ССМ НЕ ПРИФАЌА „ЌЕ“ ,ТУКУ „КОГА“ И „КОЛКУ“ Владата е расположена за повисок минималец, се чека бизнисот
В среда ќе се одржи седница на економско -социјалниот совет за минималната плата и нејзиниот износ.
Минималната плата ќе продолжи да расте и системското решение ќе дојде преку дијалог со сите засегнати страни, а решението кое би било предложено секако подразбира одржливост на подолг рок за пораст на минималната плата во согласност со порастот на трошоците на живот и растот на просечните плати.
Ова го изјави вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, на средбата во Владата со претставници на Сојузот на синдикати на Македонија, предводени од претседателот на ССМ, Дарко Димовски, а на која присуствуваа и министерката за труд и социјални прашања, Јована Тренчевска, министерот за информатичко општество и администрација Адмирим Алити и советникот на претседателот на Владата Милан Живковиќ.
Битиќи, нагласи дека Владата ќе остане конструктивен социјален партнер, кој ќе охрабрува дебата и дискусија за сите важни прашања во општеството, како што е несомнено висината на минималната плата и притоа најави дека веќе в среда, на 2-ри февруари од 15 часот, е закажана седница на економско-социјалниот совет на која ќе продолжи дискусијата помеѓу сите три засегнати социјални страни на која главна точка на дневниот ред ќе биде токму висината на минималната плата.
На средбата претставниците на ССМ уште еднаш ги поздравија одлуките на Владата за „недела неработен ден“ и за замрзнување на цените на основните производи до крајот на февруари 2022 година.
Претседателот на ССМ Дарко Димовски во изјава за медиумите порача дека доколку во среда не бидат исполнети нивните барања, ќе организираат штрајк, а не се исклучени и други можности како протест, блокирање на улици…
– Како Сојуз на синдикати на Македонија не го прифаќаме зборот „ќе“, туку „кога“ и „колку“. Затоа сум малку револтиран од односот на нашите социјални парнери. В среда продолжува битката за работничките права. Единствената цел е егистенцијата на работникот во оваа економска, ковид и енергетска криза – рече Димовски по денешната средба во Владата.
Премиерот Димитар Ковачевски вели дека ќе има зголемување на минималната плата, но оти тоа треба да се направи низ економско-социјален дијалог со сите засегнати страни и во консултација и со синдикатите и работодавачите.
– Веќе денеска на оваа тема има средби на претставници на Министерството за труд и социјална политика и други ресорни министерства заедно со вицеоремиерот за економски прашања со претставници на синдикатите. Тоа е прашање кое се решава низ економско-социјалниот дијалог. Минималната плата и нејзиното покакување од првичните 9.000 денари колку што беше претходно, на 15 000 денари колку што е сега, беше направено од СДСМ и Владата предводена од СДСМ. Така што и заложбата за зголемување на минималната плата на повисоко ниво е исто така заложба на оваа Влада – рече Ковачевски.
Притоа, според премиерот, како и при првичното покачување, така и сега треба да се имаат предвид и ставовите и импутите и на синдикатите, но и работодавачите и на стопанските комори, бидејќи, како што нагласи, тоа е дел од еден економски систем.
Синдикатот подолго време бара зголемување на минималната плата на 18.000 денари и спирално зголемување на сите останати плати. Како аргументи ги посочува зголемувањето на трошоците за живот и фактот што за синдикалната минимална кошничка се малку две минимални плати. Минатата недела беше презентирана и анализа од тројца професори која потврдува дека зголемувањето на минималната плата не влијае негативно на фирмите, туку ја зголемува мотивираноста на вработените, а со тоа се влијае и врз продуктивноста.