📷 ЌЕ ГИ ПОЧИТУВАМ РАЗЛИЧНОСТИТЕ, АМА ЌЕ СЕ ОПКРУЖАМ СО ЖЕНИ Силјановска-Давкова ја објави кандидатурата за претседател, потписите се веќе собрани
Најмаргинилизираните групи ќе бидат пред мене, а без владеење на правото и без радикални промени ние нема да исчекориме напред. Крајно време е за воспостување механизми на граѓанска држава. Само така ќе станеме слични на земјите-членки на ЕУ, порача кандидатката за претседател од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова.
Дојде време да соопштам дека се кандидрам за претседател на државата од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, рече пратеничката Гордана Силјановска-Давкова на денешната прес-конференција.
– Зошто сум овде со пратеничката група? Затоа што морам јавно да изразам благодарност до сите мои колеги кои ме убедуваа, ме уверуваа дека сум добар избор за кандидатка за претседател и кои во рекорден период ги собраа потребните потписи без мое знаење. Зошто се кандидирам? Од објективни и субјективни причини. Причина е резултатот од минатите избори. Второ, состојбата во којашто се наоѓаме. Мене многу ме боли тоа што другите држави повеќе нѐ ценат отколку ние самите себеси. Сите сме во една агонија и сметам дека време е за женска димензија во политиката, време е за консензус. Мислам дека само самопочит ќе дојдеме до почит. Мислам дека во статусот претседател на државата се можни големи и длабоки реформи. Не е време за обзнанување на програмата, но и покрај апликацијата, јас поднесов и план и програма – изјави Силјановска-Давкова.
Мислам дека многу често претседателите се далеку во планината и ги забораваат граѓаните, додаде Силјановска.
– Јас нема да се однесувам како републикански монарх, туку ќе се однесувам кон граѓаните како кон индивидуи. Ветувам дека амбасадорите ќе се регрутираат врз основа на компетентност и стручност. Ако ги претставувате сите граѓани, треба да се солидализирате со нив. Не треба да се зачудите ако ме видите на протест. Во Македонија треба да дојде времето на жените и одговорно тврдам дека ќе ги почитувам различностите, но ќе се опкружам со жени. Кога на клучни функции има жени, тогаш се можни промени. Најмаргинилизираните групи ќе бидат пред мене, а без владеење на правото и без радикални промени ние нема да исчекориме напред. Крајно време е за воспостување механизми на граѓанска држава. Само така ќе станеме слични на земјите-членки на ЕУ. Во ЕУ се оди со стандард во сите области – изјави Силјановска Давкова.