ВИ БЛАГОДАРИМЕ ОД СРЦЕ! Донирани 1,3 милиони денари од „Сите ѕвезди“ за СОС Детско село
Вкупниот износ кој е собран од продажбата на билети во организација на Ракометната Федерација на Македонија, изнесува 1.372.550 денари, и ќе биде дониран на организацијата „СОС Детско село“.
Ракометно-музичкиот спектакл „Сите ѕвезди“ кој се одржа на 3 јануари 2023 година беше од хуманитарен карактер, а средствата беа наменети за СОС Детското село. Вкупниот износ кој е собран од продажбата на билети во организација на Ракометната федерација на Македонија изнесува 1.372.550 денари.
– Ви благодариме од срце! 460 деца и млади без родителска грижа растат во семејство благодарение на вас – пишува на врамениот дрес кој Ракометната федерација на Македонија го доби од организацијата „СОС Детско село“ по повод примопредавањето на донацијата.
Трошоците за реализација на настанот се покриeни од РФМ и нејзините спонзори. Посебна благодарност во оваа насока, Македонската куќа на ракометот упати до: „Триглав Осигурување“, „Алкалоид“ АД Скопје, „Халк банка“, „Пивара“, „Никоб“, „Македонската телевизија“, „ТВ Телма“, „Проевент“ и „КЛС“, како и до сите македонски уметници, компании и индивидуалци кои сесрдно ја прифатија поканата за учество во настанот без авторски или друг вид надоместоци.
– Спектаклот „Сите ѕвезди за СОС Детско село“ го славеше ракометот, го славеше спортот. Победија човечноста и хуманоста. Заедно покажавме дека македонската нација е хумана, а спортот има посебна моќ да нѐ вивне во височините и да ни пружи уникатна доза на среќа. Сакајте го и негувајте го македонскиот спорт – порача Федерацијата која искажа благодарност до бројната публика во арената „Борис Трајковски“.