📽 РЕКОРДНА ОСМА „ЗЛАТНА ТОПКА“ ЗА МЕСИ Аргентинскиот фудбалер влезе во историјата
За наградата „Златна топка“ годинава во конкуренција беа и норвешкиот голгетер Ерлинг Халанд, неговиот клупски колега и белгиски репрезентативец Кевин де Брујне и напаѓачот на ПСЖ и на француската репрезентација Килијан Мбапе.
Аргентинецот Лионел Меси вечерва по рекорден осми пат во кариерата ја доби наградата „Златна топка“ за најдобар фудбалер во изминатата година. Признанието во женска конкуренција го освои фудбалерката на Барселона и шпанска репрезентативка Аитана Бонмати.
Престижната награда на француското списание „Франс фудбал“ на Меси му беше врачена на гала свеченост во Париз како признание за успесите на репрезентативен и клупски план во 2022 година.
– Долги години сум дел од оваа церемонија, годините минуваат, генерациите се менуваат, но класата на играчи останува иста. Гледам многу добри млади фудбалери и сигурен сум дека ќе уживаме во врвен фудбал и во врвни играчи и во иднина. Сакам специјално да се заблагодарам на сите кои ме следат цела кариера, си го оставрив сонот кога го освоив светското првенство. Добив многу љубов, од различни националности, ме трогна тоа што мнигумина сакаа Аргентина да биде светски шампион. За крај, сакам да им се заблагодарам на моите најблиски во Аргентина и во Мајами, како и на мојата сопруга и децата кои се тука со мене – изјави Меси на доделувањето на престижната награда.
Меси лани на Мундијалот во Катар ја освои светската титула со Аргентина и беше прогласен за најдобар фудбалер на турнирот на кој постигна седум голови и додаде три асистенции. Аргентинскиот фудбалер со ПСЖ ја освои титулата во Франција, придонесувајќи со 21 голови и 20 асистенции на 41 натпревари.
Славниот аргентински фудбалер истакна дека оваа награда им припаѓа и на неговите репрезентативни и клупски колеги со кои заедно ги постигнале успесите што му го донесоа престижното признание. Меси си го оствари својот сон и ја освои единствената титула која му недостасуваше во кариерата, па тоа се покажа како доволно да ги победи Ерлинг Халанд и Килијан Мбапе во трката за најдобар фудбалер во светот.
💬 The speech of the 2023 Ballon d’Or winner, Lionel Messi #ballondor pic.twitter.com/HRaNdRwclG
— Ballon d’Or #ballondor (@ballondor) October 30, 2023
– Сакам да ја споделам оваа награда со соиграчите од репрезентацијата, повторно ја освојувам оваа награда поради успехот кој го остваривме со националниот тим. Ова е благодарение на Лаутаро, на Емилијано и сите останати. Ова е награда за цела група, за цел стручен штаб и за цела Аргентина – рече Меси, а не ги заборави ни своите конкуренти за наградата:
– Во оваа прилика, не сакам да ги заборавам Халанд и Мбапе, тие имаа неверојатна година, на индивидуално и тимско ниво. Халанд имаше спектакуларна година, освои се и убеден сум дека во иднина ќе ја освојат оваа награда.
За наградата „Златна топка“ во конкуренција беа и норвешкиот голгетер Ерлинг Халанд, неговиот клупски колега и белгиски репрезентативец Кевин де Брујне и напаѓачот на ПСЖ и на француската репрезентација Килијан Мбапе.
Португалецот Кристијано Роналдо кој е втор на вечната листа добитници на Златната „топка“, со пет признанија, не беше меѓу номинираните.
Годишни награди на „Франс фудбал“:
Најдобар фудбалер – Лионел Меси
Најдобра фудбалерка – Аитана Бонмати
Најдобар голгетер – Ерлинг Халанд
Најдобар млад фудбалер до 21 година – Џад Белингем
Најдобар голман – Емилијано Мартинез
Најдобар тим – Манчестер сити.