Има ли овој СДСМ на Филипче и на Заев друга идеја освен да ја брани бугарската кауза?

До кога Венко Филипче и кланот Дубаи ќе го држат СДСМ на позиции кои се одбрана на бугарската казуа и на политиката на вето кон Македонија? Како мисли СДСМ да излезе на избори со вакви ставови, спротивни на македонските национални интереси? До кога овие глупости и оваа суицидна политика ќе ти трпат другите луѓе од врвот на СДСМ?

4,028

Секогаш кога лидер на моќна опозициска партија ќе побара средба со лидер на владејачка партија, барањето треба да се прифати. Мора да се разговара, мора да се води политички дијалог. Ова е принципиелен став за кој се залагам постојано.

Но, да бев јас на местото на Христијан Мицкоски, верувајте, немаше и јас да одолеам да го одбијам најновото барање на Венко Филипче за лидерска средба.






Принципи си се принципи, ама ова лигавење веќе навистина не се трпи…

Не сфаќам како е можно Венко Филипче, неговиот спонзор Зоран Заев и од нив киднапираниот СДСМ, повторно, по кој знае пат, да се обидуваат да се факторизираат како субјект што ја води надворешната политика на оваа земја. Згора на тоа, поддржувајќи ги непринципиелните притисоци врз Македонците да го жртвуваат својот национален идентитет и на тој начин да го фателе „возот за Европа“.

Венко бе… На што личи ова?!

Во образложението на неговото барање за лидерска средба заради постигнување некаков „национален консензус“ за „евроинтегративниот пат“ на нашата земја, Филипче зборува ноторни глупости, враќајќи ги на политичката сцена тезите и реториката на неговиот претходник и сегашен спонзор од кланот Дубаи, Зоран Заев.

Тоа дека протоколот број 2, што го потпиша Историска комисија на Заев, не бил услов за нашиот напредок кон ЕУ, сепак е ноторна лага. Има дваесеттина изјави од официјална Софија, во кои недвосмислено и грубо се тврди токму спротивното.

Венко бе… Зошто ја шириш таа лага?

Од каде сега идејата Историската комисија да се проширела со странски експерти?

СДСМ имаше шанса да ја прошири својата Историска комисија – таа што беспоговорно ги прифати првите два спорни протокола – со странски, ама и со домашни ескерти, со такви кои не ги прифаќаат здраво за готово бугарските толкувања на македонската историја.

Венко бе… Зошто ти, како потпретседател на СДСМ и како близок соработник на Заев, не бараше тоа да се стори тогаш кога твојата партија беше на власт и ја водеше надворешната политика?

Точно е дека пораките на претседателот на Европскот совет Антонио Кошта и на еврокомесарката Каја Калас се јасни, ама точно е и тоа дека тие за македонскиот народ се неприфатливи. Влада избрана од народот не смее да го прифати ставот „она што е договорено е договорено и нема веќе за што да се разговара“. Бидејќи владите на СДСМ на Зоран Заев и на Димитар Ковачевски со Софија и со Брисел се договорија да се прифати бугарското негирање на самобитноста на македонската нација пред 1945 година и да се доведе под сомнеж постоењето македонски национален идентитет.

Венко бе… Што мака имаш па ја браниш таа кауза?

Ако СДСМ навистина сака сериозно да разговара за национален консензус за овие прашања, треба да стори најмалку три нешта.

Прво и најважно, Венко Филипче мора одлучно и недвосмислено да ги отфрли ставовите на Зоран Заев од она негово „славно“ интервју за бугарската агенција БГНЕС, во кое скандалозно застана на позицијата дека Македонците и Бугарите се ист народ, дека говорат ист јазик и дека имаат заедничка историја.

Венко бе… За да се квалификуваш за сериозни разговори и за национален консензус за ова прашање, мора да се охрабриш и да ги изговориш следните реченици:

– Македонија и Бугарија немаат заедничка, туку споделена историја.

