ТАТКОТО АЛЕКСАНДАР КОНЕЧНО ИМА ЗБОР ПРЕД СУДОТ Ќе се одбрани ли дека нема вина за грабнувањето на неговата убиена ќерка Вања?

Јавноста со нетрпение го очекува сведочењето на таткото Александар Ѓорчевски и се прашува што ново може тој да открие во случајот, со оглед дека во воведниот збор најави помош со „имиња и презимиња“.

1,414

Александар Ѓорчевски, мистериозниот, тивок татко на убиената Вања Ѓорчевска (14) денеска ќе го дава својот исказ во Кривичниот суд Скопје, каде му се суди за помагање во грабнувањето на неговата ќерка, која беше свирепо убиена на 27 ноември 2023 година.

Јавното обвинителство го товари дека на обвинетите убијци, конкретно на Љупчо Палевски Палчо, му оддал информации кога неговата ќерка оди на сама училиште, без сестра си, за да биде грабната и за неа да се бара откуп. Ѓорчевски пак, тврди дека е невин.






Освен на првообвинетиот Палевски, им се суди и на Велибор Манев и Боре Видевски од Велес, и на Влатко Кешишев од Штип, за две грабнувања и две убиства на суров начин. Пет дена пред да ја убијат Вања од користољубие, во Велес го убиле 74-годишниот Панче Жежовски, за да му го земат „цитроенот“, кој им требал за грабнување на детето во Скопје.

Според полицијата – виновен!

Ладнокрвната ликвидација на детето, со куршум од близина во главата, додека клечела на колена, со врзани раце и нозе, ја запрепасти целата македонска и балканска јавност, која сè уште не може да се соземе од стравотните детали на злосторството. Но, вмешаноста на таткото во грабнувањето, кое заврши со убиство на сопственото дете, му додаде дотогаш невидена димензија.

Јавноста поттикната од обвинувањата што против Александар ги изнесе тогашниот прв полицаец Оливер Спасовски, го сатанизираше таткото како невиден монструм. Токму Спасовски по апсењето на дел од обвинетите на прес-конференција со шефот на ОЈО Скопје Гаврил Бубевски, рече дека „мотивот е користољубие, при што едно од лицата во договор и со знаење, според првичните сознанија, на член на семејството, го организира и извршува и кривичното дело, со цел да се изнудат пари од мајката на детето, од што сите осомничени би имале материјална корист“.

Оттогаш, Ѓорчевски е во притвор, прво затворски, а потоа домашен.

Со месеци на судењата петообвинетиот во случајот мора да трпи да е во близина на обвинетите за убиството на неговото дете. Молчи и седи со наведната глава. Се расплака на рочиштето кога Манев раскажуваше како ја грабнале кога излегла од лифрот. По воведниот збор, од септември досега проговоре само еднаш, кога го праша Манев, „зошто го убивте моето дете?“.

Што рекоа обвинителките, Ѓорчевски, Палевски и Туфегџиќ?

Во воведните зборови обвинителката Жаклина Крстевска Јосифовска рече дека Палевски, Манев, Видевски и Кешишев ја грабнале Вања откако нејзиниот татко Ѓорчевски му дал информации на Палевски кога таа оди сама на училиште. Обвинетите се обиделе да ја киднапираат Вања во петокот, на 24 ноември, откако Александар му јавил на Палчо дека Вања сама ќе оди во школо, бидејќи сестрата нема прв час. Но, поради метеж во сообраќајот, киднаперите задоцниле. Грабнувањето било извршено во понеделникот на 27 ноември, откако таткото Александар му јавил на Палчо дека Вања ќе оди сама и тој ден, а оваа информација ја знаел само тој.

Петообвинетиот Ѓорчевски со плачлив глас рече дека не учествувал во грабнувањето на неговата ќерка. Додаде дека од него не останал човек, дека тој умрел на 27 ноември и чувствува болка што не може да се објасни со зборови. Но, во процесот ќе помогне целосно да се расчисти работата со имиња и презимиња.

Палевски рече дека Александар, наместо да го плаче своето дете, е наместен од полицијата за да се изготви лажен мотив и врска меѓу нив двајца. Додаде дека не го познава.

Фото: Плусинфо

Бранителот на Александар, Владимир Туфегџиќ во воведниот збор рече дека обвинението против Александар е неосновано, а тој е жртва и постапил како секој родител чие дете е исчезнато. Адвокатот потенцираше дека растројството на Александар откако одлучил самиот да води истрага за исчезнатото дете, е искористено за тој да биде погрешно разбран и обвинет. Според него, обвинението е паушално и е резултат на лоша истрага. Александар не ги познава обвинетите, нема поврзаност со нив и нема умисла за грабнување, а мотивот за материјална корист не е докажан.

Рекоа, ама што докажаа за вината на Александар?

