🎥 НАЈДЕНИ СЕ 5 ОСАКАТЕНИ КОСТУРИ ПОД „ВОЛЧЈОТО ДУВЛО“ НА ХИТЛЕР Еден скелет е од бебе без дланки, ни стапала
Застрашувачкото откритие е обвиено со мистерија поради непознатиот идентитет на жртвите, околностите на нивното погребување и поради прашањето дали Адолф Хитлер и Херман Геринг знаеле дека коските се таму додека живееле во куќата.
Аматерски археолози откопале 5 човечки костури, без дланки и без стапала, под „Волчјото дувло“ на Адолф Хитлер, а и поранешен дом на нацистичкиот водач Херман Геринг, објави британски Гардијан.
Посмртните останки, за кои се верува дека се на семејство, биле откриени како дел од ископување на локацијата блиску до североисточниот град Кентшин, Полска, каде што нацистичките водачи минувале низ голем период од Втората светска војна.
Застрашувачкото откритие е обвиено со мистерија поради непознатиот идентитет на жртвите, околностите на нивното погребување и поради прашањето дали Хитлер и Геринг знаеле дека коските се таму додека живееле во куќата.
Зградата од тули, која порано била нацистичкото „Волчјо дувло“, во голема мера е „обземена“ од природата. Се сметаше дека е темелно истражена пред да биде „прочешлана“ од тимот од германски и полски љубители на историјата.
Тимот од организацијата од полскиот град Гдањск, „Фундација Латебра“, со години работел на локацијата, а честопати наоѓал банални предмети од домаќинството, садови и алати. „Фундација Латебра“ е меѓу ретките организации со експлицитна дозвола да спроведува археолошко истражување во „Волчјото дувло“ кое привлекува повеќе од 200.000 посетители годишно.
Тимот бил „целосно шокиран“ кога во февруари открил череп, на околу 10 сантиметри под земја, додека барал затрупан дрвен под во домот кој изгорел во 1945 година. Тимот веднаш ја известил локалната полиција.
Со понатамошното ископување, откриле 5 костури кои биле од тројца возрасни, еден тинејџер и од едно бебе.
– Тоа беше најстрашното нешто што го најдовме. Сите лежеа еднододруго, во иста насока – рекол еден од истражувачите.
Ниеден костур немал облека или други лични предмети, што значи дека труповите веројатно биле соголени пред да бидат ставени таму. Можно е коските на дланките и на стапалата, кои се покревки од другите, да се распаднале, не можби биле ампутирани.
Се шпекулира дали Геринг и Хитлер знаеле дека телата се закопани таму или биле ставени по војната. Германските медиуми соопштиле дека семејството можело да биде жртва на масовно убиство кое можеби го извршиле нацистите, иако не значи дека е така.
Полското обвинителство води истрага.
Високо рангирани нацисти – како Хитлер, Геринг, Мартин Борман, Вилхелм Кајтел и како Алфред Јодл – го користеле „Волчјото дувло“ како изолиран и добро заштитен комплекс од кој ги планирале воените кампањи, како и злосторствата поврзани со Холокаустот.
Хитлер поминувал повеќе време во тој облект одошто на кое било друго место за време на војната. Тоа било местото на неуспешниот пуч, на 20 јули 1944 година, во кој Клаус фон Штауфенберг, германски гроф, поставил актовка со бомба под дабова маса во неуспешен обид да го убие Хитлер.
Геринг, назначениот заменик и наследник на Хитлер и шеф на нацистичкото воено воздухопловство „Луфтвафе“, бил највисокиот нацистички функционер на кој му се судело во Нирнберг. Тој се самоубил со таблета цинанид во 1946 година во пресрет на неговата планирана егзекуција.