МАСК ПОНУДИ 97,4 МИЛИЈАРДИ ДОЛАРИ ЗА ОПЕН АИ, АЛТМАН ДЕСЕТ ПАТИ ПОМАЛКУ ЗА ИКС Се скараа природниве интелигенции, тешко на вештачките!
Односите меѓу Илон Маск и Сем Алтман станаа крајно напнати. Двајцата се меѓу основачите на непрофитната организација ОпенАИ. Но, ОпенАИ во 2019 година основа подружница, а во 2022 година го лансираше ЧатЏПТ. Останатото е историја. Која на Маск не му се допаѓа. А еве и зошто.
Илон Маск ја предводи групата инвеститори кои имаат за цел да купат контролен пакет во ОпенАИ (OpenAI) за 97,4 милијарди долари, објави синоќа „Вол Стрит Џорнал“. Понудата е за непрофитна организација која ја надгледува оваа компанија за вештачка интелигенција, а според медиумот, адвокатот на Маск Марк Тобероф потврдил дека понудата е официјално поднесена денеска.
Медиумот ја цитира и изјавата на Маск, проследена од неговиот адвокат Тобероф: „Време е ОпенАИ да се врати на своите корени како отворен, безбедносно ориентиран проект за општото добро“.
Извршниот директор на ОпенАИ, Сем Алтман, му одговори на Маск на платформата Икс (поранешен Твитер): „Не, благодарам, но ако сакате, би можеле да го купиме Твитер за 9,74 милијарди долари“.
Маск возврати нарекувајќи го Алтман измамник.
Овој конфликт доаѓа во време кога односите меѓу Маск и Алтман станаа крајно напнати. Маск и Алтман се меѓу основачите на ОпенАИ, основана во 2015 година, како непрофитна организација со цел истражување на вештачката интелигенција.
Откако ОпенАИ во 2019 година основаше комерцијална подружница и го лансираше ЧатЏПТ (ChatGPT) кон крајот на 2022 година, што предизвика глобален интерес и бран инвестиции во генеративна вештачка интелигенција, Алтман се соочи со критики од Маск.
Инаку, СофтБанк (SoftBank), според неодамнешниот извештај на Си-Ен-Би-Си (CNBC) е блиску до затворање на инвестицијата од 40 милијарди долари во ОпенАИ, по што вредноста на компанијата би можела да достигне 260 милијарди долари.
Маск моментално води свој стартап со вештачка интелигенција ИксАИ (xAI), како конкурент на ОпенАИ. Маск поднесе и тужба против ОпенАИ, обвинувајќи го за кршење на антимонополските закони и обид за спречување на нејзината понатамошна транзиција во профитна компанија.