Кочина во Кочани или: пулсот на Македонија
Лов во матно, ситни души, пајтон интелигенција која, меѓу другите, е еден од главните виновници за сето она што ни се случувало во изминативе три децении и било поддржувано токму со нивниот молк, корумпираност, нечинење, вртење на главата кога се во прашање нивните политикантски фаворити, пазарење со сопствената совест но и со туѓи животи заради функции и сребреници.
Да не прозвучам грубо и бесчувствително (зашто воопшто немам таква намера) поради толку (повеќето) млади залудно загубени животи, но: можеше ли ова да се очекува? А со прашањето не мислам само на онаа кочина во Кочани претворена во „кабаре“ и помпезно викана Pulse, туку и на сѐ ова што потоа се случува. И на двете прашања има само еден одговор, за некого можеби неочекуван или непосакуван, но – да: сето ова можеше да се очекува.
Зашто, во ваква параспур држава, во ваква шизофрена демократија, при ваков кванташки пазар милно нарекуван политика и ваква сељачка „слобода“ на говор…, вакви нешта задолжително се случуваат. Оваа и таква „држава“ речиси три децении функционира како темпирана бомба, катастрофа со одложено дејство, нагазна Gyata-64 мина… којашто не знаеш кога ќе експлодира. И каде. Тие и такви односно вакви „држави“ само додаваат експлозив на ситуацијата, ги мултиплицираат опасностите наместо да ги намалуваат, ја зголемуваат армијата неспособни административци наместо да ја распуштат со декрет. Сега, денес, веднаш! Кај нас секогаш се оди со главата во ѕидот наместо тој да се урне. Или барем да се заобиколи.
Тврда глава? Не – празна глава!
Но и во таквите опасни по граѓаните држави има релевантна сигнализација што упатува дека многу нешта не се во ред, дека нештата чкрипат односно не одат во посакуваната насока, дека смртта демне веќе зад секое ќоше. Но ние мислиме дека таа чека некој друг а не нас или некој од нашите. Само неуките се крстат и бараат помош од Бога, умните ги поправаат грешките. Или барем гледаат да не продолжат во истата насока!
Нашата сигнализација за опасностите што демнат последниве години работеше турбо: автобуски несреќи, изгорени болници, најголем број КОВИД жртви во Европа, убивани луѓе на пешачки премини, да не ги броиме – зашто не можеме да доброиме! – починатите поради екстремното загадување… И сето тоа се случуваше во времето на една друга власт, за што сега токму тие бараат друг да биде одговорен?
Некој, некогаш, ќе (мора да) поднесе колективна тужба против државата и нејзините три власти за намерно убиство на своите граѓани во периодот 1992-2024 година. Тоа се цели 32 години башибозук, неспособност, неукост, некомпетентност… на сите три власти криминално испреплетени како свински црева, тоа се цели три децении игнорирање на проблемите или нивно – апсолутно смислено – експоненцијално зголемување. Колку поголем хаос, толку поголем профит!
Или, ако сакате, кога последен пат сте слушнале нешто за Кочани? За тоа што прават младите таму, колку ги има, какви места за забава имаат, каква културна инфраструктура има градот? Но не само Кочани, туку и, на пример, Радовиш, Делчево, Пробиштип, Македонска Каменица, Неготино, Демир Капија, Демир Хисар…? Кој од минатите самобендисани министри за култура отишол во овие места да види што се случува таму, или ако бил, кои се резултатите од посетите? Тоа и така, неодамна, го прашуваше актуелниот премиер заменик-претседателката на онаа сектана. Нека ги праша сега своите што правеа и какви им се резултатите во изминатите седум-осум години! Не само во Кочани.
Која национална институција од областа на културата последен пат била во тој град, или другаде, со своја програма? Кога во националните стратегии пишуваме за деметрополизација на културата, на што мислиме; или кога говориме дека барем 30% од програмите на националните културни институции треба да бидат дисперзирани во внатрешноста на државата бидејќи и тие луѓе таму плаќаат даноци и придонеси, на што мислиме? И ако македонските власти не обезбедиле во Кочани соодветни услови за младите во тој град, тоа ќе го направи некој друг, со Pulse! И што е тука чудно, особено за ваква криминално-коруптивна „држава“?
И кога ја спомнувам културата, тоа не го правам случајно. Зашто, сѐ е култура, онаа што во оваа загадена од простаци провинција ја нема веќе три децении. А кои мислат дека сега дојдоа нивните пет минути да заработат врз туѓата несреќа.
Но кога велам власт, не мислам на оваа власт зашто таа е тоа помалку од една година, одвај девет месеци. Или некој мислеше дека таа морала за тоа време да ги реши сите горливи проблеми во државата безмилосно натрупувани од претходните? Или пак оваа трагедија ѝ дојде како кец на десетка на онаа „пајтон интелигенција“ да тртља за некакви/нечии оставки со што би ги избришала трагите на злосторствата на нивните фаворити од изминатите години? И ќе ја злоупотребува трагедијата за свои политикантски цели?
А впрочем, зошто истиве шутраци не бараа оставки кога во Македонија умираа луѓе како муви од КОВИД пандемијата, кога последни во Европа добивме вакцини и тоа прво како помош од соседите? Знаете колку луѓе умреа во тоа време? Речиси десет илјади луѓе, безмалку цел еден град! Или тогаш „интелигенцијава“ не смееше да бара оставка на цела влада, или барем на министерот за здравство?
А кога гореше модуларната болница во Тетово? Истиот молк! А кога го кренаа во воздух претседателот на државата?
И како тоа сега сета оваа булумента стана толку гласна, згора и морална и хумана? Па еден србофоб кој беше и пајтон-пратеник сега сака да се прешалтува и да нѐ убеди дека некој друг го уништил системот; друга сакала да стане кралица на Македонија а бендот што внел пиротехника не бил виновен; на трет не му пречи фалсификуваната лиценца туку фалсификуваните сертификати за познавање англиски јазик; сектата, наводно, не сакала да ја политизира трагедијата, ама нѐ потсетува дека актуелниот министер за полиција е на таа функција веќе 13 месеци (иако нивниот беше во континуитет цели 84 месеци!) и дека оваа влада ги има институциите на системот девет месеци (а тие ги имаа цели седум години!) … итн, итн.
Лов во матно, ситни души, пајтон интелигенција која, меѓу другите, е еден од главните виновници за сето она што ни се случувало во изминативе три децении и било поддржувано токму со нивниот молк, корумпираност, нечинење, вртење на главата кога се во прашање нивните политикантски фаворити, пазарење со сопствената совест но и со туѓи животи заради функции и сребреници. Оваа интелектуална беда и јад се моторот на криминалот и корупцијата односно на нивната поддршка во политичките партии, тоа се луѓето кои три децении го држат во заложништво македонскиот граѓанин одработувајќи партиски и меѓународни агенди на штета на сопствената држава.
И токму тие, баш денес, бараат оставки од некого!
А ако пак веќе сакаат да се идентификуваат со паролите на српските протести – коишто, очигледно е, ги посакуваат и подбуцнуваат и кај нас – тоа отприлика би гласело вака: „Корупција е кога партиските профитери ќе помислат дека се новинари, професори, граѓански активисти…“!
Инаку, ако некој сериозно го бара лицето на ова македонско зло, на овој македонски Левијатан, ќе го најде токму во мозаикот од нивните ликови – гротескен групен портрет на провинциската македонска „интелигенција“ и нејзината отворена, или камуфлирана со молк, поддршка на партиските газди и нивните коруптивно-криминални политики. Со убиствени резултати!
Извор: Теодосиевски уметност