БИДЕТЕ СПОКОЈНИ, НЕМА ДА ИМА РЕСТРИКЦИИ Ковачевски тврди дека струјата нема да поскапува

Успеавме да ги ангажираме сите капацитети за домашно производство на електрична енргија, а цената на струјата не се зголемува. Ефектите од нашата посветеност да се справиме со кризата, се сигурна и стабилна испорака на струја до сите во државата, истакна премиерот Димитар Ковачевски.

137

Сите капацитети за производство на електрична енергија во државата се во функција и работат. Граѓаните да бидат спокојни, струја ќе има без рестрикции, а цената нема да се зголемува, рече премиерот Димитар Ковачевски кој денеска оствари работна посета во Рударско-енергетскиот комбинат „Битола”.

Како што истакна Ковачевски, сите напори на Владата беа насочени кон справување со енергетската криза и резултатите се веќе евидентни.






Премиерот, придружуван од министерот за економија, Крешник Бектеши и генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски, потенцира дека РЕК Битола работи со полн капацитет, со сите три блока, а во функција се и РЕК Осломеј, ТЕЦ Неготино, електраните на гас во Скопје, како и сите агрегати на хидроелектраните во државна сопственост.

– Успеавме да ги ангажираме сите капацитети за домашно производство на електрична енргија, а цената на струјата не се зголемува. Ефектите од нашата посветеност да се справиме со кризата, се сигурна и стабилна испорака на струја до сите во државата – нагласи Ковачевски.

Според министерот Бектеши, паднаа во вода обвинувањата на некои политичари дека нема шанси да се стават сите капацитети во функција, како и дека ќе нема поскапување на струјата.

– Со деноноќно работење и доверба, за неполна година заеднички со премиерот успеавме да се справиме со енергетската криза. Првпат во земјава сите државни капацитети се вклучени и тоа е голем резултат не само на Владата, туку и на вработените во ЕСМ. Со ова паѓаат во вода сите тврдења на некои политичари, меѓи кои има и електроинженери кои не успеале ова да го направат, а овој тим успеа – потенцира Бектеши.

И директорот Ковачевски напомена дека ЕСМ ги стави во функција сите државни капацитети.

– Тоа значи дека со сите капацитети вклучени на мрежа дневното производство се приближува на 20 000 мегават часови. Овој тренд на зголемување е приближно на производството во најдобрите времиња на РЕК Битола и ЕСМ и кога постројките беа понови. Со ваквото дневно производство го задоволуваме потребниот конзум за сите – подвлече Ковачевски. 

Ковачевски: Му благодарам на Мицкоски за довербата

Премиерот Димитар Ковачевски денеска уште еднаш рече дека предвремени парламентарни избори нема да има, туку дека изборите ќе се одржат во 2024 година.

Според Ковачевски, комплимент е тоа што ВМРО-ДПМНЕ бара избори во мај, односно напролет, зашто тоа е показател дека Владата ефикасно се справува со енергетската криза која завршува на 30 април.

– Мицкоски по не знам кој пат поставува барање за предвремени избори. Јас имам многу јасен став кој не го менувам секоја недела како него, дека избори ќе има во 2024 година, во редовниот термин зашто имаме економска и енергетска криза. Воедно, скрининг процесот е почнат и е во тек, а и земјава е претседавач со ОБСЕ. Сигурно тоа нема да го прекинуваме за да му удоволуваме на Мицкоски и на неговите партиски желби. Избори ќе има во 2024 година. На парламентарните избори ќе победат СДСМ и коалициските партнери, а на претседателските кандидатот што тие ќе го предложат. Тоа што Мицкоски бара избори во мај е комполимент за Владата, смета дека Владата одлично се справува и со економската и со енергетската криза која завршува на 30 април. Можам само да му се заблагодарам за довербата дека добро се справуваме со кризата – истакна Ковачевски, одговорајќи на новинарско прашање по посетата на РЕК Битола.

Поврзани содржини