Бујар Османи ја потпиша согласноста за менување на Уставот

2,627

На 17 јули 2022 година, Бујар Османи го потпиша вториот протокол со Бугарија, којшто во суштина е предавнички. Со него е прифатена уцената на Софија да го менуваме Уставот и се дадени незамисливи концесии, со коишто се доведуваат во прашање фундаментите на македонизмот. За да се прикрие нашата капитулација, овој протокол е наречен „француски предлог“. Тоа е чиста измислица. Османи ги прифати сите бугарски фантазмагории и бесмислици, без никаква компензација од нивна страна. Французите, пак, како претседавачи со ЕУ, беа само носители на жестокиот притисок врз Македонија, за да ги прифати бесрамните бугарски уцени. Така, самите ќе се блокираме на патот кон ЕУ.

Целта беше јасна. Прво, да се избегне понатамошно експонирање на Бугарија, како носител на блокадата на Македонија. Второ, да се продлабочат поделбите во земјава. Трето, да се спречи или, барем, намали притисокот за проширување на ЕУ.






Блокадата на Македонија беше срам за Унијата и ја демонстрираше нејзината неефикасност. Основата на бугарските уцени, пак, беше неразбирлива за мнозинството, иако сите молчеа. Така беше бидејќи ние не се буневме.

Франција, и Макрон, се најжестоки противници на проширувањето на Унијата и најмногу им одговара кога земјите кандидати самите се дискредитираат (Македонија, со Уставот) или кога некои други членки (Холандија, Данска…) ги блокираат, ама врз принципиелна основа – за реформите.

Со наш понижувачки и парадоксален потег, проблемот со напредувањето на Македонија кон ЕУ, ни го префрлија нам. И, наша главна тема стана – промената на Уставот. Врз таа налудничавост, започнаа нови раслојувања во македонското општество и на меѓуетнички план, и со нови длабоки поделби меѓу Македонците.

И двете појави се крајно загрижувачки, ама воопшто не се случајно предизвикани. Тие треба да бидат само нов „доказ“ за Вашингтон (и Брисел) дека државата нема иднина и е крајно време да се рекомпонира. Поточно, да се албано-бугаризира.

По својата основачка филозофија, Унијата не е носител на такви политики ама нејзината зависност од САД не ѝ остава простор за сопствени решенија. ЕУ нема, ниту некогаш ќе има, заедничка надворешна и безбедносна политика и на тој план целосно зависи од САД. Вашингтон е гарант на нивната безбедност, што е сега, по војната во Украина, понагласено од било кога.

Ако по распадот на Југославија, внимателно се следат американските политики кон Македонија, сосема е видливо дека крајната цел е дефинитивно затворање на „Македонското прашање“. Доказите за тоа се многубројни и воопшто нема аргументи за нивно релативизирање.

Во пракса, тоа значи токму бугаризација на Македонците и од нивната држава создавање на некаков бугарско – албански амалгам, во истите граници. Тие не смеат да се менуваат бидејќи, најмалку, тоа ќе значи нова балканска војна, можеби и многу поширока. Најлошото во таа опција е враќањето на Русија на Балканот, што е најстрашната мора за САД, коишто се сега целосни господари на регионот. Како вели народот – стравот го чува лозјето, не чуварот.

И најповршна анализа покажува дека, веќе преку 30 години, маневарскиот простор на македонизмот е постојано и систематски стеснуван, за да се доведе во безизлезна ситуација. Сега сме токму таму. Иднината на државата, таква каква што сѐ уште е или, барем, така изгледа, е запечатена со катастрофалната преговарачка рамка за членство во ЕУ. Со неа, Македонија нема никогаш да влезе во Унијата. Тоа е доволен предизвик за длабински и суштински промени на нашето дипломатско однесување, коишто се максимално итни, и не смеат да се одложуваат.

Крајно време е сите релевантни политички фактори во државава да сфатат што ни се случува и, клучно, кои се плановите на главните светски фактори. Тоа е основен предуслов за да се започне со радикални промени во нашата надворешна политика. Тоа е единствен начин да се променат сегашните тенденции, коишто се погубни за Македонците.

