СИ ЏИНПИНГ МУ СТАНУВА ГАЗДА НА ПУТИН Еве како Кина ги држи конците за нафтата и за гасот
Кина може, но веројатно нема да сака да ги докупи 2,4 милиони барели нафта кои дневно Русија досега ги испорачуваше за ЕУ, бидејќи целта е да не биде зависна само од еден добавувач. Земјата може истовремено да набавува нафта од Саудиска Арабија. Во однос на гасот, Путин планира нов „Северен тек“ кој ќе ги поврзува двете земји, но тука Кина ќе испреговара тешки услови и многу ниски цени ставајќи ја Русија во подредена состојба на „втора виолина“.
Обратно од тоа што рускиот претседател Владимир Путин се надевал кога ја нападна Украина на 24 февруари, Русија веројатно ќе ѝ биде помал и зависен партнер на Кина во еден поделен свет каде се раѓа нова Студена војна, анализира порталот Политико. Според анализата, не само што Русија ќе биде приморана да потпише нов трговски договор со својот, сега, единствен партнер, туку Кина ги држи конците и за гасот и за нафтата со тоа што ќе одлучи колку ќе купува.
Времето кога Советскиот Сојуз беше идеолошки и економски супериорен во однос на комунистичка Кина, одамна помина, вели статијата. Сега, кинескиот Хуавеи ги гради руските 5Г мрежи, додека Русија бара кинеска соработка во сè, од делови за авиони до размена на валути. Важно е тоа што САД и Европа воведоа санкции не само кон Москва, туку и кон три други големи азиски економии, Јапонија, Јужна Кореја и Сингапур, што дополнително ги отежнува работите за Русија.
Андреј Кортунов, генерален директор на рускиот Совет за меѓународни работи поддржан од Кремљ, вели дека руските елити немаат баш апетит да служат како помал партнер на Кина. Но, тој гледа малку алтернативи за Москва.
– Откако започна конфликтот, на Русија почна да ѝ треба Кина повеќе од порано, бидејќи Кина на многу начини останува единствената игра во градот, со скратени економски врски меѓу Русија и Запад и со наметнати санкции кон Русија.
Пекинг одлучува колку ќе купи
Можеби единствената најголема пресметка за Кина е колку далеку таа ќе оди за да му помогне на Путин да го победи претстојното ембарго на ЕУ за руската нафта. Оваа европска забрана ќе направи значителна дупка во буџетот на Русија, освен ако не влезат други големи купувачи.
При одлучувањето колку ќе купи, Пекинг ќе има огромна моќ над Москва.
Русија и Саудиска Арабија веќе се двата водечки снабдувачи на нафта за Кина. Во мај, увозот на руска сурова нафта преку море во Кина достигна највисоко ниво во последните две години со 1,14 милиони барели дневно, од 800.000 барели дневно во 2021 година, според податоците на Vortexa Analytics споделени со Политико.

Кина не е солидарна со Русија, туку само тврдоглава
Сепак, голем дел од објаснувањето за ова е чиста тврдоглава економија на Кинезите, отколку покажување на некаква политичка солидарност кон Русија. Меѓународните санкции значат дека трговците се претпазливи за ракување со руската сурова нафта, создавајќи мини презаситеност според која руската нафта се тргува за 20 до 30 долари поевтино од меѓународните референтни цени.
Со оглед на тоа што Кина увезува повеќе од 10 милиони барели дневно, секако дека таа има простор да купи повеќе, особено кога економијата ќе се рестартира и мерките за заклучување постепено се отстрануваат во клучните градови како Шангај. Но, Кина ќе биде претпазлива за да не стане зависна само од Русија, што значи дека нема да може да ги докупи 2,4 милионите барели нафта дневно кои Русија до скоро ѝ ги продаваше на ЕУ.
Северен тек со Кина да, ама под кои услови?
А на сличен начин, Кина ги држи картите кога станува збор и за гасот. Непосредно пред да ја нападне Украина, Путин потпиша договор со Си Џинпинг со кој се согласува да го зголеми извозот на природен гас на 48 милијарди кубни метри годишно во иднина, од скромните 4,1 милијарди кубни метри во 2020 година. Русија, исто така, планира нов гасовод, наречен „Моќта на Сибир 2“, со што извозот на рускиот гас во Европа може полесно да се префрли на Кина.
„Проблемот, сепак, е што Кина ги држи сите карти во преговорите“, напиша Никос Цафос, главен советник за енергија на грчкиот премиер, во извештајот на една невладина организација во мај.
„И како и за првата линија од гасоводот „Моќта на Сибир“ и сега Кина ќе води тешка зделка. Она што во овој момент е непознато е дали Кина е подготвена да направи договор. Русија најверојатно ќе понуди многу атрактивни услови, ако ништо друго, поради нејзиниот очај. Но, дали Кина ќе ги прифати? Дали ќе бидат искушувани од цената или ќе размислат двапати за проширување на нивната зависност од Русија во овој момент?“, прашува тој.