ЗА КАНАДА СЀ Е НА МАСА, МЕКСИКО ПОВИКУВА НА ЛАДНИ ГЛАВИ ПО ОДЛУКИТЕ НА ТРАМП Трудо им најави на Канаѓаните дека ќе имаат трошоци

Трудо смета дека на Трамп му се потребни ресурсите на Канада за да ги постигне своите планови и Америка навистина да доживее „златно доба“, како што најави на инаугурацијата.

3,481

Канадскиот премиер Џастин Трудо денеска изјави дека Канада „одлучно и брзо ќе одговори“ доколку САД на 1 февруари воведат царини од 25 отсто за Канада и за Мексико, како што вчера најави американскиот претседател Доналд Трамп, веднаш по неговата инаугурација.

– Сè е на маса и го поддржувам принципот на идентични тарифи – рече Трудо на прес-конференција.






Ќе има трошок за Канаѓаните, додаде тој.

Трудо смета дека на Трамп му се потребни ресурсите на Канада за да ги постигне своите планови и Америка навистина да доживее „златно доба“, како што најави на инаугурацијата.

– Трамп рече дека сака да ја воведе Америка во златно доба, а тоа ќе бара повеќе челик и алуминиум, повеќе критични минерали, посигурна и прифатлива енергија, повеќе од сè, за американската економија да се движи напред со максимална брзина – рече Трудо на прес-конференцијата, коментирајќи ја ескалацијата на односите меѓу двете соседни земји.

Мексиканската претседателка Клаудија Шејнбаум повика на „ладни глави“ во врска со првите одлуки на Трамп кои директно ја засегаат нејзината земја.

– Важно е секогаш да се задржи ладна глава и да се држиме до потпишаните декрети, а не до зборовите – рече претседателката на нејзината редовна утринска прес-конференција.

Таа оцени дека првите мерки на Трамп поврзани со миграцијата се слични на оние од неговиот прв мандат во Белата куќа (2017-2021).

– Засега треба да се држиме до декретот. Затоа велам дека треба да останеме смирени и со ладна глава и да одиме чекор по чекор – рече мексиканската претседателка.

Поврзани содржини