Во слава на измамата
Македонската современа историографија, наспроти оние коекакви „професорски“ шушумиги кои светот го посматраат преку висината на нивниот хонорар, во изминативе децении не даде соодветни упатства за неукиве политиканти кои мислеа дека ја поцицале сета светска мудрост. А беа голи и боси, и буквално и метафорчки. Имаше обиди да се укаже на неминовноста на некои историски процеси, на одредени „правила“ на играта, дури и чисто фактографски. Но политикантството во државава се покажа посилно. Странските пари се покажаа најсилни. За жал.
Кога сите би мислеле исто, светот би бил многу здодевно место. Така барем велат повеќето умни луѓе. Но, да славите годишнина – шестгодишнина, ј….е! – на една измама, на еден од најскандалозните и најпроблематичните (и „правно“ и „политички“!) чинови во историјата на една современа држава – диктираната промена на името на државата! – е прилично налудничаво, нели? И срамно. И нема врска со лично мислење, вакво или онакво, и со „право“ или „политика“, нели? Или не е така, според „мислењето“ на Заев, Филипче, Бучковски…, па дури и Димитров? Оној истиот Димитров кој се надеваше на некакви политички поени со противењето на Договорот со Бугарија, ама не му пречи – Договорот од Преспа! Неверојатно.
Но, пришивањето на „високоумни“ придавки од типот „правно“ или „политичко“ на едно такво прашање односно затскривањето зад нив како зад параван што ќе ги поништи сите други катастрофално негативни конотации на една таква крајно контроверзна зделка е еднакво ступидно како и самото инсистирање на нечија промена на името. На држава, или на човек, сеедно.
Зашто, не само во овој случај, името е самото битие, суштината, она „јас“ на една држава. Името на државата е (и) лично име како и на секоја индивидуа во неа. Непочитувањето на нејзиното (историско) име е еднакво на газење врз имињата на секој нејзин граѓанин. Зарем е можно оние шутраци тоа да не го разбираат? Како што впрочем се правеа дека не разбираат дека менувањето на името на државата – онаа „мала“ и „географска“ придавка – дефитивно го менува и идентитетскиот код на граѓанинот.
Или навистина мислат дека направиле историски потфат? Се разбира, не мислат. Нивната глупост сепак не е толкава. Зашто, до тој „историски“ миг, Македонија беше признаена под уставното име од 118 држави односно 61% процент од членките на Обединетите нации, а меѓу нив и од трите светски велесили и едновремено постојани членки на Советот за безбедност на ОН: САД, Русија и Кина!
И тука немаше ни „право“ ни „политика“ туку тоа беше прашање на моралот – со големо „М“ – којшто го погази односно го изигра еден грст бедни политиканти кои, наместо да се извинат, сега дури одат и да слават! Се разбира, и моралот, како и многу други основни човечки вредности, се учи во детството. Потоа, или го имаш, или – го немаш! И тука ни „Господ“ не може да ти помогне. Зашто тој „помага“ – еднаш.
Како што впрочем денес прашањето на создавањето на Палестинска држава е прашање на моралот а не на некакви политики, правни кривини или на волјата на Израел, па така светот и го реши. А нашето „прашање“ веќе беше решено. Или, ако сакате, „Господ“ еднаш ни помогна. Затоа, сето друго останува на совеста – и моралноста, се разбира – на луѓето.
Зошто? Затоа што државата како „виртуелен“ ентитет нема личен одбранбен механизам. Нејзиниот „одбранбен механизам“, или штит, како сакате, е народот во неа, граѓаните, секој поединечно и сите заедно. И тие, тој народ, колку тоа и да звучи популистички, ја одбранија државата на познатиот Рефендум за името, наспроти политикантите од профилот на Заев, Димитров, Пендаровски, Бучковски и компанија кои буквално ја силуваа(т). Како и оние „прогресивцине“ до вчера.
Затоа впрочем и отидоа на ѓубриштето на историјата. Некои можеби ќе отидат и подолу, ќе видиме. Но спомнувајќи ја историјата, оние клиентелистички „толкувачи“ кои настојчиво верглаат за историјата што ја пишуваат победниците, за некаква „политика“ и/или „право“, само сејат магла што треба да ги затскрие измамите на нивните газди. Победниците, како што вообичаено велат, не ја пишуваат историјата (преку идиотизмот „сила бога не моли“!) туку го пишуваат само оној инстант историцизам за секојдневна употреба, а времето ја пишува вистинската историја втемелана на универзалните вредности, на моралот и човекот со голема почетна буква. Сето друго се приказни за мали деца!
Неуките ликови како спомнатите, оние кои бегале од часовите по историја бидејќи ништо не разбирале, забораваат – поточно: не знаат! – дека македонското „државно“ сеќавање е можеби кратко, но името на државата е долго, историско, речиси митско. И не беше „изживеано“ односно не му дадоа на македонскиот граѓанин да ужива во конечната слобода, вклучувајќи го и тоа име.
Зашто, како што велат некои теоретичари, сеќавањето е реконструкција на минатото во функција на сегашноста. Или, сеќавањето, во најголема мерка, е „политички процес“ вграден во некаква социјална рамка. Но, кој одлучува дали сеќавањето ќе биде вакво или онакво? Или историјата, поточно „историјата“, ќе биде по вкусот на едни или други политиканти?
Се разбира дека сеќавањето како такво и историјата се спротивставени процеси. Но сеќавањето, прво, може да се канализира, да се упати на пошироки хоризонти, вон чистите емоции, страста и сакрализацијата на меморијата. Нам тоа ни беше ускратено односно некои неуки ликови си земаа за право да одлучуваат наспроти науката, наспроти граѓаните, наспроти здравиот разум. И сега одат да го слават тоа!
Македонската современа историографија, наспроти оние коекакви „професорски“ шушумиги кои светот го посматраат преку висината на нивниот хонорар, во изминативе децении не даде соодветни упатства за неукиве политиканти кои мислеа дека ја поцицале сета светска мудрост. А беа голи и боси, и буквално и метафорчки. Имаше обиди да се укаже на неминовноста на некои историски процеси, на одредени „правила“ на играта, дури и чисто фактографски. Но политикантството во државава се покажа посилно. Странските пари се покажаа најсилни. За жал.
Дури, ако сакате, без оглед дали „сеќавањето не гледа промени и фази во минатото“, а „за историјата тие пак, се клучни“ (како што вели Јан Асман), зошто политиката, или „политиката“ во државава не му дозволи на граѓанинот самиот да побара излез од потенцијалниот „конфликт“ помеѓу меморијата и историјата за Македонија? Толку ли беше тоа тешко, или некој немаше трпение – а тоа беше неопходно! – да чека со своите лукративни зделки?
Или, ако баш сакате, зарем беше толку неопходно да се потпише и оној член 20 точка 9 каде се вели дека „Одредбите од оваа спогодба остануваат во сила за неопределен период и се неотповикливи. Не се дозволени никакви измени на одредбите од член 1, став (3) и став (4) од оваа спогодба.“
Она „не се дозволени никакви измени“ се однесуваат на новото име на државата, а она „остануваат во сила за неопределен период и се неотповикливи“ значи дека никој, никогаш, не може да го смени тоа име договорено помеѓу грст политиканти! Тоа пак ќе рече дека една група малоумници обврзале генерации и генерации да користат име што не го сакаат и им забраниле да го сменат!
Има ли поголемо злосторство од тоа?
Извор: Теодосиевски уметност