Hem Fukara Hem Şeyi Büyük
Замислете, за само неколку години членство во НАТО, сме успеале да ја надминеме границата од 2% од БДП за издатоци за одбраната. А според стандардите на НАТО, издатоците за одбраната не смеат да бидат на сметка на кратење во образованието, здравството, социјалната заштита, заштитата на животната средина и во други области. Знаеме колку ни е долга чергата. Затоа, да не се однесуваме како во турската изрека од насловот на овој текст - ем сиромав, ем се дигнал до небо!
Уште во првата декада од овој век, високи претставници на НАТО во посета на нашите клучни државни институции (меѓу нив, секако, и на Министерството за финансии), иако тогаш бевме далеку од членство во Северноатлантскиот воен сојуз, пријателски нѐ убедуваа дека ќе било добро издатоците за одбрана од постојните нешто над 1% да сме ги зголемеле до 2% од БДП.
Тогаш тоа беше препорака на НАТО кон земјите-членки, а од 2014 година и обврска.
Не беше тешко да се „извлечеме” од таквата обврска. Се рабира, сѐ со цел скудните буџетски средства да ги искористиме за попаметни намени. Јас користев неколку аргументи:
- дека земјата сѐ уште го нема завршено процесот на транзиција и јакнење на институциите;
- дека повеќето земји членки на НАТО, далеку побогати од нас, се далеку од исполнување на обврската за издвојување на 2% од БДП за финансирање на одбраната;
- дека, како и поголемиот дел од светот, и нас нѐ опседнала желбата да искористиме дел од т.н. „мировна дивиденда“ (peace dividend) по завршување на (од денешна перспектива -Првата) студена војна и генералното намалување на трошоците за вооружување во светот;
- понатаму, дека со приемот во НАТО ќе се потрудиме да се доближиме до препорачаниот износ и слично.
Се чини доволно аргументи на пријателски начин да се разделиме со нашите партнери, НАТО емисари, со за нив незавршена работа, до следната средба.
Пред неколку дена, како земја добивме интересна пофалба. Имено, американскиот амбасадор во НАТО, г-ѓата Џулијан Смит, во интервју за МИА не штедеше зборови да нѐ пофали за тоа што за само неколку години членство во НАТО, не само што сме ја достигнале границата од 2% издатоци за одбраната, туку и дека сме ја надминале.
Со тоа, сме се вброиле во две третини од земјите членки на НАТО, што си ја исполниле обврската.
За разлика од другата третина од десетина земји, кои и покрај многубројните убедувања и отворени притисоци, па дури и закани, посочувања кон безбедносните ризици од ширење на руско-украинската војна, борбените дејствија во и околу Израел и други геополитички кризи, сѐ уште успеваат да ја одбегнат обврската за зголемување на воените издатоци.
Не ми е познато какви аргументи користат за оправдување на својата „непослушност“ овие земји. Веројатно се добро изверзирани, кога на некои од нив, меѓу кои има и основачи на НАТО, тоа им успева со децении.
Кои се непослушните членови на клубот, што не си ја плаќаат редовно својата членарина?
За минатата 2023 година, помалку од 2% од сопствениот БДП за одбрана издвоиле Франција (1,9%), Холандија (1,7%), Норвешка (1,7%), Данска (1,6%), Германија (1,6%), Чешка (1,5%), Италија (1,5%), Канада (1,4%), Турција (1,3%) и Шпанија (1,3%).
Интересно е да се забележи дека во 2014 година, кога препораката стана обврска за НАТО земјите, единствено САД (3,7%), Грција (2,2%) и Велика Британија со 2,1% издатоци за одбрана во однос на БДП претставувале „пример“ за другите земји-членки на Алијансата.
За нашата јавност, кон која беше упатена пофалбата од г-ѓата амбасадор Смит, остана нејасно на кој начин, за само неколку години членство во НАТО, сме успеале да ја надминеме границата од 2% од БДП за издатоци за одбраната. И дали ќе можеме и во блиска иднина да го одржиме веќе достигнатото ниво на воените издатоци во БДП.
Одговорот наскоро ќе го добиеме од новиот министер за финансии, г-ѓата Димитриевска Кочовска, која се надевам дека знае во што влегува и дека до крајот на годината ќе успее некако да ги подзакрпи разорените јавни финансии. На новата влада ѝ останува да ги определи приоритетите од аспект на погоре третираното прашање.
Издатоците за одбраната, според НАТО барањата, не смеат да бидат на сметка на кратење во областите на образованието, здравството, социјалната заштита, заштитата на животната средина и други, од кои директно зависи благосостојбата на нашите граѓани, сега и во иднина.
Малку креативност во изговорите нема да биде одвишна!
Знаеме колку ни е долга чергата. Да не се однесуваме како во турската изрека од насловот на овој текст, која нашиот народ ја користи со векови, додуша во помалку пристоен контекст и поимање.