АНТИИСЛАМСКИОТ ПОПУЛИСТ ВО СРЦЕТО НА ЕВРОПА Во земјата основач на Унијата победи десничар и конзервативец
Дали Вилдерс ќе се справи со, како што тој го нарекува, „цунамито на азил и имиграција“? Тој сака да направи „холандски Брегзит“, но признава дека нема расположение за тоа, а исто така рече дека е подготвен „да ги стави во фрижидер“ неговите политики за забрана на џамиите и исламските училишта.
Победата на антиисламскиот популист Герт Вилдерс на парламентарните избори во Холандија ќе испрати шок и низ Европа, пишува Би-Би-Си. „Холандија е една од основачките земји на ЕУ“, потсетува медиумот.
По 25 години картите се менуваат во оваа европска земја. Партијата Слобода(ПВВ) ќе има 37 места повеќе од својот најблизок левичарски ривал.
– ПВВ повеќе не може да се игнорира. Ќе владееме.
Но, за да го исполни своето ветување дека ќе биде „премиер за сите“, Вилдерс ќе мора да ги убеди другите партии да му се придружат во коалиција. Неговата цел е да собере 76 места во 150-члениот парламент.
Вилдерс(60), кој е поранешен воен ветеран, е познат по своето ветување за затворени граници во врска со мигрантите. Би-Би-Си пишува дека тој ја искористил широката фрустрација за миграцијата во неговата земја. Всушност, претходната холандска влада пропадна поради тоа што партнерите не можеа да се договорат околу политиките за азил на мигрантите.
Тој беше борбено расположен во својот победнички говор:
– Сакаме да владееме и… ќе владееме. (Броевите на седиштата се) огромен комплимент, но и огромна одговорност.
Истовремено, тој го одложи ветувањето дека ќе го забрани Куранот, но рече и дека е подготвен „да ги стави во фрижидер“ неговите политики за забрана на џамиите и исламските училишта.
Тој исто сака да одржи „холандски Брегзит“, наречен „Нексит“ иако признава дека нема национално расположение за тоа. Тој ќе има тешко време да убеди кој било голем потенцијален коалициски партнер да се потпише на тоа.
Вилдерс пораснал како католик, но излегол од црквата. Неговите политички видувања на конзервативец либертаријанец ги оформил додека патувал на Блискиот Исток, во Израел. Во една изјава тој ги изедначил книгата „Мајн Кампф“ на Адолф Хитлер со Куранот.
Победата на Вилдер во Холандија ја поздравија други националисти и десничари во ЕУ. Во Франција, лидерката на Националниот митинг Марин Ле Пен рече дека тоа „ја потврдува растечката приврзаност кон одбраната на националните идентитети“.
Дали Вилдерс ќе се справи со, како што тој го нарекува, „цунамито на азил и имиграција“?
Лани нето миграцијата во Холандија се удвои над 220.000, делумно поради бегалците кои бегаат од руската окупација на Украина. Но, проблемот е отежнат поради недостигот од околу 390.000 домови за доселениците.