„СДС ПИРОМАНСКИ Е ВИНОВЕН ЗА ПОЖАРОТ ВО УНИВЕРЗАЛНА САЛА“ Дали фирмата која гради е блиска до врвот на оваа партија, прашува ВМРО-ДПМНЕ
Симболот на постземјотресно Скопје е оштетен и главна вина за тоа носат Димитар Ковачевски и Бисера Стојчевска, тврди опозициската партија.
„СДС пиромански да не наоѓа изговори и да прифати одговорност за пожарот на Универзална сала“.
Ова го соопшти опозициската ВМРО-ДПМНЕ, по денешниот гочлем пожар во недовршениот објект на Универзална сала во Скопје.
„Не очекувавме од СДС дека веднаш ќе прифатат вина, сепак тоа е партијата чија влада кажа дека кабелот е крив за пожарот на модуларната болница во Тетово, каде живи луѓе изгореа и нема одговорност“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ и се додава дека СДСМ лажел дека ќе ја реновираат Универзална сала.
„Седум години ги лажат Скопјани. Симболот на постземјотресно Скопје е оштетен и главна вина за тоа носат Димитар Ковачевски и Бисера Стојчевска. Салата стои оградена како руина, нема одговори какви материјали се вградени, кој е изведувач, кој е надзор. Што крие власта и дали всушност крие фирма блиска до врвот на СДС?“, прашува ВМРО-ДПМНЕ.
Претходно, СДСМ во соопштение ја обвини „градската власт на ВМРО-ДПМНЕ“ и градоначалничката Данела Арсовска дека ја оставилие Универзална да се распаѓа.
„ДПМНЕ свесно лаже затоа што само поради нивната локална власт, Универзална сала не е направена и со години се распаѓаше. Во периодот на ВМРО ДПМНЕ, Универзалната сала беше оставена на забот на времето, практично беше уништена и од внатре и од надвор. Процесот на реконструкција започна во време на СДСМ, но со доаѓањето на власт на ВМРО – ДПМНЕ и нивната градоначалничка проектот за овој култен објект и симбол на Скопје стоеше во место. Дури и одлуката за преземање на изградбата на Универзална беше проблем, заради неспособноста на локалната власт на ДПМНЕ. Доколку Универзалната сала беше уредно реконструирана и ставена во функција согласно планот и ако уште пред две години беше предадена на Министерството за култура се ќе беше поинаку“, тврди СДСМ.
Тоа што новата конструкција стои нечепната, а реновирањето го прави Министерството за култура, е само доказ дека проектот за реконструкција е целосно безбеден и ги издржа пламените јазици, тврди СДСМ.