МОЖНО Е ДА СЕ ПРОШИРИ ИСТРАГАТА, НО ЗАВИСИ ОД ДОКАЗИТЕ Обвинителот Коцевски за пожарот во Кочани

Во одговор на новинарско прашање дали ќе се прошири истрагата за полициските службеници кои биле вечерта во дискотеката „Пулс“, обвинителот Љупчо Коцевски рече дека сѐ до завршување на истрагата можно е евентуално проширување, но, посочува тој, тоа зависи од доказите и она што ќе го обезбедат јавните обвинители.

190

Републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски, денеска, пред почетокот на седницата на Советот за јавни обвинители изјави дека Јавните обвинители кои работат на истрагата за пожарот во Кочани, во моментов сослушуваат сведоци и оштетени лица кои знаат нешто за настанот, во меѓувреме, исто така, се координираат со вешти лица во однос на истрагата.

Во одговор на новинарско прашање дали ќе се прошири истрагата за полициските службеници кои биле вечерта во дискотеката „Пулс“, Коцевски рече дека сѐ до завршување на истрагата можно е евентуално проширување, но, посочува тој, тоа зависи од доказите и она што ќе го обезбедат јавните обвинители.






Според Коцевски, нема никаква селективност во истрагата досега, а нема да има ни понатаму.

— Во Јавното обвинителство за организиран криминал има постапка за 14 или 15 лица, за кои нема определено мерки притвор. Нема никаква селективност досега, нема да има ни понатаму. Како што веќе имам кажано, сѐ до завршување на истрагата можно е евентуално проширување, меѓутоа тоа зависи од доказите и од она што јавните обвинители ќе го обезбедат. Истрагата е во исклучително важна фаза сега, затоа не можам да споделувам подетални информации во однос на истрагите кои што се водат – рече Коцевски.

Дали е можно пролонгирање на постапката, со оглед на тоа што станува збор за обемна истрага со голем број осомничени лица, тој рече дека, според него, нема да се пролонгира постапката, имајќи ја предвид сегашната динамика на јавните обвинители.

— Во моментов има јавни обвинители кои работат и во Кочани и во Скопје, така што согласно динамиката со која работат, мислам дека нема да има никаков проблем да се заврши постапката во предвидениот рок – рече Коцевски.

На прашање дали се соочува со некакви притисоци во врска со начинот како да се води истрагата, имајќи во предвид фактот што владеачката гарнитура, претходно, имаше намера за отпочнување постапка за негово разрешување, Коцевски рече од почнување на истрагата немам никакви притисоци или евентуално закани.

— Истото го имам кажано неколку пати, се работи за политичка одлука. Во моментов од почнување на истрагата немам никакви притисоци или евентуално закани околу однос на тој дел – изјави Коцевски.

Коцевски, исто така, укажа дека на веб страницата на Обвинителството сите можат да споделуваат информации во врска со настанот, гарантирајќи дека тоа е доверливо и нема да излегува во јавност.

Во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани што се случи на 16 март, животот го загубија 62 лица, а близу 200 беа поврдени. Дел од повредени беа хоспиталзирани во земјава, а некои беа пренесени на лекување во странство.

Поврзани содржини