ФИНАНСИРАЊЕТО НА ОПШТИНИТЕ Е РЕНЕСАНСЕН ПОТЕГ НА ПРЕМИЕРОТ Допрва ќе се види разликата во Бутел, порача Костовски

Во однос на проектите кои се финансирани од Владата, градоначалникот на Бутел Дарко Костовски истакна дека тука ги одбрале најкрупните проекти кои биле ветувани 30 години наназад и сега отпочнуваат со реализација.

182

На синоќешното гостување на „ВМРО-ДПМНЕ Зборува со Вашиот градоначалник“, гостуваше градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски, кој ја отвори емисијата со тоа дека кога ја наследиле општината, ниту имало готов проект, ниту пак имало визија за некаков проект, а општината била во големи долгови.

– Не начекавме ниту еден готов проект, што можеме да го реализираме. Тоа значи дека немало план за работа што е навистина лошо, ниту пак имало некаква визија. По однос на долговите Општина Бутел беше една од најзадолжените општини на територија на Град Скопје, сега веќе скоро долгот е на нула сведен. Во однос на инфраструктурата морам да напомнам дека особено минатиот мандат, тие 4 години кога градоначалник од СДСМ администрираше со општината, навистина ништо не беше направено – изјави Костовски.






Костовски додаде дека е чудно како во Бутел минатото раководство со централна и локална власт, немале ништо направено.

– Дури и чудно е, како може да немаа ниту еден позначаен проект, на којшто јас сега би се сетил и без проблем би кажал, ете во време на претходниот градоначалник барем изградена е една градинка, или едно училиште, или направена е една од поважните сообраќајници, или пак е направен плоштад, или нов голем парк, спортски терен, некаков поголем посериозен спортски центар или било што и да е, доградба на училиште, фасада на некое училиште, буквално значи немаше ништо направено – потенцираше Костовски.

Околу реализираните проекти, Костовски се осврна на асфалтирани 200 улици, ново училиште и нови 2 градинки, многу нови спортско рекреативни центри, стипендии за спортисти. Тој рече дека е особено горд што проектите се забележани од граѓаните.

– Најгорд сум на новото училиште во Визбегово, новата градинка во Бутел 1 којашто за многу скоро треба да почне и со работа. Нов плоштад на територија на Општина Бутел, нови спортско рекреативни центри, до крајот на мандатот очекувам во секое населено место да имаме по еден таков центар – нагласи Костовски.

Освен што помагаме на спортските клубови во Бутел, додаде тој, помагаме и на спортисти, даваме стипендии лично на спортисти, со тоа што лани дадовме рекорден број на околу 105-110 стипендии, а оваа година ќе бидат над 200.

Околу финансиската поддршка од Владата за општините, Костовски напомена дека Бутел доби финансиска поддршка од Владата и направи разлика, како што рече тој, ако од општината годишно имале 1,5 до 2 милиони евра за капитални инвестиции, сега со помош на Владата, ќе имаат три пати повеќе, односно 6 или 7 милиони евра.

– Премиерот Мицкоски направи ренесансен потег за општините и тоа мора често да го забележуваме и да го изнесуваме во јавноста. Колку за илустрација, Општина Бутел од 1,5 до 2 милиони евра максимум за капитални инвестиции годишно од Буџетот, а сега веќе имаме 6 или 7 милиони евра годишно за капитални инвестиции и тука можете да ја видите разликата – појасни Костовски.

Во однос на проектите кои се финансирани од Владата, Костовски истакна дека тука ги одбрале најкрупните проекти кои биле ветувани 30 години наназад и сега отпочнуваат со реализација.

– Нов парк во Радишани од 10 илјади метри квадратни, во финиш е коритото на реката Серава и патеката на река Серава. Ќе отпочнеме изградба на нова поликлиника, две фасади на училишта, голем плоштад во центарот на Бутел, два моста на реката Серава, асфалтирање на 70 улици и многу други проекти. Ова се проекти коишто навистина граѓаните со срце ги очекуваат, а ние сме тука да ги реализираме – заклучи Костовски.

Поврзани содржини