ШАЌИРИ СО МОЛБА ДО СОНК Ќе ви ги зголемиме платите, ама вратете ги децата на училиште
Апелирам до СОНК да им овозможиме на учениците навремено да ја завршат учебната година. Тоа е наша законска, морална и етичка обврска, истакна министерот за образование Јетон Шаќири.
Министерот за образование и наука Јетон Шаќири денеска им се обрати на синдикалците од СОНК со молба и апел да овозможат да се вратат ученциите на настава.
– Барањето на СОНК е легитимно и ќе има покачување на платите. Социјалниот дијалог со СОНК ќе продолжи. Но, приоритет за мене како министер се учениците и нивното враќање во училишните клупи, за да немаат повеќе дополнителни празнини кои тешко или никако нема да се надополнат. Најдобар интерес е учениците да се вратат во училниците – истакна министерот Шаќири.
Тој истакна дека денеска ќе испрати писмо до СОНК и ќе побара од синдикалците да дозволат да се вратат учениците на настава.
– Апелирам до СОНК да им овозможиме на учениците навремено да ја завршат учебната година. Тоа е наша законска, морална и етичка обврска. Наставниците се најважна алка во образовниот процес, но и учениците се важна оска на секоја образовна политика и затоа не смеат повеќе да губат од наставата – рече Шаќири.