МИСЛЕЛЕ ДЕКА ГРАБНУВААТ ЌЕРКА НА ФАРМАЦЕВТ, ПАЛЧО ВО НИЕДЕН МОМЕНТ НЕ РЕКОЛ ДЕКА ВАЊА Е ГРЕШКА Манев му обезбедил сместување на Палевски во Баликесир
Кога бев во притвор, влегуваа по 3 или 4 пати дневно, по тројца, со палки, ме удираа по 10 до 15 пати и си заминуваа. Во меѓувреме влегуваа други службеници кои продолжуваа со распит, што, како, зошто. Колабирав од тепање, паднав на плочките, сведочи обвинетиот Манев.
Обвинителката Жаклина Јосифовска Крстевска како дежурен обвинител го испрашувала второобвинетиот Велибор Манев вечерта на 3 декември 2023 година кога бил приведен во полициска станица во Скопје.
– Точно ли дека во моментот на вашето испитување бевте прашан дали се чувствувате добро и при тоа за вас немаше констатирано никаква повреда, ниту пак вие се пожаливте дека сте добиле повреди во полиција? – праша таа.
– Ако се погледне снимката од изјавата која ја дадов, ќе забележите модрица на левото око – рече Манев.
– Снимен сте на 06.12.2023 во ОЈО, а не сте сниман на 03.12.2023. Точно ли е дека по испитувањето во ОЈО Скопје, по поднесениот предлог за притвор, бевте изведен кај судија на претходна постапка во Кривичен суд, каде исто така, кажавте дека немате никакви повреди или малтретирања од службените лица? – праша обвинителката.
– Цело време бев под притисок и закана од инспекторите за малтретирањето, кое продолжи и после, во самиот притвор. Тоа можам и да го докажам – рече Манев.
– Имавте ли бранител во станица? – праша обвинителката.
– Немав. Не ми дозволија – рече Манев.
– Адвокатот Васил Стојков нели беше ваш бранител во полициска станица? – праша обвинителката.
– Не – рече Манев.
– Точно ли е дека ваши повреди не се забележуваа ниту во моментот кога бевте изведен во ОЈО, ниту кога бевте изведен пред судија на претходна постапка? – праша обвинителката.
– Бев под тортура. Не само од инспекторите кои ме испитуваа во станица, туку и во притворот. Влегуваа по 3 или 4 пати дневно, по тројца, со палки, ме удираа по 10 до 15 пати и си заминуваа. Во меѓувреме влегуваа други службеници кои продолжуваа со распит, што, како, зошто. Колабирав од тепање, паднав на плочките. Бев скоро здрвен затоа што лежев на сунѓер на земја, немав душек. Легнав на сунѓерот. Слушнав како ѕирнаа низ шпиунката и видоа дека сум префрлен на сунѓерот, рекоа добар е, се освестил. На вториот распит ме прашаа дали ми треба медицинска помош, но јас бев под закана да не зборувам за тоа. После распитот ризикував и побарав да бидам врзан за радијатор и да останам насамо со обвинителката, која ќе биде безбедно оддалечена од мене за да не можам да ѝ наштетам и за да ѝ ја кажам присилата под која се наоѓам – рече Манев.
– На вашето испитување на 06.12.2023 во ОЈО Скопје ви беше прочитана Наредбата за истрага за кривичното дело извршено врз Вања на 27.11 и врз Панче на 22.11.2023 година. Точно ли е дека во периодот пред кривичните дела, вашата финансиска состојба бил лоша, како и финансиската состојба на партијата Десна? – праша обвинителката.
– Да. Поголемиот дел од моите финансии ги дадов на партијата. Партијата е нова и нема пари – рече Манев.
– Пред грабнувањето на Вања дали сте биле со другите обвинети во зградата на Наум Наумовски Борче? – праша обвинителката.
– Да. Палевски нѐ однесе да ни покаже каде живее жената која треба да ја грабнеме – рече Манев.
– Точно ли е дека додека сте ја врзувале Вања во влезот и сте ја пикнале во вреќа, не наишло женско лице на возраст од околу 40 години? – праша обвинителката.
