НАТО СЕ СПРЕМАШЕ ЗА ВОЈНАТА УШТЕ ОД 2014 ГОДИНА Столтенберг призна дека Алијансата знаела за воениот конфликт
Реалноста е исто така дека ние се подготвуваме за ова од 2014 година. Тоа е причината зошто го зголемивме нашето присуство во источниот дел на алијансата, зошто сојузниците на НАТО почнаа да инвестираат повеќе во одбраната и зошто ја зголемивме нашата подготвеност, изјави Столтенберг по состанокот на лидерите на земјите-членки на Алијансата.
Воениот сојуз НАТО се подготвувал за војната во Украина уште од 2014 година и полека ја зголемувал својата војска во Источна Европа, вчера во Мадрид призна генералниот секретар на Алијансата на средба со новинарите по состанокот на лидерите на земјите-членки.
– Реалноста е исто така дека ние се подготвуваме за ова од 2014 година. Тоа е причината зошто го зголемивме нашето присуство во источниот дел на алијансата, зошто сојузниците на НАТО почнаа да инвестираат повеќе во одбраната и зошто ја зголемивме нашата подготвеност.
Барем 2 отсто од БДП за силно НАТО
Според бројките на НАТО, европските членки на Алијансата и Канада ги зголемуваат своите воени трошоци помеѓу 1,2 отсто и 5,9 отсто од БДП секоја година од 2014 година. Сепак, само 10 од 30 земји на НАТО моментално ја исполнуваат целта на блокот да трошат 2 отсто од БДП за одбрана.
Зголемувањето на расходите беше најзабележително во Источна Европа и Балтикот, при што Полска, Литванија, Естонија, Летонија, Чешка, Словачка и Романија за првпат ја исполнија целта во 2022 година.

Само напред, нека влезат во НАТО!
Претходно во средата, членките на НАТО се согласија да усвојат нов стратешки концепт. Овој план ја именува Русија како „најзначајна и директна закана“ за блокот. Столтенберг најави дека НАТО би можело да го зголеми својот број на војници за 30.000. Се очекува Полска и балтичките земји да побараат зголемено присуство и повеќе воена опрема.
Со евентуалниот влез на Шведска и Финска во Алијансата, рокади со воена опрема веројатно ќе има и таму. Рускиот претседател Владимир Путин вчера изјави дека доколку НАТО постави воени контигнетни и опрема во двете земји, Русија реципрочно ќе одговори.
– Со Шведска и Финска ги немаме проблемите кои ги имаме со Украина. Ако сакаат да се приклучат во НАТО, само напред! Но, тие мора да разберат дека претходно немало закана, додека сега, ако таму се распоредат воени контингенти и инфраструктура, ние ќе мораме да одговориме на ист начин и да ги создадеме истите закани за териториите од кои се создаваат закани кон нас.
НАТО сепак, се стреми за подобри односи со Русија?
Говорејќи по состанокот на членките на НАТО и земјите-партнери во Мадрид, Столтенберг ја обвини Русија за користење сила во источниот дел на Донбас од 2014 година.
И покрај маршот на Алијансата по Студената војна во поранешниот источен блок, Столтенберг во средата тврдеше дека НАТО со децении се стреми кон подобри односи со Русија.