Тракторот на прогресот
Токму тој „прогресивен трактор“ дефинитивно ја прегази државата вртејќи се во концентрични кругови без траг и глас, немо и приглупо, но секогаш во полза на онаа секташка врхушка која потоа се смести во Собранието и оттаму гласно молчи.
Многу сериозни нешта од македонското современо живеење, особено оние нешта што доаѓаат од сферата на политиката, ги примаме прилично одлесно односно лековерно, дури наивно и често непромислено безгрижно, небаре тие не нѐ допираат на ниту еден начин или не влијаат на нашата сегашност и иднина. Не толку сите оние политикантски прогласи на партиите, особено оние на сектана на заевистичко-филипчевистички зависници, туку и на онаа сурија нивни „интелектуални“ приколки кои секојдневно ја бомбардираат јавноста со нивни „анализи“ и „експертски“ прогнози, со отворените навивачки памфлети божем сме пред избори, а со коишто однапред сакаат да ја намалат штетата од она седумгодишно нивно дивеење со пајташите од дуи (малите букви се… знаете веќе што) коешто полека излегува на површината.
И тука најмал, или најефтин – соодветно на персоната – е оној сељачки скандал со злоупотреба на службената картичка на една страотно неспособна нивна „министерка“ или оние 86 задолжени телефони од некаков сличен простак. Иако и за тоа тие никако не говорат. Но уште помалку говорат и за оние 240 милиони евра за 12 километри пат до Блаце, за „пругата“ кон источниот сосед, за криминалите во РЕК или МЕПСО… итн. Како што, впрочем, онака гласно молчеа за пожарот во модуларната болница во Тетово, за скандалите со вакцините, за автобуските несреќи, за тотално неспособнине Грковска, Спасовски, Османи и останатото министерско братство и нивните политикантски перверзии и слично.
Се разбира, нема ни збор да се каже за новите мерки за влез во ЕУ, што ќе важат и за нас, а што ни ги подготвува љубената ни Европа. Ама повторно: ние сме виновни за наводно сопрените евроинтеграции!
И го гледате ефектот: дури и сега, по промената на власта, се молчи за тоа небаре било – ланскиот снег што го немавме! Тоа е важниот ефект на двете пресметани нешта: на молкот како стратегија дека она за што не се говори не се случило, и второ, на јавниот говор за нешта што не се случиле, или се случиле многу одамна, но добиваат современ призвук. Затоа и дијагнозата за „катастрофалниот старт“ (божем оние „прогресивцине“ освојуваа златни медали и соборуваа светски рекорди!), за „гневните нации“ (од каде пак сега испаднавме и гневни?), хумористичните обиди да нѐ подучат да сме уживале во „придобивките од сопствениот напредок“ (sic!) итн. Просто да не верувате што читате и на што сѐ се подготвени луѓево само за да ја замаглат вистинската перцепција за нивнана „социјалдемократска“ тајфа што себеси сакаше да се претстави како – прогресивна.
А говорејќи за капиталистичкиот прогрес, вреди човек да ги потсети на Луис Мамфорд – by the way американски историчар и социолог – и неговата „доктрина на прогресот“, во којашто тој вели: „Прогресот беше трактор којшто самиот си ја поставуваше трасата и не оставаше постојани траги, ниту пак се движеше кон замислена и хумано посакувана дестинација. Самото движење беше целта (…)“. Таков беше и „тракторот“ на магистерот по економија Заев, и на неговиот следбеник, а сега и на докторов кој решил да глуми политичар: тој трактор не водеше никаде, важно беше само да се движи, барем во круг, бидејќи Македонија е полна со лековерни луѓе кои веруваат во процесот а не во – резултатот! Движењето требаше да сугерира работа, посветеност, прогрес…, иако не даваше никаков резултат. Слепците ниту знаеа што е тоа прогрес, но важно ја продадоа неговата „идеја“ на јавноста токму преку нивнава подопашна клиентела која и понатаму ни сервира „теории“ од тој клуб!
