„ЌЕ ТЕ УБИЈАМ ТЕБЕ И ТАТКО ТИ“ Пиштолџија од Кондово му се заканувал на дете
Кондовецот испратил видео клип на кој се гледа како пука со автоматска пушка додека бил на некоја свадба. Детето тоа видео го зачувало на телефонот. МВР информира дека денеска полициски службеници од СВР Скопје го лишиле од слобода Б.Ф.(35) од село Кондово, скопско.
Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кривични дела „Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или експлозивни материи“ од член 396 став 3 и „Загрозување на сигурноста“ од член 144 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Осомничениот 35-годишник, во неговиот дом во Кондово неовластено држел полуавтоматски пиштол „Црвена застава мод.70“ калибар 7,65 мм, со две рамки и 24 куршуми.
„Од февруари до 07.04.2025 година, преку апликацијата Ватсап осомничениот во неколку наврати сериозно се заканувал дека ќе нападне врз животот или телото на оштетено дете и врз животот и телото на таткото на детето. Со цел да се пофали дека поседува огнено оружје, осомничениот најпрво во февруари на телефонскиот број кој во тој временски период го користело детето, испратил видео клип на кој се гледа како пука со автоматска пушка додека бил на некоја свадба. Детето тоа видео го зачувало на телефонот. На 07.04.2025 година, кога детето веќе користело друг телефонски број, осомничениот, преку апликацијата му се јавил и му упатил сериозни закани дека ќе го убие него и неговиот татко, доколку ја објави снимката со автоматската пушка.
По неколку часа повторно му се јавил на детето и на висок тон продолжил со заканите, предизвикувајќи чувство на несигурност и страв кај него“, се наведува во соопштението.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот, бидејќи постојат околности што укажуваат на опасност од бегство и особени околности кои го оправдуваат стравот дека ќе го повтори кривичното дело.