена во млад монах

Најконтроверзниот дел од нејзината кариера е токму оној кога влегла на Атос – полуостровот на Халкидики каде што живеат околу 2.500 монаси и каде што жените немаат пристап ниту како туристки ниту како вернички. Според христијанската традиција, овој простор е посветен на Пресвета Богородица, која единствена од женски род има симболично присуство таму. Сите други жени се непожелни.

Знаејќи ја оваа забрана, Мариз сфатила дека само со лажен идентитет може да стигне до таму. Се преправила во млад монах и поминала 30 дена на Света Гора, живеејќи, спиејќи и разговарајќи со монасите – без никој да ја разоткрие.

Конфликт меѓу духовниот завет и сексуалноста

Своето искуство го опишала во книгата „Еден месец меѓу мажите“, каде што отворено зборува за духовниот и за психолошкиот свет што го затекнала зад ѕидовите на манастирите. Била фасцинирана од аскетизмот и од мирот, но не останала слепа за внатрешните борби на монасите – нивната изолација, нивните искушенија, па дури и нивните исповеди за телесна желба и каење.

„Монахот што излегол од жената се губи во контакт со жената,“ гласи епиграфот на нејзината книга, алудирајќи на постојаната напнатост помеѓу духовниот завет и телесната човечност. Таа пишува и за влијанието на сексуалната сублимација во монашкиот живот – тема која ја интересирала длабоко, не само како жена, туку како филозоф и како психоаналитички набљудувач.

Реакцијата на Света Гора била остро негирање. Монашката заедница тврдела дека е невозможно жена да помине толку време меѓу нив без да биде забележана. Но, никој не понудил докази дека таа лажела, а фотографиите од Мариз, облечена како монах, на самиот почеток од книгата, сведочат за нејзиниот подвиг.

Мариз Шоази починала во 1979 година, оставајќи зад себе богата библиографија и духовно наследство во кое се спојуваат храброста, новинарската истрајност и филозофската длабочина.

Света Гора можеби ја избришала од своите хроники, но историјата не може да ја заборави жената што ѝ се приближила најблиску.

Божествено, но забрането место

Света Гора, духовното срце на православниот христијански свет, е составена од 20 манастири и се наоѓа на полуостровот Атос – третиот крак на Халкидики. Овој простор зрачи со светост и со мистичност уште од древни времиња, но за да се посети, неопходна е специјална дозвола. Едно од најстрогите и најпознатите правила е дека на оваа света земја не смее да стапне ниедна жена – правило што се почитува со векови, иако во историјата се забележани ретки исклучоци.

Според легендата, Пресвета Богородица некогаш патувала кон Кипар во придружба на апостол Јован, кога ги зафатила силна бура. Принудени да бараат засолниште, пристигнале на Атос, во близина на денешниот манастир Ивирон. Богородица била маѓепсана од убавината и од тишината на местото, па го благословила и го замолила својот син, Исус Христос, да ѝ го подари полуостровот.

Иако правилото е строго, во 2019 година јавноста беше изненадена кога беа пронајдени човечки останки на жена под капелата на Свети Атанасиј во манастирот Пантократор на Света Гора. Веста отвори низа прашања – која била таа жена и дали е првата што била погребана на овој свет монахов полуостров?

Историските записи сведочат дека, во времињата кога арапските пирати ги напаѓале тие брегови, монасите понекогаш ги прифаќале жените – но тоа се случувало многу ретко. Се пренесува и легендата дека српскиот цар Душан ја довел својата сопруга Јелена на Атос, носејќи ја во раце, за таа никогаш да не ја допре светогорската земја. Дури и теписите во манастирите биле поставени внимателно, за нејзините стапала да не ја допрат почвата.

Иако денес Света Гора брои околу 2.500 монаси, низ историјата сепак била посетена и од жени – од оние кои не можеле да ѝ одолеат на духовната магија на местото, и покрај забраната.

Освен сопругата на цар Душан, постојат извештаи за ќерката на византискиот цар Теодосиј I, руската принцеза Татјана, Гркинка што ја носела титулата Мис Европа во 1929 година, па дури и сопругата на британскиот конзул, освен фасцинантниот случај на храбрата Мариз.

Поврзани содржини