РУСИЈА, САД И ЕУ БРЗААТ ДА ИМ ПОМОГНАТ НА ТУРЦИЈА И НА СИРИЈА ПО ЗЕМЈОТРЕСОТ Путин и Бајден на нога, Брисел се координира

260

Русија и САД веќе испраќаат спасувачки тимови и помош во Турција и Сирија, по катастрофалниот земјотрес во кој загинаа околу 2.300 луѓе. ЕУ ќе свика кризен состанок на Интегрираниот политички кризен одговор (ИПЦР), на кој ќе стане збор за координација на мерките за поддршка на ЕУ за погодените региони.

Спасувачи од руското Министерство за вонредни ситуации со авуони „Иљушин-76“ најверојатно веќе се на пат за Сирија и за Турција. Претседателот Владимир Путин во текот на денот телефонски разговараше со сирискиот претседател Башар ал-Асад и со турскиот колега Таип Ердоган и изрази сочувство за смртта и уништувањата од земјотресот, чија јачина на ударот беше 7,8 степени според Рихтеровата скала, и е најлошиот земјотрес што ја погодил Турција во овој век. И турскиот претседател срдечно му се заблагодарил на Путин за неговата брза и искрена реакција и рекол дека дава инструкции до надлежните органи во земјата да ја прифатат помошта од руските спасувачи.






Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу им нареди на руските сили во Сирија да помогнат во спасувачките напори. Министерството за одбрана соопшти дека 300 руски војници и 60 возила веќе помагаат во расчистувањето на урнатините во погодените подрачја во близина на турската граница.  Русија има поморска база во Тартус, на сирискиот брег, и управува со воздухопловната база Хамејм, северно од Тартус.

Американскиот претседател Џо Бајден изјави денеска дека неговата администрација тесно соработува со официјална Анкара, за да може Вашингтон најитно и најефикасно да одговори на последиците од разорниот земјотрес. Бајден изјави дека американските тимови брзо се распоредуваат за да започнат со поддршка на турските напори за пребарување и спасување.

„Тимовите на терен мора итно да ги решат потребите на повредените и раселените по земјотресот“, вели американскиот претседател во соопштение објавено од Белата куќа.

ЕУ најавува дека ќе формира и во Турција испрати тимови за пребарување и спасување, а воедно на располагање ќе ги стави и услугите на сателитскиот систем Коперник.

Претходно, шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел и еврокомесарот за управување со кризи, Јанез Ленарчич, изјавија дека ЕУ е подготвена да им помогне и на погодените во Сирија преку своите програми за хуманитарна помош.

Поврзани содржини