– Не наидува жена – рече Манев.
– Во споредба со Кешишев и Видевски, вие најдобро го познавате Скопје? – праша обвинителката.
– Го познавам прилично. Мајстор сум и работам секаде.
– Точно ли е дека во март 2020 имате група на Телеграм, креирана од Палевски, само со вас, Стефан Димковски и лице Мите Кондов? – праша обвинителката.
– Палевски нон-стоп правеше некои комбинации и групи, можно е во тој период да сум бил во една од тие групи на Телеграм. Јас, Мите и Стефан, сме одговорни координатори за одредени области, па за подобар контакт меѓу себе, сигурно сме биле дел од таа група – рече Манев.
– Имавте ли комуникација со Палевски за набавка на квалитетни радиостаници? – праша обвинителката.
– На интернет ги нашол, ги купил – рече Манев.
– Најчесто преку Телеграм ли комунициравте? – праша обвинителката.
– Да, редовно – рече Манев.
– Рековте дека сте гледале во некој објект пред убиството на Вања. Точно ли е дека на километар од местото каде што е најдено телото нема никаков објект? – праша обвинителката.
– Во лозјата кои не беа обработувани имаше објекти, не големи, туку мали сопчиња, бетонирани, три на три. Ги има таму тие објекти – рече Манев.
– Точно ли е дека на местото Дупки е претходно ископана дупката? – праша обвинителката.
– Не – рече Манев.
– Рековте дека не сте се согласиле со тоа што Панче е убиен кај земуницата од страна на Палевски. Од моментот на убиството на Панче, до Вања се поминати повеќе денови. Точно ли е дека вие никаде не пријавивте дека се случил таков настан? – праша обвинителката.
– Точно е. Бев под закана дека ќе ми страда фамилијата – рече Манев.
– Ни таа закана не ја пријавивте? – праша обвинителката.
– Прво за тоа им реков во полиција кога почна испитувањето. Прво им реков „Заштитете ми ја фамилијата, па после сѐ ќе ви кажам“. И по 27 ноември, кога е убиена Вања, сѐ до 03.12, кога сте приведени, вие никаде не пријавивте за тоа што се случило со Вања? – праша обвинителката.
– Не, бев под закана, а живеев како дух – – рече Манев.
– Точно ли е дека од 27.11 до 02.12.2023 сте оствариле голем број разговори на Телеграм со Палевски? – праша обвинителката.
– Ми се јавуваше редовно – рече Манев.
– Точно ли е дека средувате да му обезбедите стан во Турција? – праша обвинителката.
– Да, преку мојот пријател, кој после настанот веќе не ми е – рече Манев.
– Во време на настаните не ги носевте со вас мобилните телефони, така? – праша обвинителката.
Манев потврди.
Тој со неговиот „мерцедес“ на 27 ноември 2023 година вечерта удрил во карпа, падната од одрон.
– Кажавте дека во утринските часови на 23.11 сте се упатиле кон куќата на Жежовски. Дали датумот беше лапсус? – праша обвинителката Ана Стојковиќ-Димитровска.
– Не е лапсус. Панче беше грабнат на 23 ноември и убиен истиот ден. Четвртокот прв пат пробавме во Скопје да ја грабнеме жената, но задоцнивме, петокот беше неуспешен затоа што излезе некоја жена од дуќанот на сутеренот и во понеделникот ја земавме Вања, а не знаевме дека е Вања – рече Манев.
– Вака како што кажувате сега, се изведува заклучок дека на ист ден, во четврток, на 23.11 сте го грабнале и убиле Панче и сте имале обид да ја грабнете Вања – забележа обвинителката.
– Мислев дека 23.11.2023 година е среда и затоа вака кажувам – рече Манев.
– Од ова може да заклучам дека не сте сигурен дека грабнувањето и убиството на Панче е извршено во ден среда – рече обвинителката.
– Да, среда наутро – нагласи Манев.
– Рековте дека од личноста која треба да е грабната во Скопје ви е покажана слика од Палевски – рече обвинителката.
– Да, повеќе слики, 3 или 4, од иста личност – рече Манев.