– Гоце Делчев е македонски револуционер, кој се борел за слободата на Македонија. Тој не е „македонски и бугарски револуционер“, како што тврдеше другар ми Заев.

– Во текот на Втората светска војна, фашистичка Бугарија, до капитулацијата, не е „администратор“, туку окупатор во Македонија, сила на страната на Хитлерова Германија.

– Македонија нема претензии кон Бугарија, но има барања за македонското малцинство во таа земја. Треба да се почитуваат европските стандарди и пресудите на Судот за човекови права од Стразбур.

– Луѓето од Петрич и од Струмица не зборуваат на ист јазик, како што тврди Заев. Ако го зборуваат стандардниот македонски јазик, тогаш тој и во Струмица и во било кој друг град во Македонија е посебен јазик, кој се разликува од бугарскиот. Македонскиот јазик не е дијалект на бугарскиот јазик.

– Македонците и Бугарите не се ист народ и не зборуваат на ист јазик. Ние сме и ќе бидеме пријатели, можеби дури и како браќа, како и со другите словенски народи, ама не сме исти.

Второ, СДСМ мора да ја прифати новата реалност во Европската унија. Самите Европејци се погласно зборуваат за тоа дека со моделот на консензуално одлучување во Брисел веќе не може да се донесе ниту една позначајна политичка одлука, вклучувајќи ја тука и политиката на проширување. Во европски кругови се заговара и идејата билатераните спорови меѓу земјите претенденти, а посебно споровите за историски прашања кои немаат ама баш никаков актуелен импакт, да престанат да бидат услов за напредокот кон ЕУ.

Има ли намера СДСМ да ги следи и да ги поддржи овие трендови, или уште ќе не плаши со тоа дека Албанија и Црна Гора ќе влезат во ЕУ пред нас и и потоа овде ќе избиел меѓуентички конфликт?

И трето, без оглед во која насока ќе се движи процесот во иднина, Венко Филипче и кланот Дубаи веќе не смеат да го држат СДСМ на позиции кои се директна или идирекната одбрана на бугарската казуа и на политиката на вето кон Македонија. Не сакам да употребувам тешки думи, но мора да е јасно дека таа позиција народот ја доживува како предавничка.

Сосема на крајот, би сакал на Венкота Филипче да му овозможам јавно да ги ревидира ставовите на својот претходник, кои се директно спротивни на македонските национални интереси. Ако сака, нека повели тоа да го стори и во Плусинфо, на начин што тој го смета за погоден за јасна експликација на неговите лични ставови за овие прашања. По негов избор, може да дебатираме во поткастот на Плусинфо, може да напише колумна, може да избере било како „оружје“ по принципот „со книга на книга“.

А и не мора тоа да биде ова место, да се разбереме. Не патам јас од тоа да разговарам со Филипче. Само искажувам спремност да му помогнам да каже што мисли. Бидејќи, со ова што го прави сега, тој буквално го уништува она малку што преостанало од рејтингот на СДСМ и од довербата на членовите и симпатизерите на оваа партија.

Јас навистина веќе не знам дали воопшто имаат некоја друга политичка идеја Венко Филипче и кланот Дубаи, освен да ја бранат бугарската кауза и сервилно да се лепат на уценувачката реторика на бриселските бирократи.

Не разбирам, како мислат луѓето од СДСМ со вакви ставови да излезат на избори? Пак ли на народот ќе му кажат дека ние сме биле ист народ со Бугарите, дека сме зборувале ист јазик и дека сме имале заедничка историја?

А да бидам искрен, не знам и до кога оваа суицидна политика на Венко Филипче ќе ја толерираат другите луѓе од врвот на СДСМ. До кога ќе ги трпат овие глупости? На што ли се надеваат? До кога ќе молчат? Или сите во џебот имаат златни визи од Дубаи?

Поврзани содржини