ВО ПРВИОТ ИСКАЗ РЕКОЛ ДЕКА ПАЛЕВСКИ ГИ ИЗВРШИЛ УБИСТВАТА, ВО ВТОРИОТ НЕГИРАЛ СЀ Боре Видевски негира дека е вмешан во убиствата на Вања и на Панче
„Го прашав Палчо зошто го стори тоа, молчеше. Го запаливме ‘цитроенот’. Во партија пак го прашав ‘Зошто го стори тоа, не беше договорот да ја убиеме’, рече ‘да помине време, ќе бараме откуп од семејството’“, се наведува во записникот од исказот на Боре даден на 4 декември 2023 година во Обвинителство.
Бидејќи обвинетиот Боре Видевски на претходното рочиште негираше вина за грабнувањата и убиствата на Вања Ѓорчевска и на Панче Жежовски, обвинителите побараа да се прочитаат неговите искази дадени во Обвинителството на 4 и на 21 декември 2023 година.
Во записникот од испитување на Боре од 4 декември 2023 година тој вели дека останува на сѐ што кажал во полиција.
„Целата ситуација се договорила без јас да знам. Велибор ми спомна дека ќе се бараат пари, јас бев во криза и се согласив. Четворицата се договоривме да се земе колата на Панче, но да остане жив. Го грабнавме и отидовме до селото Рудник, го извадивме, го ставивме во грмушките. Јас и Влатко се вративме назад, а Палевски и Манев останаа кај дупката и слушнав истрел. Велибор го предложи Панче, оти му должел пари. Го грабнавме од дома, јас го удрив, тој падна, а Велибор го врза. Палчо му ги зеде клучевите и телефонот. Со ‘цитроенот’ и со ‘реното’ отидовме кај Рудник. Сите четворица го однесовме кај ископаната дупка. Јас и Влатко се вративме, и како што кажав, слушнав истрел. Се свртев и го видов Палчо со пиштол во рацете.
Во Скопје го прашав Палевски зошто го стори тоа. Рече дека така е почисто. Во неделата ми се јави Велибор да одиме во Скопје, оти требало да се грабне девојката. Таму Палчо ми кажа дека бил известен од таткото на девојчето дека утре ќе оди на училиште сама, треба да се грабне и да се однесе. Планот беше да бараме откуп и да ги поделиме парите. Тргнавме на 27.11 кон Радишани, каде јас и Влатко се преместивме во ‘цитроенот’. Палчо ни кажа во која зграда да одиме, ни рече да го земеме девојчето, знаеше во кое време точно ќе излезе. Ја отворивме вратата со шрафцигер. По пола час девојчето излезе, Велибор ѝ ја врза устата и ѝ рече да не вика оти ќе ја убие. Велибор ја стави девојката во гепекот, ѝ го зедовме телефонот. Палчо ни рече да го уништиме, Велибор го удри телефонот два пати со чекан, и јас го удрив. Стигнавме во Бразда, го отворивме гепекот, девојчето беше во вреќа. Палчо почна да ја прашува како се вика, кои ѝ се родители, каков имот има. Девојчето одговори дека татко им не ги сака, ама мајка ѝ сѐ ќе даде за неа. Имаат станови, имоти. Ја извадија од вреќата, слушнав истрел. Се доближив, девојчето лежеше во дупката, која не знам од каде се создаде таму. Велибор ја закопуваше. Го прашав Палчо зошто го стори тоа, молчеше. Го запаливме ‘цитроенот’. Во партија пак го прашав ‘Зошто го стори тоа, не беше договорот да ја убиеме’, рече ‘да помине време, ќе бараме откуп од семејството’.
После тоа си отидов во Велес и видов на мрежите дека девојчето се бара. Не знам колкав дел од парите јас требаше да добијам, не беше договорено. Мислам дека ги уби двајцата со ист пиштол. Неделата вечерта на Палчо му се јави некој. Палчо рече дека тоа беше таткото кој му рекол дека девојчето само ќе излезе утрото“, се наведува во записникот од исказот на Боре даден на 4 декември 2023 година во Обвинителство.
