ЧЕТВОРИЦА ПАЦИЕНТИ ОД ШПАНИЈА И ЕДЕН ОД ГРЦИЈА СЕ ВРАЌААТ ДОМА Во домашните болници се лекуваат 23 пациенти

Вчера се вратиле двајца пациенти - еден од Србија и една пациентка од Бугарија. Денеска се очекува да се вратат уште четворица од Шпанија и 1 пациент од Грција.

1,552

Петмина пациенти од странство денеска се враќаат во земјава, а четворица и натаму се во критична состојба, но засега се стабилни, информира министерот за здравство, Арбен Таравари.

– Да внимаваме што кажуваме бидејќи флуктуираат состојбите – предупреди министерот, во контекст на здравствената состојба на критичните пациенти.






Бројот на повредени лица од пожарот во Кочани кои се лекуваат надвор од земјата, денеска изнесува 113. Вчера се вратиле двајца пациенти – еден од Србија и една пациентка од Бугарија. Денеска се очекува да се вратат уште четворица од Шпанија и еден пациент од Грција.

Тие ќе бидат сместени во домашните клиники во првите 24 часа, како што е предвидено, под медицински надзор, а потоа ќе бидат пуштени на домашно лекување доколку не се утврди потреба од дополнителна хоспитализација.

По нивното враќање, бројката на пациенти што продолжуваат да се лекуваат во странство ќе се намали на 108. Сите пациенти што се враќаат се со изгореници.

– Бројот на луѓето што се враќаат се зголемува. Утре треба да се вратат уште четворица пациенти, но за тоа ќе ве известиме на утрешната прес-конференција – најави Таравари.

Министерот повтори дека веќе има понуди од неколку држави за прием на потешките случаи за рехабилитација во нивни установи.

– Веќе имаме понуди од одредени држави, за потешките пациенти на кои им треба рехабилитација, да бидат таму одреден период. Но, планираме да направиме и наш центар за оние пациенти на кои им треба рехабилитација – посочи министерот, додавајќи дека сè уште не е направен конкретен план, но дека јавноста ќе биде известена за понатамошните чекори на Министерството за здравство.

Во болниците низ Македонија во моментов се лекуваат вкупно 23 пациенти. Од нив, на Клинички центар има четворица – двајца во Клиника за пластична хирургија и двајца на Токсикологија. Во болницата „Св. Наум Охридски“ се згрижени шест пациенти, во ГОБ „8 Септември“ 9 – од кои еден е подготвен за испис, додека, пак, во приватната болница „Аџибадем Систина“ се лекуваат четворица пациенти, сите во стабилна и во добра здравствена состојба.

Во врска со состојбата во домашните болници, министерот посочи дека од 23 пациенти, кои се хоспитализирани во болниците во Македонија, половината би можеле да бидат пуштени за 5-6 дена. Сепак, дел од нив се веќе оперирани, со трансплантација на кожа, па ќе биде потребнa подолга рехабилитација.

– Не брзаме, ќе видиме. Кога ќе сметаат лекарскиот конзилиум и лекарите што ги лекуваат пациентите, тогаш ќе се пуштат. Но, во болниците во Македонија состојбата е стабилизирана – појасни Таравари.

Поврзани содржини