ПУТИН СЕ ЗАКАНИ СО КАТАСТРОФАЛНИ ПОСЛЕДИЦИ Не воведувајте забрана за летови над Украина
Денешното раководство во Киев мора да разбере – ако продолжат во истиот дух, ја доведуваат во прашање иднината на украинската државност, а ако тоа се случи, тоа целосно ќе биде на нивната совест, порача рускиот претседател.
Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека секоја земја што ќе се обиде да воведе зона на забранети летови над Украина, за Москва ќе биде земја што одлучила да влезе во конфликтот.
– Секое движење во оваа насока од нас ќе се смета за учество во вооружен конфликт на таа земја, рече рускиот лидер за време на состанокот со вработените во Аерофлот – јави АФП.
Тој додаде дека воведувањето зона на забранети летови ќе има „колосални и катастрофални последици не само за Европа, туку и за целиот свет“.
Путин, исто така, ги отфрли гласините дека Русија планира да прогласи воена состојба по воениот упад на неговата земја во Украина.
Путин испрати порака и до раководството во Киев.
– Денешното раководство во Киев мора да разбере – ако продолжат во истиот дух, ја доведуваат во прашање иднината на украинската државност, а ако тоа се случи, тоа целосно ќе биде на нивната совест. Постојат многу различни опции за демилитаризација на Украина. Тие се на преговарачка маса со Киев, се надеваме на позитивна реакција – рече Путин.
Претседателот на Русија рече дека се обиделе да го решат конфликтот во Украина на мирен начин.
– Требаше да му се дозволи на Донбас да зборува руски и да живее на свој начин, но тие организираа блокада.
– рече тој.
Според него, во руската специјална операција во Украина учествуваат само офицери и изведувачи.
Како што наведе Путин,работата за уништување на воената инфраструктура во Украина е речиси завршена и операцијата се одвива според планираното од Генералштабот.