И претседателот Пендаровски не е веќе истиот што беше на почетокот на мандатот

Бугарите ги имат можностите за условување и тоа како држава членка на Европската Унија и тие колку што е можно и ќе не условуваат во нашите чекори кон ЕУ. А тој што ги има можностите не му е битно дали му се праведни барањата и условите. Но, повторувам, би било добро и попаметно ние да не предизвикуваме негативни и несакани против реакции кај релевантните политички чинители во Република Бугарија.

2,646

Господине Стево Пендаровски, Претседател на Република Северна Македонија, имам еден многу искрен пријателски совет и порака за вас, а тоа е следната: Г-дин Претседателе, како граѓанин на оваа држава, најискрено ве молам секаде и секогаш бидете консеквентен и непоколеблив во однос на изјавите и ставовите кои ги давате и изнесувате во јавноста како прв човек на државата. Особено е важно да бидете консеквентен како во однос на внатреполитичките, така и во однос на надворешно-политичките настани и случувања.

Рака на срце, на почетокот на вашиот мандат како прв човек на државата, вие бевте државник кој се препознаваше по консеквентните ставови, по многу паметни и умерени изјави и ставови во јавноста и тоа, како што реков, не само по однос на внатрешно-политичките настани и случувања, туку и по однос на надворешно-политичките. Следејќи ве од изјава до изјава во текот на досегашниот ваш претседателски мандат, вие ги добивте симпатиите на јавноста, а лично и мојата.






Ова сум го кажал јавно во неколку мои колумни објавени во различни медиуми. Јавно сум го изразил моето мислење за вас како најсериозен, но и најразумен политички фактор во државата. И сакав тоа мое мислење, кое беше и мислење на мнозинството граѓани, да остане непроменето. За жал, мислам дека работите се променети во последно време.

Зборот ми е, г-дин Претседателе, за последните изјави и ставови кои ги изнесувате во јавноста по однос на случувањата меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија. Тука јасно се забележува дека вие од време на време ретерирате од некои од вашите поранешни изјави и ставови, искажани во однос на теми и содржини битни за спорот меѓу двете држави.

Не заборавајте, г-дин Претседателе, дека вие сте државник, лидер, а не само носител на највисока државна функција. Вие треба максимално да настојувате да останете на висината на институцијата која ја преставувате. Лидерот размислува концизно и подлабоко пред да даде некаква изјава и преку неа да изнесе некој став по однос на каков било вид битно политичко прашање и случување. Дневно-политичкиот политичар се обидува да биде провокативен но и атрактивен и тој тоа може да биде за многу кратко време. Но, сериозен политичар кој се обидува да биде секогаш актуелен и да остава свој белег на политичката сцена, не треба но и не би требало да брза и да дава плитки и непромислени и провокативни изјави.

Ве молам обидете се да останете актуелен и незаборавен и по завршување на вашиот мандат, затоа што политичарите, за жал, ја имаат судбината да бидат за кратко време заборавени, не само од јавноста туку и од граѓаните.

Вистинскиот политички лидер работи не само за подобрата сегашност, но и за посветлата, поветувачка и посигурна иднина на своите граѓани и на својата држава.

Г-дин Претседателе, вашите последни изјави по однос на случувањата со Република Бугарија мислам дека би можеле да му наштетат сериозно на процесот на отпочнување на преговорите за зачленување на нашата држава во Европската Унија. Затоа што секоја наша реакција може да предизвикува противреакција кај нашиот сосед Република Бугарија, кај кого, по се изгледа е и клучот за можноста за зачленување на нашата држава во ЕУ. Затоа, ве потсетувам дека со некоја недобро промислена изјава од страна на клучните политички фактори во државата а еден таков клучен и битен фактор сте и вие, не треба и не смее да се предизвикува некоја негативна против-реакција од страна на Република Бугарија, со која сериозно би се отежнувал но и би се нарушил процесот на отпочнувањето на преговорите како и процесот на станување на полноправна членка на ЕУ.

Г-дин Претседателе, една од негативните против реакции од страна на Република Бугарија би можела да биде и можноста за добивање на дополнителни потешки и посложени услови и барања кон нашата држава, кои инаку и овие актуелните што ги имаме од нивна страна се несоодветни и многу сложени за исполнување. Но, што да се прави, такви се политичките прилики и околности од кои ние сега засега не можеме да бегаме.

Значи тие ги имат можностите за условување и тоа како држава членка на Европската Унија и тие колку што е можно и ќе не условуваат во нашите чекори кон ЕУ. А тој што ги има можностите не му е битно дали му се праведни барањата и условите. Но, повторувам, би било добро и попаметно ние да не предизвикуваме негативни и несакани против реакции кај релевантните политички чинители во Република Бугарија.

Затоа, бидете по претпазливи и поумерени додека конечно не ги отпочнеме долго очекуваните преговори со ЕУ за наш прием во нивни рамки. Сметам дека после ова како полноправна членка на ЕУ нам ќе ни се подобрат условите за диалог и за смена на некои позиции и ставови по однос на прашањата и проблемите во нашите билатрални односи со Република Бугарија.

До тогаш, дајте да помогнете, а не да одмогнете во процесот кој е во тек во рамките на билатералните прашања со Бугарија и за процесот отпочнат за нас во рамките на самата Европска Унија.

Поврзани содржини