ДВЕ ТРЕТИНИ ОД ВОЗАЧИТЕ КАЗНЕТИ ЗА БРЗО ВОЗЕЊЕ Полицијата најавува уште поригорозни контроли
За еден ден казнети речиси 1.000 возачи низ цела Македонија.
Во рамки на вчерашните активности на полициските службеници од сите осум сектори за внатрешни работи при БЈБ на МВР, во врска со засилените сообраќајни контроли за почитување на сообраќајните правила и прописи на патиштата низ државава, биле издадени 968 платни налози.
МВР денеска соопшти дека од нив, поради непочитување на пропишаната брзина на движење беа изречени 636 платни налози, а за неправилно паркирање 57. Санкционирани се и 29 прекршоци заради некористење сигурносен појас, а 11 за користење мобилен телефон.
– Вчера се откриени и санкционирани и 81 лице поради непоседување возачка дозвола, а 27 возачи управувале возило под дејство на алкохол. Согласно пак одредбите од Законот за возила – четири возила се исклучени од сообраќај заради техничка неисправност, а 21 возило затоа тоа што не биле со валидна регистрација, соопшти МВР.
Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови.