„Беса транс“, „Ласкарци“, модуларната нека чекаат, Артан Груби е важен за мирен сон на Ковачевски!
Нема разрешница ниту за „Тендерашко“. Нема реална разрешница ниту за пасошкиот скандал „Двојник“. Ниту обидот за аванта од набавка за вакцини нема случај. За марихуаната на Заеви, за Ден Дончев, или за скандалот со продажбата на имотот на ШИК Јелак во Тетово! И, секако, и во овие три години никој од ДУИ не е загрозен од правдата. Напротив.
Викендот го минав во очекување дека СДС во налет на хипокризијата ќе пушти спот на социјални мрежи за третата годишнина од маршот „Чекориме за правда“. Очекував да потсети СДС дека на 17 февруари 2020 година од позиција на власт организираше протест на којшто бараше правда. Три години подоцна Македонија се дави во криминал, корупција, неказнивост и доверба во правосудниот систем од само три проценти, ако во меѓувреме и тоа не е преполовено. Навистина очекував такво видео, сметајќи на бесрамноста, пропагандата и хипокризијата на СДС, особено сега кога го брани Артан од Груби влегувајќи во партиската пресметка во ДУИ. Можеби токму поради напорот за одбрана на Груби заборавија на својот протест?
Маршираа тогаш Љупчо Николовски, Мухамед Зекири, Горан Мисовски, Јован Митровски, Снежана Калевска Ванчева, Соња Мираковска, ама фалеа челниците од ДУИ. Па Мираковска порача дека „Правдата е храброст, чесни луѓе, ефикасност, но правдата пред сè е систем“, Џабир Дерала дека „судството има слобода, но и обврска да постапува професионално“, а главната порака од СДС беше дека народот „од кој земаме плата, очекува правда; Вие граѓаните со право сте незадоволни од правдата“ (Зоран Заев).
ДУИ тогаш се потпре на аналитичарите дека ќе ја завршат работата наместо нив. Па Петар Арсовски маршот го оцени како симболика, катарза, мобилизација и одлучност дека СДС нема да се откаже од битката за правда. Алберт Муслиу во маршот препозна неколкуслојна симболика и агенс за мобилизација, односно симболиката за конечен почеток на спроведување на правдата и поголем ентузијам во битката за правда.
Еве нè три години подоцна. И тогаш и сега главни свртничари на СДС се ДУИ и Артан Груби, од избор на кадри, до прескокнување на имплементирање на препораките од ОБСЕ за изборите. Се уште нема правна разрешница за пожарот во модуларната болница, нема разрешница ниту за автобусот на смртта, ниту пак за случајот „Ласкарци“. Нема разрешница ниту за „Тендерашко“. Нема реална разрешница ниту за пасошкиот скандал „Двојник“. Ниту обидот за аванта од набавка за вакцини нема случај. За марихуаната на Заеви, за Ден Дончев, или за скандалот со продажбата на имотот на ШИК Јелак во Тетово збор нема! Правен молк за 26 милиони евра афера „Броило“ на Ковачевски, нема виновник за состојбите со енергетскиот сектор, ниту пак за пропаста на цела една банка, каде кредити не враќале звучни политички и експертски презимиња. Сè тоа во овие три години е зачинето со изборот на обвинители, уставни судии, членови на судскиот совет, скандали на академијата за судии и обвинители. И, секако, и во овие три години никој од ДУИ не е загрозен од правдата. Напротив. Дури и докторот што на родилката и извади органи помина со условна казна! За СДС тоа не е важно, важна е кариерата на Артан Груби.
Крешчендо на хипокризијата, сепак, не би бил спот од СДС за тој, туку за нов марш на владата за правда, на којшто главен говорник би бил токму Артан Груби. Па да го видиме овој Артан Груби како се спротивставува на Артан Груби од 2016 година; Груби којшто кришум влегува во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, покажувајќи одлично познавање на сите херои на ВМРО на сликите, самозадоволен што е доволно значаен да влезе во онаа иста зграда која што деновиве многу ја критикува. Истиот тој Артан Груби во оваа 2023 година доживеал амнезија, која се манифестира со голема доза лицемерие, што е потврда дека Груби, како и оние од СДС, ги претвориле партиите во приватно гранапче.
За Мираковска, Мисовски, Митровски, Калевска-Ванчева, за пораките на СДС од „чекорењето“, правдата за „Беса транс“, „Ласкарци“, модуларната може да почекаат, Артан Груби треба да му обезбеди мирен сон на Ковачевски. Жално е само што Македонија со сонот на Ковачевски го брои во неправда за загубени животи и несреќни судбини. Тоа е најкрваво платениот сон во овие 33 години независност.