ВЛАДАТА ЧЕСТИ РЕШЕНИЕ ЗА 1.117 ВРАБОТEНИ ВО ДРЖАВНОТО ЗДРАВСТВОТО Пари во Фондот за здравство имало
Ќе се реши статусот на армија медицински персонал, помошно-технички персонал, хигиеничари и возачи, кои до сега беа ангажирани со договори, најави министерот за здравство Меџити.
Одобрени се вработувања на неопределено време за 1.117 лица ангажирани во јавното здравство, информира министерот за здравство Фатмир Меџити, на заедничка прес-конференција со премиерот Димитар Ковачевски и министерот за финансии Фатмир Бесими.
– Инвестирањето во здравствени работници е еден од најважните сегменти, за иднината во јавното здравство. Клучно за креирањето на здравствените политики е решавање на статусот на лекарите, болничарите, техничарите, на медицинскиот и немедицинскиот кадар со трајно вработување. Денеска решаваме статус на 1.117 лица медицински персонал, помошно-технички персонал, хигиеничари и возачи, со одлука на Влада се отвора можност вработување на неопределено време во јавните здравствени установи. Средствата за одобрените вработувања на неопределено време се обезбедени во рамки на јавните здравствени установи и Фондот за здравствено осигурување – рече Меџити.
Тој најави дека и во наредниот период ќе се залага за инвестирање и во развој на човечкиот капитал во јавните здравствени установи.
– Ќе продолжиме со развој на примарната здравствена заштита, капитални инвестиции во изградба на нови и современи здравствени установи, како и инвестирање во обуки, едукација и развој на младиот медицински кадар во земјава. Единствено така ќе го подобриме и зјакнеме здравствениот систем во земјава – рече Меџити.