ЗОШТО ЕКСПЛОДИРАШЕ РАКЕТАТА НА КОМПАНИЈАТА НА ИЛОН МАСК? Откриени се интересни детали за самоуништувањето на „Старшип“
Ракетата се самоуништи над британските карипски острови Туркс и Кајкос околу 10 минути по лансирањето од Тексас.
Американската вселенска компанија „Спејс-икс“ (SpaceX) ја откри причината за намерното уништување на горната фаза на седмата ракета „Старшип“ (Starship) на 16 јануари и соопшти дека веќе се подготвува ново лансирање.
Ракетата се самоуништи над британските карипски острови Туркс и Кајкос околу 10 минути по лансирањето од Тексас (САД).
Според „Спејс-икс“, проблемот бил предизвикан поради истекување на гориво меѓу резервоарот за кислород и топлинскиот штит, па сите мотори, освен еден, се исклучиле. Системот за самоуништување бил активиран по протокол, по што следувала експлозија која, за жал, го нарушила воздушниот сообраќај, но предизвикала многу мала штета на теренот.
Во меѓувреме, компанијата се подготвува за осмиот тест кој би можел да се спроведе веќе в петок, на 28 февруари. Но, претходно, американската Федерална управа за авијација треба да ја потпише истрагата на „Спејс-икс“ пред да издаде дозвола за следното лансирање на ракета „Старшип“.