Во Записникот од 21.12.2023 е заведено дека Видевски рекол дека нема потреба од лекар и дека немало прекршување на полициските овластувања. „Неделата кога дојде полицијата кај мене, на 3.12, јас бев на пазар. Рекоа дека одиме во ПС Велес, таму ми ги зедоа телефонот и ташничето и ме однесоа во Скопје, во ПС Пролет. Ме симнаа во келија во станицата, ме качија во канцеларија и тогаш почна тортурата. Бев тепан насекаде, освен во главата. Се грижев за трансплантираниот бубрег. Јас не знам кој ме тепаше, претпоставувам дека беа инспектори. Тепањето траеше половина час и се засилуваше. Рекоа дека ако не кажам сѐ што бараат, ќе ми натоварат сѐ. Реков дека со Палевски се познавам неколку години, а со Велибор одамна. Кешишев го знам како готвач на Палевски, а Александар не го познавам. На 22.11 бев на работа. После се прибрав дома, после требаше да одиме на именден кај братот на мојата сопруга. Но, ѝ се слоши на мојата ќерка, отидов во Здравствен дом Велес, сопругата се погрижи за неа оти е медицинска сестра. Отидовме вечерта на гости.
Следното утро отидов на работа. Да појаснам дека јас сум понов на работното место во управната зграда на ЈП Дервен и немам картичка за куцање. Мојата работа беше да ги средувам нарачките. На 22.11 бев цел ден на работа. Во ЈКП Дервен работам со договор на еден месец, а последниот договор ми е на 6 месеци. Не го знам Панче, не го познавам. Во тоа село сум бил пред 10 години. Сакам да кажам дека тоа што претходно го кажав, на минатиот распит, беше од страв, под присила од полицијата. Не сум запознаен со предметните настани и не сум учествувал во нив. Бев исплашен за мојот живот и за моето здравје. Побарав Васко Стојков да ми биде бранител, тој е член на партијата, а бранителот по службена должност го прифатив, но немав доверба во него. Критичниот ден и наредните денови јас контактирав со Манев, можно е и да сме се сретнале. Со Кешишев нема шанси да се видам, освен ако не отидам во партија. На 26 вечерта околу 22.30 часот отидовме во партија, имавме состанок, требаше да организираме конгрес, сакавме да учествуваме на изборите.
Велибор е слободен само во недела и затоа во тој ден отидовме да се договараме. Собиравме и потписи против плановите за промена на името на црквата. Вечерта останавме до доцна и си легнавме. Утредента станав во 10, таму беа Палевски, Велибор, Кешишев. Во понеделникот не бев на работа имав земено 2 слободни дена. За тие два дена не поднесов барање за одмор, оти не прават проблем на работа.
Не знам колку члена има партијата, имаше 1.500. Не знам со кого контактирал Палевски. Не знаев дека е заминат од Македонија. Повторувам дека реков дека немало пречекорување на полициските овластувања од страв“, е наведено во записникот.
На прашањето зошто токму него полицијата го привела и е осомничен, Видевски рекол дека не знае. Тој негира дека бил на улицата Наум Наумовски Борче во Скопје и дека на 27.11.2023 година се возел во „цитроен“ или во „кангу“.
Видевски негира дека Палевски имал оружје. Рече дека не бил во населбите Радишани и Маџари, а во Бразда бил еднаш, во црквата во селото, каде се одржал првиот конгрес на Десна.
Адвокатите Бојан Манев, Горан Бошевски и Владимир Туфегџиќ немаа прашања за Видевски на денешното рочиште. Палевски го испрашуваше Боре и тој повтори дека нема врска ниту со „цитроенот“, ниту со делата.
– Дали сите наводи на Јавното обвинителство ги негирате во целост? – праша Палевски.
– Да – рече Боре.
– Дали еден полицаец, на околност оружје, или обвинител во текот на истрагата ве праша дали поседувате оружје? – праша Палевски.
– Сигурен сум дека не – рече Боре.
– Обвинителството наведе доказ во форма на прашање дека Манев ви пратил слика како Жежовски стои покрај „цитроенот“. Не ви беше чудно што ви праќа таква фотографија на 13.11.2023? – праша Палевски.
– Прво реков дека е можно, но не сум сигурен дека ми пратил слика. Но кој било може да ми прати слика по грешка, па многу работи така ги игнорирам – рече Боре.
Адвокатот Јовица Страшевски го праша Боре дали му е чудно што во истрагата Обвинителството и полицијата не му ја покажале фотографијата што му ја испратил Велибор Манев.
– Точно е, сликата воопшто не ми е покажана, ниту ми е спомната, ниту сум прашан – рече Боре.