Затоа што лутината ни поминува за три дена…
Неправдата раѓа нови неправди, молкот раѓа нов молк. А сите молчиме и гледаме, засега од сигурна дистанца, додека не сме ние пред автомобилот на некој лудак. А тогаш? Тогаш другите ќе се во шок и неверица и ќе им помине за три дена...
Повторно сме шокирани и во неверица, иако ова ни се случува со години и години наназад. Повторно сме гневни и згадени. И ќе ни помине. Ден, два или три. Потоа ќе остане само семејството на младата загината девојка на скопскиот асфалт, само против целиот систем и против државата.
Ќе има некоја вест од судењето, по месеци, повторно ќе сме згрозени, шокирани и во неверица каде живееме. Ќе помине и тоа. Ќе има жалба до Апелација, повторно истиот процес неколку дена. Ќе има и конечна пресуда, а тогаш, без изненадување, повторно ќе сме згрозени и шокирани и во неверица.
И не е сето тоа никакво изненадување. И тогаш ќе помине тоа за три дена, ќе се случи нешто друго што ќе ни го одземе вниманието. На нас…
На семејството на жртвата никогаш нема да им помине. А и на семејствата другите жртви, на кои веќе не им го помниме имињата. А сме биле и лути и згрозени и шокирани од тоа што се случило, од тоа што на тие луѓе животот им застанал кога добиле повик дека нивното дете е покосено, усмртено, прерано…
И ниедна правда и одлука не може да ги врати жртвите. Но, може да ги спаси многу други семејства од истата агонија, од болка и тага, да спречи млади животи да завршуваат поради дивеење на други.
А зад воланот? Таму седи неправдата. Неправдата која за вакви несреќи досудува казни што се бројат во месеци, на прстите од една рака. Неправдата дека ако си некој или нечиј син или ќерка, другите се само статисти во твојот живот. Неправдата на еден корумпиран судски систем, каде што влијанието и парите судат и ослободуваат. Неправдата на едно општество во кое на криминалците се гледа како на успешни, а на чесниот работник како на глупак.
Поинаку не би можело да се разбере како деца од 20 години имаат автомобили кои ги претвораат во машини за убивање од 20.000 или 30.000 евра, додека чесниот работник на крајот на денот има само кредити и уште извршител на маса за вечера.
Лесно можеме да впериме прст во сите. И во судство и во власт но и во минати власти, да зборуваме закражби и сиромаштија, за корупција и неказнивост, за неодговорност. За што сакаме. И нема да сме грешка. Сите тие работи постојат и ни го загорчуваат животот, а на некои, ете, им го завршуваат и пред време.
Поважно и потешко е да застанеме пред огледало и да го впериме прстот кон него, кон себе. Нашиот молк, апатичноста, меланхолијата, безнадежноста, во кои сме мајсторски втурнати, се само соучесници во овие настани, во нашето и во општественото пропаѓање.
До кога, е прашањето. А одговорот… Е тој е во секој од нас. А до тогаш ќе сме шокирани и изненадни дека она за што молчиме зема жртви.
Неправдата раѓа нови неправди, молкот раѓа нов молк. А сите молчиме и гледаме, засега од сигурна дистанца, додека не сме ние пред автомобилот на некој лудак. А тогаш?
Тогаш другите ќе се во шок и неверица и ќе им помине за три дена…