Најновиот извештај на ЕУ за нашата земја (од ноември, 2023), којшто е полош од сите досегашни, иако и другите не беа многу за фалење, покажа и докажа дека власта го лаже народот. Веќе подолго време и, нагласено, по вториот протокол со Бугарија, народот се манипулира само со промена на Уставот, без да се прават било какви реформи. Тоа е само нов доказ дека политичкиот врв во земјава го следи диктатот на странците, коишто и ги доведоа на власт, на сметка на фундаменталните интереси на македонскиот народ.

По изборите во 2024 година, ако новата власт целосно не ги промени досегашните апсолутно погрешни политики, бришењето на македонизмот и дефинитивното затворање на „Македонското прашање“ ќе бидат неизбежни, многу брзо. Време за губење веќе нема. Мора веднаш да се започне со откажување на договорот за (не)пријателство со Бугарија и ревизија на договорот од Нивици. Македонија нема друг излез. Само на тој начин ќе стане неупотреблива и сегашната, за нас погубна, преговарачка рамка на ЕУ.

Сосема логично во дадените услови, кога се бришат Македонците, и Албанците во земјава тргнаа во невидена национално – шовинистичка офанзива. Тие веќе не ги кријат плановите за Голема Албанија. Музејот во Сопот е само нова потврда за нивните амбиции, коишто се целосно поддржани од Вашингтон. Говорот на Ахмети под тој повод, пак, дека Албанците се господари на Македонија, е нова илустрација.

Треба ли да потсетуваме и на други нивни слични манифестации? Дека градоначалникот Касами го дочека премиерот на Косово, А. Курти, со „Добредојде во Албанија“! И, никому ништо. А, што треба повеќе? Касами официјално да прогласи дека Тетово е во Албанија?

А, во Сопот, пред музејот и во него имаше мапа на Голема Албанија, со делови од Македонија, Србија, Црна Гора и Грција. Никој од власта не реагираше додека премиерот – ги поддржа. Изјави: „Картата на ‘Голема Албанија’ е задоцнета точно 145 години. Таквата карта ги отсликува односите на Балканот и ја има во секоја држава во регионот. Сметам дека она што ние го имаме како општество воопшто не ги прави релевантни таквите мапи“!?

Просто да не веруваш! Каде живее човеков? Тој секако разбира што се случува, ама мора вака да реагира. Сите знаеме зошто. Позицијата во власта му зависи од ДУИ и од Ахмети и, кога тие ги реализираат своите добро осмислени големоалбански потези, тој мора да се прави недоветен.

По 2001-та, првите 10-тина години, Али Ахмети внимаваше на секој збор. Сите негови изјави можеше да ги потпише кој било Македонец. Сега, од него блика вистинскиот Али, којшто во 2001-та сакаше да ја разбива Македонија. Денес, ни објаснува дека се премислиле, ама не кажува кога и зошто. Очигледно, место пола, ја сакаат цела Македонија.

За да се излезе од волшебниот круг, во којшто сме доведени и заради своите глупости и предавнички политики, сериозни промени мораат да се направат и на внатрешно политички план. Македонците се мнозинство во државава и тие мора да седнат заедно и да се договорат барем за минималните  црвени линии, коишто се неопходни за одбрана на македонизмот, којшто е сериозно загрозен. Не смее 20-тина пратеници на Албанците од земјава, да ги надгласуваат 100-тината македонски. Основно правило на демократијата е владеење на мнозинството, се разбира во рамки на меѓународната пракса, и тоа мора да важи и за Македонија.

Следната година (2024) ќе биде по многу што критична за нашата Македонија и сите нејзини граѓани мораат да се покажат достојни на одговорностите коишто ги носат. Изборите се шанса којашто не смее да се пропушти. Ако не се искористи, нова прилика за спас на македонизмот – тешко дека ќе има. Здравите опозициски сили мора да добијат преку 60 пратеници. Без тоа, нема да ни има спас.

Дали ќе продолжиме да се занимаваме со туѓи кукавички јајца, подметнати со наша помош, зависи исклучиво од нас.

 

Поврзани содржини