📽️ ЕРДОГАН СО ГУМЕНИ КУРШУМИ КОН ДЕМОНСТРАНТИТЕ Нова немирна ноќ во Истанбул по апсењето на градоначалникот
Некои учесници на протестот нападнаа полицајци, а во Анкара полицаец беше повреден во напад на маскирани лица.
Демонстрантите кои се противат на апсењето на градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу, четврта ноќ по ред одржуваат протести во тој град, во Измир и турскиот главен град Анкара.
Некои учесници на протестот нападнаа полицајци, а во Анкара полицаец беше повреден во напад на маскирани лица.
Полицијата пукаше со гумени куршуми кон демонстрантите, јави ТРТ Хабер.
Организатор на протестите е главната турска опозициска Републиканска народна партија (ЦХП).
Имамоглу од притвор ги повика турските граѓани да одржат масовни демонстрации низ целата земја бидејќи е принуден во затвор да чека да почне неговото судење.
Турското Министерство за внатрешни работи соопшти дека Имамоглу е сменет од функцијата откако бил уапсен под обвинение за корупција и тероризам.
Градскиот совет на Истанбул, каде што ЦХП има мнозинство, се очекува да избере вршител на должноста градоначалник во наредните денови.
Имамоглу е клучна опозициска фигура и потенцијален противкандидат на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на претседателските избори.
Тој беше приведен во средата под обвинение за корупција и помагање на терористичка група, но тој ги негираше обвиненијата, нарекувајќи ги „незамислива клевета“.
Турската влада негираше какво било влијание врз апсењето на Имамоглу, наведувајќи дека судството е независно.
Имамоглу (54), кој според некои анкети има поголема поддршка од јавноста од Ердоган, требаше да биде именуван за официјален кандидат на ЦХП на претстојните претседателски избори.
Градежна компанија, фудбалски клуб – и сега забрана за политичка дејност
Роден во 1970. година, Екрем Имамоглу студирал на Кипар и во Истанбул, каде што се стекнал со диплома за бизнис администрација. Пред да влезе во политиката, тој водел еден ресторан во Истанбул, специјализиран за ќофтиња. Ја водел и градежната фирма на неговото семејство, Имамоглу Инсаат. Од 2002. до 2003. година беше член на управниот одбор на Трабзонспор, клубот од неговиот роден град и еден од најуспешните турски фудбалски клубови.
Гледајќи наназад во минатото на претседателот Ердоган и Имамоглу, може да се извлечат многу паралели меѓу двајцата мажи. Имено, и двајцата во младоста биле успешни фудбалери. И двајцата потекнуваат од регионот на Црното Море. Во традиционално конзервативниот Трабзон, каде што израснал Имамоглу, тој посетувал и т.н. курс за Куранот, односно се стекнал со веронаука. Од 2019. година, Имамоглу е градоначалник на Истанбул, функција која Ердоган ја извршуваше меѓу 1994 и 1998 година. Во 2019. година, по поништените избори, Имамоглу во својот говор рече дека „нашиот пат е долг“. Без разлика на исходот од судската постапка, Имамоглу ќе остане влијателен политичар. Можеби и „навистина сè ќе биде убаво“. Но, се чини дека неговиот пат сè уште е долг и трнлив.