Гласот на дијаспората на кантар
Многу земји прават напори да го зголемат учеството на своите иселеници на изборите. Логиката е мошне едноставна. Гласовите на дијаспората вредат еднакво и имаат иста тежина при пребројувањето на вкупната сума на гласачките ливчиња во избирачките кутии.
Естонија е една од европските земји, која, покажувајќи респект и уважувајќи ги статусот и правата на своите иселеници, на претседателските и параламентарните избори дозволову електронско гласање во странство, и тоа уште од 2003-та година. Нема никакво сомнение дека со тоа значјано се олеснува учеството на избирачите во естонската дијаспора. Естонија е мала земја, споредлива по големина со Македонија.
Во Финска граѓаните кои живеат во странство учествуваат на изборите така што им се овозможува гласање преку пошта, во дипломатско-конзуларните претставништва, или, пак, на финските бродови кои се наоѓаат во странство. Слична е изборната регулатива во Шведска, со тоа што Швеѓаните во дијаспората имаат право да гласаат во шведските цркви во странство.
Спред статистичките податоци, учеството на изборите на шведски избирачи во странство, за кои се проценува дека вкупно ги има околу 700.000, на последните парламентарни избори беше маркантно зголемено – од 33 на приближно 40 отсто. Меѓу шведските партии се зголемува свеста дека значењето на избирачите во странство не може да се потценува, така што се повеќе им се посветува внимание во изборната кампања, како на домашен терен, така и во земјите каде што живеат.
Многу земји прават напори да го зголемат учеството на своите иселеници на изборите. Логиката е мошне едноставна. Гласовите на дијаспората вредат еднакво и имаат иста тежина при пребројувањето на вкупната сума на гласачките ливчиња во избирачките кутии.
Но, кога е во прашање Македонија, состојбите околу гласањето на дијаспората се поразителни. Проблемот е во тоа што бројката на иселениците кои се пријавуваат да го остварат своето право на глас е занемарливо мала, речиси безначајна.
Се чини дека политичките партии во Македонија, со извесни исклучоци, речиси воппшто не го земаат сериозно потенцијалот на гласовите кој би можел да има влијание на изборните резултати. Факт е, всушност, дека континуирано го потеценуваат гласот на дијаспорта и воопшто не се ни трудат да овозможат подобри претпоставки за помасовен одзив на македонските избирачи кои живеат и работат во странство.
А и како би можело да биде поианку кога државата воопшто не се ни потруди да создаде барем минимум услови за поголема излезеност, освен да се гласа во македонските амбасади и конзулати, кои најчесто се наоѓаат на стотици или илјадници километри оддалеченост од гласачите. Иселеничките организации со години наназад изнесуваат вакви забелешки, надевајќи се дека меѓу македонските политички фактори ќе се најдат и такви кои се подготвени да го слушнат тоа. Но државните органи не покажуваат ни трошка слух за оваа проблематика и воопшто не се ни трудат на каков било начин да ги олеснат претпоставките и процедурите за поуспешно учество на дијаспората во гласањето. Во исто време, позицијата на самата дијаспора, да се обиде да изврши влијание за воведување на извесни промени на тој план, е целосно инфериорна.
Искуствата од неколку претходни изборни циклуси, како и на актуелниве избори кои се во тек, јасно сведочат дека гласањето на македонската дијаспора редовно завршува со слаб одзив, генерално како фијаско. Но околу таквата оценка веројатно не би се согласиле сите. Посебно, можеби, ако се погледне и низ призмата на групирање и поделеност во етнички табори. Арбен Таравари, на пример, тврди дека никаква промена што се случила во Македонија не била можна без дијаспората. Која дијаспора? Ако станува збор за македонската дијаспора, во општа смисла на категоријата иселени граѓани од Македонија, тогаш би требало да претпоставиме дека и фотографите кои деновиве беа објавени од посетата на Таравари меѓу иселениците во Берлин, прикажуваат импозантен собир на македонски иселеници? Или ќе треба, можеби, да почнеме да користиме термин „македонско-албанска дијаспора“, со задолжителна фуснота (иселеници Албанци по потекло од Северна Македонија)?
Таков импозантен собир меѓу македонската дијаспора, на пример, во Шведска, каде што живеат и работат преку 20-тина илјади иселеници од Македонија, веројатно би било невозможно да се постигне. Но Таравари можеби требаше да биде поканет меѓу македонските иселеници во Шведска за да покаже за каков претседателски мандат се бореше на изборите? Чиј претседател сака да биде? Или целта му е само да го победи гласачкото тело на ДУИ? Како и да било, ниту Таравари, ниту, пак, кој било друг, нема да може да ја промeни вистината дека дијаспората била и останува последно дупче на шупелката.
Гордана Силјановска Давкова од своја страна тврди дека ќе се бори за граѓански концепт на устав кој исклучува етнички групирања во прв план. Колку е тоа можно и остварилво во држава во која политичките партии функционираат и ја остваруваат својата програма врз етнички предзнак? Дали настапот на политички лидери од Македонија меѓу избирачите во дијаспората остава впечаток дека се залагаат за хомогена, унитарна и мултикултиурна Македонија, а не за национал-романитачарски идеи за форсирање на сопствени јазици, култури и економска превласт во една толку мала и осиромашена држава како Македонија?
Значењето на гласот на избирачите во дијаспората треба добро да се одмери на кантар, за да се оцени неговото значење и вистинската тежина. Но тоа мерење треба да биде барем малку пософистицирано од мерењето на жива јагнешка мера на кванташки пазар. Бидејќи, она што ќе остане како „заклано“, одрано и исчистено, треба да го прикаже вистинскиот квалитет, а не да остави горчлив вкус на превртливи и ситнополитикантски пазарења со преварантски цени на производите, од кои страдаат сите.