НЕКРОФИЛСКИ ОБИД НА СДСМ ДА МАНИПУЛИРА СО НАРОДОТ Кој дозволи бандити да се пресметуваат по улици и кој стоеше зад скандалите со кражба на оружје?
Министерот за внатрешни работи вели дека пукањата и убиствата што денес ги гледаме се наследство од владеењето на СДСМ, кој дозволи полицијата да биде контролирана од криминалци, додека народот беше оставен незаштитен.
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски реагира на обвинувањата од СДСМ „100 дена Влада на Мицкоски, а 300 скандали, најмногу од нив поврзани со работата на МВР и министерот Тошковски“. Тој вели дека е разочаран од, како што истакна, некрофилските обиди на СДСМ за манипулација на народот со обвинување за наводната неспособност на МВР во овие 100 дена.
„Сметам дека истите се само очаен обид да го свртат вниманието од седумгодишниот хаос и уништувањето на безбедносниот систем што тие го оставија зад себе. Тврдењето дека за време на моето раководење со МВР е расчистен само еден случај е целосно лажно и манипулативно, со цел да се дезинформираат граѓаните. Според официјалните бројки на МВР, во 2023 година имало 23 убиства од кои 2 нерасветлени, додека во 2024 година до месец октомври има 16 убиства, од кои исто така само 2 се нерасветлени. Овие податоци покажуваат дека ситуацијата не само што не е влошена, туку е и подобрена од аспект на намалување на бројот на убиства“, напиша министерот на Фејсбук.
Тој потсети за убиствата во изминатите седум години и оцени дека тогашните владејачки структури дозволиле криминалците да владеат на улиците, да пукаат во трговски центри, да тероризираат граѓани и да ја претворат полицијата во извршител на нивните интереси.
„Пукањата во „Ист Гејт“, каде криминалци пукаа сред бел ден, мафијашките убиства во „Шиша бар“ и Бутел, двојното убиства во Топанско Поле, бегствата на затвореници – сето тоа не се случи во овие 100 дена. Овие настани чии извршители ден денес се непознати, се резултат на долгогодишното уништување на системот, кој тие го претворија во механизам што им овозможуваше на криминалните структури да дејствуваат слободно. За време на нивната власт, која сега се осмелува да зборува за неспособност, пасоши се делеа на меѓународни криминалци – 215 нарко босови и лица со меѓународни потерници добија македонски документи и се движеа слободно низ Европа“, додаде Тошковски.
Граѓаните многу добро знаат кој дозволи бандити да се пресметуваат по улиците на Скопје и кој стоеше зад најголемите скандали со кражба на оружје од полициските депоа и организирани напади врз полициски службеници во станиците. Наместо да се справат со организираниот криминал, тие соработуваа со него, оставајќи ги институциите немоќни да ги заштитат граѓаните, истакнува министерот.
„Да не заборавиме и дека токму во нивно време се случија корупциските афери како „Рекет“, каде највисоките државни функционери беа замешани во изнуда и злоупотреба на моќ. Пукањата и убиствата што денес ги гледаме се наследство од нивното владеење, кое дозволи полицијата да биде контролирана од криминалци, додека народот беше оставен незаштитен. Ние најавивме бескомпромисна борба со овие криминални структури, почнавме да го обновуваме системот и да ја враќаме контролата врз безбедноста и правдата, но не може веднаш да се реши она што беше систематски уништувано 7 години“, нагласи Тошковски.