– Точно ли е дека од страна на Палевски сте биле известени дека личноста излегува од дома во 7.20? – праша обвинителката.
– Да. Претходно повеќе денови, 10-ина дена ја следел редовно кога излегува и каде се движи – рече Манев.
– Дали непосредно пред да го извршите грабнувањето на Вања, вие пред себе ја имавте фотографијата на личноста што требаше да биде грабната? – праша обвинителката.
– Да, редовно ни ги покажуваше сликите, за полесно да ја запомниме, особено на Боре – рече Манев.
– Во право ли сум ако заклучам дека детето Вања се појави на местото точно во 7.20 часот и имајќи ја претходно фотографијата, вие всушност не сте имале никаква дилема дека тоа е лицето кое треба да го грабнете? – праша обвинителката.
– Според сликите што ни ги покажуваше и детево што излезе беше идентично. Долга права коса, костенлива, слабичка, висока и немавме сомнеж дека е друга личност од онаа која е на сликата. Во таа темнина и отсјајот што доаѓаше, колку што можевме да видиме – рече Манев.
– Рековте темница, но факт е дека детето излегува од осветлен лифт, а грабнувањето е во утрински часови, во 7.20. Во исказот рековте дека пред критичниот момент на убиството Палевски ѝ поставувал прашања на Вања која е, од каде, кои ѝ се мајка и татко. Значи ли тоа дека тогаш веќе имавте доволно информации за идентитетот на детето – праша обвинителката.
– Освен тоа дека е дете, немавме други информации, чија е, која е… – рече Манев.
– Вие не ги слушнавте одговорите од детето кон Палевски? – праша обвинителката.
– Ги слушавме. Претходно кажав дека кога видов дека е дете на Палевски му рековме дека е грешка и треба да го пуштиме. Тој рече „сѐ е таман, сѐ е чисто, немај гајле“ – повтори Манев.
– Значи ли тоа дека Палевски всушност во ниеден момент не рекол дека Вања е грешка? – праша обвинителката.
– Да – рече Манев.
– Во вашиот исказ спомнавте дека една од можните жртви требало да биде ќерка на фармацевт. Значи ли тоа дека вие мислевте дека ја грабнувате ќерката на фармацевтот? – праша обвинителката.
– Точно е. Мислевме дека грабнуваме ќерка на фармацевт. Името не му го знам, тоа го знае организаторот Љупчо Палевски. Сѐ што знам дека тоа е ќерка од прв брак на некој фармацевт – рече Манев.
– Точно ли е дека не добивте пари? – праша обвинителката.
– Да – рече Манев.
– Точно ли е дека не побаравте пари? – праша обвинителката.
– Како ќе ги бараме кога не е тука, замина за Србија, па за Турција – рече Манев.
– Ќе се согласите ли со мене дека пари требаше да бидат побарани од мајката на детето и дека за тоа имаше договор меѓу Палевски и таткото на детето, Александар, за што вие сте знаеле посредно, преку обвинетиот Кешишев? – праша обвинителката.
– Никогаш не сум слушнал од Кешишев дека од некого треба да се земат пари и од кого да се земат. Претходно кажав дека таткото ми го покажаа прв пат на слика во полициска станица на распит. Инспекторите ми наредија да кажам дека Палевски и Александар имаат контакт. Кажав дека таткото не го познавам и не знам дали контактира со Палевски. На ниеден распит или изјава немам кажано дека тие двајца контактираат – рече Манев.
– Може ли да изведам еден заклучок дека вие не сте имале умисла да го убиете Панче, ниту Вања, туку вашата замисла била дека можете да грабнете човек, да го ставите во дупка од 4 метри, која ја нарекувате земуница, да го држите таму 5-6 дена и да го пуштите потоа со мисла дека никој нема да дознае? – праша обвинителката.
– Со мала разлика. Идејата беше да се земе пензионерот Панче, да се спушти во земуницата, да биде таму 24 часа до грабнувањето на жената и да се направи размена. Жената да се држи 2-3 дена додека да се земат пари од нејзиното семејство – рече Манев и додаде дека носеле медицински маски и капче преку главата, им се гледале само очите.