СО КРЕАТИВНО ТОЛКУВАЊЕ НА ПРЕГОВАРАЧКАТА РАМКА МОЖЕ ДА СЕ НАДМИНЕ БЛОКАДАТА КОН ЕУ Граѓаните се заморени од преседани и од двојни стандарди, ѝ порача Давкова на Пирс

Спротивно на европските темелни вредности и принципи е негирањето на националниот и културниот идентитет, како и непочитувањето на дигнитетот и интегритетот на македонските граѓани, ѝ порачала претседателката Гордана Сиљановска Давкова на специјалната пратеничка на Обединетото Кралство за Западен Балкан, Карен Пирс.

545

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ја прими Карен Пирс, специјална пратеничка на Обединетото Кралство за Западен Балкан, чија посета ја оцени како јасен показател за британската заинтересираност и посветеност на регионот.

Според неа, оценувањето на напредокот на земјите треба да биде меритократско, со фокус на исполнувањето на Копенхагенските критериуми. Таа укажа на деструктивноста на билатерализацијата на преговарачкиот процес под закана со вето.






„Претседателката информираше за заситеноста и заморот на македонските граѓани од бројните преседани, блокади и двојни стандарди. За неа, спротивно на европските темелни вредности и принципи е негирањето на националниот и културниот идентитет, како и непочитувањето на дигнитетот и интегритетот на македонските граѓани. Можно надминување на блокадата, претседателката гледа во креативно толкување на Преговарачката рамка и на надлежноста на Мешовитата комисија за историски и образовани прашања“, соопшти Кабинетот на претседателката.

Специјалната пратеничка Карен Пирс изрази разбирање за потребата од надминување на македонската евроинтеграциска блокада, се додава во соопштението.

Соговорничките ја оценија британско-македонската соработка како успешна, изразувајќи подготвеност за нејзино продлабочување и проширување. Обете од претстојниот Самит на Берлинскиот процес во Лондон очекуваат важни придобивки за регионот, соопшти Кабинетот на Сиљановска Давкова.

 

Поврзани содржини