УКРАДЕНИ СТРОГО ДОВЕРЛИВИ ДОКУМЕНТИ ОД ОДБРАНА Ковачки бара оставка од министерката Славјанка Петровска
Голем срам е Министерство за одбрана на НАТО членка да биде нетранспарентно за ваков настан, а уште поголем срам е да си неспособен да заштитиш класифицирани документи и компјутери, вели пратеникот Ковачки.
Втор ден Министерството за одбрана молчи за украдените класифицирани документи и за украдените компјутери на кои имало строго доверливи документи, објави денеска Драган Ковачки, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„Кога се крадат класифицирани документи (мобилизациски) со степен на тајност Строго доверливо, а за тоа молчи министерката Славјанка Петровска, а молчи и врховниот командант – во случајов Стево Пендаровски, се отвора сомнеж дека сакаат да го прикријат настанот со цел да се спасат од одговорност“, наведува Ковачки.
После ваков скандал, додава тој, министерката за одбрана треба да си поднесе оставка, а претседателот на државата „треба помалку да зборува за енергетската состојба која не му е во надлежност, туку да се заинтересира за тоа кој и зошто се дрзнал да краде мобилизациски и друг тип документи, како и за тоа колкава штета е нанесена на одбраната во која тој има надлежност“.
„Голем срам е Министерство за одбрана на НАТО членка да биде нетранспарентно за ваков настан, а уште поголем срам е да си неспособен да заштитиш класифицирани документи и компјутери. Ова е случај кој мора да заврши со кривична одговорност и кон одговорните кои не презеле мерки и овозможиле поединци или група во сред центар на градот, да се осмелат да влезат во заштитен објект на Министерството за одбрана и да крадат документи и компјутери. Според Законот за класифицирани информации, класифицирана информација со степен ‘Строго доверливо’ е информација чие неовластено откривање би предизвикало исклучително сериозна штета за виталните интереси на Република Македонија“, наведува Ковачки.