Обвинителството досега не презентираше никакви материјални докази со кои ја докажува вината на Александар. Обвинителките Жаклина Крстевска Јосифовска и Ана Стојковиќ Димитровска не го поврзаа со ниту еден од останатите обвинети. Не презентираа доказ дека тој се познава и дека воопшто комуницирал со нив, а особено не дека давал информации кога неговото дете излегува од дома.

Обвинителките се обидоа од обвинетите кои досега сведочеа да извлечат информации дека слушнале како Палевски телефонски разговара со таткото Ѓорчевски. Но, безуспешно. Сите тројца, Манев, Видевски и Кешишев, кажаа дека не го познаваат Александар и не слушнале дека Палевски разговара со него. Згора на тоа, сите тројца сведочеа дека во истрагата го посочиле како вмешан во грабнувањето под силна полициска тортура, односно ќотек. Рекоа дека по апсењето на 2 декември полицајците ги тепале во Полициската станица „Пролет“ и од нив барале да кажат дека Палчо за детето добил информации од таткото. Така и сториле, за да престане тепањето.

Фото: Плусинфо

И адвокатот на Ѓорчевски рече дека Александар бил тепан во полициска станица и дека има докази за тоа.

За да ја докажат вината на Александар обвинителките како сведоци ги повикаа инспекторите што ја водеа истрагата, началниците Дејан Димовски и Музафер Каришиќ и неговите блиски од семејството и пријателите со кои тој водел приватна истрага во потрага по Вања, во деновите кога таа се водеше како исчезната.

Началникот Димовски сведочеше дека Александар им бил сомнителен додека ја барале Вања, цело време им велел „џабе ја барате, убиена е“. Ѓорчевски бил снимен со камери од „Сејф сити“ како се движи кон „Александар палас“ и Качанички пат на 27.11.2023 година во 9.15 часот, а Вања е убиена во тоа време и во таа околина, поточно во атарот на селото Бразда. На полицајците им рекол дека отишол натаму, оти помислил дека ако е грабната Вања ќе има обид да се изнесе преку границата. Еден ден Александар ѝ рекол на мајката на Вања, Зорица Ѓорчевска, „не се секирај, ако побараат откуп, ќе земеме пари од Хари“. А во група со родители на Вибер, Александар ја згрешил групата и напишал „кажи колку пари треба“, но брзо ја избришал пораката. Според сведочењето на инспекторот Димовски, некои родители ја виделе таа порака и им кажале. Адвокатот Туфегџиќ, пак, објасни дека имала поинаква содржина, односно Александар ја критикувал бавноста на полицијата во истрагата, па ја избришал.

Блиските на Александар раскажаа како тој и неговиот кумашин Гоце Трајковски во деновите по грабнувањето ги собрале и ги прегледувале снимките од камерите околу зградата на Вања. Брзо сфатиле дека Вања не се движи пеш, туку со возило, па по прегледувањето на возилата на снимките од тоа утро сомнителен им станал „цитроенот“. И така ги поврзале грабнувањата на Вања и на Панче и го решиле случајот.

Што ќе каже Александар?

Јавноста со нетрпение го очекува сведочењето на таткото Александар Ѓорчевски и се прашува што ново може тој да открие во случајот, со оглед дека во воведниот збор најави помош со „имиња и презимиња“. Согласно досегашната одбрана, се очекува дека денеска Ѓорчевски ќе повтори како со неговите блиски ја барал исчезнатата Вања, како и дека во полициската станица му е вршена тортура, за да го признае своето учество, а тој не признал ништо.

Прашање е дали ќе посочи на тоа дека Обвинителството пропушти да изведе некои од доказите што ги прибави неговиот кумашин Гоце Трајковски, како што е снимката од бензинската пумпа во Велес на која се гледа Панче со „цитроенот“. Оваа снимка ја спомнаа инспекторите во своите сведочења, како и Трајковски. Според дел од адвокатите на обвинетите обвинителките намерно не ја изведоа таа снимка како доказ затоа што на неа Панче Жежовски е жив напладне на 22.11.2023 година, а според ЈО е убиен утрото тој ден.

Обвинителките ќе се обидат да ја докажат вината на Александар со своето испрашување, откако тој ќе заврши со исказот пред бранителот Туфегџиќ. Останува да се види дали ќе најдат пукнатина во неговата одбрана или имаат некој „ас во ракавот“ кој го чуваа за оваа прилика.

На денешното рочиште прво судијата Ивица Стефановски ќе го испрашува четвртообвинетиот Влатко Кешишев, кој сведочеше на претходните две рочишта. Кешишев призна дека учествувал во групата за грабнување. Убиството на Панче кај Рудник во Велес не го видел, оти бил далеку, а при убиството на Вања чувал стража на 20 метри растојание, се свртел и видел дека Палчо држи пиштол.

Претходно, третообвинетиот Боре Видевски негираше дека учествувал во злосторствата. Второобвинетиот Велибор Манев ги призна убиствата, но рече дека Вања ја грабнале по грешка, а требало да грабнат возрасна жена.

Поврзани содржини