Токму тој „прогресивен трактор“ дефинитивно ја прегази државата вртејќи се во концентрични кругови без траг и глас, немо и приглупо, но секогаш во полза на онаа секташка врхушка која потоа се смести во Собранието и оттаму гласно молчи. Или пелтечи, со еднаков „резултат“. Но нивниот молк го заменува движечката сила на непрекинатото вртење на „тракторот“ низ ангажманот на континуираното јавно верглање на онаа „прогресивна“ квази-интелектуална фела којашто со тоа заработува на различни начини, не грижејќи се за последиците. Дури и свесно создава привид за некаква доминација на „прогресот“ што врти во место, произведува современи легенди за некакви негови успеси, ги мистифицира и меша минатото и сегашноста.
Таквите мистификации создаваат современи народни „легенди“ за тоа кои и што биле тие и нивните газди, какви успеси нижеле и како државава чекорела стамено во место закотвена од нивната глупост. Сега дури се појавуваат и ликови кои берат плодови уште од онаа „Шарена револуција“, иако цели седум години беа сокриени во нивните лукративни дупки на „креативниот отпор“ што ги добија од „прогресивнот“ трактор на нивната власт како подарок за предавството на целите и идеите токму на народниот гнев од таа 2016/2017 година. Сега тие си создаваат легенди за себеси, за својот божем граѓански ангажман, а всушност смислена „игра на тронови“ и човечиња желни за моќ и неконтролиран приход.
Ги вадат старите изветвени пердуви и јавно ги полираат за одново да светнат, заборавајќи дека луѓето одамна ги прочитаа, дека нивниот „отпор“ важел само до заграбувањето на дел од власта, колку и да е тој дел незначителен а нивниот „резултат“ дури смешен. Полека но сигурно го добиваат вистинскиот лик на кукурику револционер(к)и и шарени молчаливци. Заедно со онаа веќе здодевна банда на сејачи на магла, овие се типичните претставници на линијата на самофалбите и создавањето урбани приказни за личните ослободителни „подвизи“.
Сега нивниот седумгодишен молк и подаништво собира плодови иако не мрдна со малиот прст против малограѓанштината на „прогресивците“ и својот страв за освоените позиции, сега на неуките европјани им раскажуваат приказни за наводниот гнев „поради лажните неокласицистички фасади кои со столбови, штукатура и скулптури симулираат национална историја која никогаш не постоела“ но од коишто токму тие така дебело се офајдија. „Прогресивците“ им дадоа една шупа којашто овие ја нарекоа културен центар на независната култура. И продолжија на таа „сцена“ да ги вртат како палјачовци пријателите и пријателките претставувајќи ни ги како не-знам-какво културно достигнување, а себеси нарекувајќи се некакви теоретичар(к)и со два грама придонес во македонската култура.
Седум години ваквите интелектуално-културни креатури заборавија за што се крена таа „Шарена револуција“ и оние поворки на илјадници луѓе, но ја здогледаа животната шанса и – ја зграпчија. Каков гнев, какви бакрачи, какви револуции и какви глупости кога е во прашање етаблирањето во „прогресивните“ врвови на власта, па макар „тракторот“ да вртел и во место или во кругови. Се загрижија не за идентитетот, јазикот и културата туку за некои наводни „приказни“ што некој им ги краде(л), а заборавија што сѐ тие украдоа во изминативе седум години од оваа култура!
Затоа сега продолжува оваа фарса со креирање на некакви урбани а всушност примитивни легенди во кои тие се главниот фактор и центарот на некаква борба и отпор. Тоа е страотна манипулација со фактите, создавање на извртени приказни за себеси и своето опкружување небаре тие ги ослободија Скопје и Македонија од кичот и шундот, заобиколувајќи ја вистината дека еден кич и еден шунд само заменија со друг – оној нивен и на нивните „прогресивни“ пајташи. Денешните катастрофални состојби во македонската култура се директен нивен производ. И на нивниот трактор на отпорот.
И не би ме зачудило веќе утре да побараат и споменик да им подигнеме, во редот со оние против коишто наводно се бореа. А впрочем, токму таму им е и местото, сосе перјата на нивниот „креативен отпор“ којшто само ја продлабочи македонската провинциска реалност.