ОД КОГА НЕ ВЕ РАЗБУДИЛ ДЕТСКИ ЏАГОР? Сосед се заканувал со полиција бидејќи децата си играле на улица рано наутро
Откако еден жител на англискиот град Хал предизвика бурни реакции на социјалните мрежи затоа што се заканил дека ќе повика полиција бидејќи децата што играат на улица пред 7 часот го будат секое утро, се потсетив на моите соседи од детството. Кога ние си игравме на улица тие не прскаа со црево и ни ги дупчеа топките. Какви се вашите искуства?
Жител на англискиот град Хал предизвикал бурни реакции откако се заканил дека ќе повика полиција бидејќи децата во летните месеци во 6 часот и 45 минути се веќе надвор и си играат на улица. Но, наместо поддршката што ја очекуваше, неговата жалба наиде на потсмев.
Ова ме потсети на моите соседи од детството, тогаш повозрасна брачна двојка без деца. Редовно кога ние си игравме на улица во исто време додека тие ја прскаа градината, го вртеа цревото кон нас за да не испрскаат и да не избркаат од пред нивната куќа. Ако не дај Боже топката ни отидеше во нивниот двор, можеше да се случи ако се баш нерасположени, веднаш да ја дупнат, а ако се во малку подобро расположение само да ја остават во нивната градина. Во вакви случаи чекавме да се стемни па одевме во мисија за спасување на топката. Да не фатат за време на мисијата беше пострашно од ноќен кошмар. Подоцна, на истите улици порасна и мојот син. Двајцата стари соседи веќе беа починати, а со другите немаше проблеми. Сега како повеќе ниедно дете да не си игра на улица. Тоа е толку ретко што ако некогаш и слушнам детски џагор, можам само да се израдувам.
Повеќе за ова на порталот „Мајка и дете“.