📷 СИЉАНОВСКА-ДАВКОВА СЕ РАКУВАШЕ СО ДОНАЛД И СО МЕЛАНИЈА Претседателката присуствуваше на погребната миса на папата Франциск
Папата Франциск го вложи сиот свој духовен капацитет и морален интегритет во решавањето на проблемите на обичните луѓе, но и глобалните проблеми и уживаше огромна почит од сите категории луѓе, од најсиромашните, до најбогатите и најмоќните, истакна претседателката Гордана Сиљановска Давкова.
„Голема чест ми беше да учествувам во церемонијата на оддавање немерлива почит и во испраќањето на папата Франциск во вечниот дом. Неспорно е дека овој скромен човечки џин го обележа векот, храбро чекорејќи по патиштата на милоста, добрината и човечноста“.
Ова, меѓу другото, на Фејсбук го напиша претседателката Гордана Сиљановска Давкова, објавувајќи фотографии како се поздравува со американскиот претседател Доналд Трамп и со првата дама на САД, Меланија Трамп.
„Си замина со љубов и солзи во базиликата Санта Марија Маџоре, откако го собра и обедини целиот свет, сиот народ, сите верници и верски великодостоинственици, државници, носители на највисоки функции. Папата Франциск го вложи сиот свој духовен капацитет и морален интегритет во решавањето на проблемите на обичните луѓе, но и глобалните проблеми и уживаше огромна почит од сите категории луѓе, од најсиромашните, до најбогатите и најмоќните. За време на неговата историска посета на Скопје, папата Франциск нè охрабри нас, македонските граѓани да опстоиме на својот посебен историски, национален и културен пат, неразделен од европскиот, изразувајќи ни разбирање, симпатија и поддршка“, напиша Сиљановска Давкова на Фејсбук.