ЕДНИ БАРААТ АПАНАЖА, ДРУГИ ВЕЌЕ СИ НАШЛЕ РАБОТА Еве кои функционери поднеле барање за надоместок

Апанажата за Хоџа и за Сулејмани е веќе прифатена на последната седница на Комисијата за именување, додека, пак, барањето на Димитров не беше ставено на дневен ред и сè уште не е донесена одлука, брифираат наши извори од Собранието.

5,614

Еден министер, еден вицепремиер и еден заменик-министер кои беа дел од владата на експремиерот Зоран Заев, а за кои немаше место во новиот владин состав што го формираше новиот премиер Димитар Ковачевски, официјално до собраниската Комисија за именување поднеле барање за апанажа, односно се пријавиле да земаат надоместок од државата во висина на нивната досегашна плата во следните девет месеци.

Како што нè информираше собраниската служба, поранешниот министер за земјоделство Аријанит Хоџа, поранешниот вицепремиер за европски прашања Никола Димитров и поранешниот заменик-министер за култура Седет Сулејмани се тројцата поранешни функционери кои засега поднеле барање за апанажа, додека, пак, другите поранешни функционери ќе можат тоа да го сторат до истекот на 30 дена по престанувањето на нивниот мандат.






Апанажата за Хоџа и за Сулејмани е веќе прифатена на последната седница на Комисијата за именување, додека, пак, барањето на Димитров не беше ставено на дневен ред и сè уште не е донесена одлука, брифираат наши извори од Собранието.

– За барањата на Аријанит Хоџа и на Седет Сулејмани веќе се донесени одлуки и одобрена е апанажата, но за Никола Димитров сè уште не е донесена одлука, бидејќи кога заменик-претседателот на Комисијата за именување, Јован Митрески, ја свика седницата, барањето на поранешниот вицепремиер не беше дел од дневниот ред. Можеби подоцна го поднел барањето – велат нашите соговорници.

Екс-вицепремиерот Димитров истакна дека е принуден да го искористи правото на апанажа, бидејќи тој е човек кој живее од плата и нема други бизниси.

– Откажав ангажман во меѓународен институт во Париз за да бидам вицепремиер за европски прашања и јас сум човек кој живее од плата. Освен мојата примарна работа, јас немам други бизниси. Апанажата ќе ја користам во периодот додека се организирам – рече Димитров.

Поранешната министерка за труд и социјала, Јагода Шахпаска, за Плусинфо потврди дека нема да користи апанажа и дека веќе ѝ се вратила на својата претходна работа.

– Не размислувам за никаква апанажа. Си се вратив на работа и многу ми е убаво. Веќе трет ден работам како интернист во Здравствен дом Пехчево – ни изјави Шахпаска.

И екс-министерката за култура Ирена Стефоска потврди дека нема да го искористи правото на апанажа, туку дека ќе ѝ се врати на академската кариера.

– Јас сум редовен професор и воопшто не помислувам да користам апанажа. Својата академска кариера ќе си ја продолжам во Институтот за национална историја – посочи Стефоска.

Еден од функционерите кои се откажа од надоместок е и поранешниот премиер Зоран Заев, кој уште во вторникот потврди дека нема да го искористи правото на апанажа, но дека ќе го искористи правото на 24-часовно обезбедување кое му следува на секој поранешен премиер.

Од апанажата се откажа и поранешниот министер за здравство Венко Филипче, кој се врати на Клиниката за неврохирургија, а на социјалните мрежи веќе се пофали со првата успешно извршена операција.

Иако претходно беше непозната одлуката за апанажа на поранешната министерка за образование Мила Царовска и на поранешната министерка за одбрана Радмила Шекеринска, попладнево пристигна потврда дека и двете екс-министерки ќе го искористат правото за надомест во следните девет месеци.

Според Законот за плати и други надоместоци за избрани и именувани лица, доколку некој бил на
функција до шест месеци, има право на апанажа од три месеци, а доколку извршувал јавна функција од
шест до 12 месеци, тогаш има право на анапажа во рок од шест месеци. Ако, пак, лицето извршувало јавна функција од 12 до 24 месеци, тогаш ќе му се исплаќа апанажа во рок од девет месеци, а доколку било на фукција над две години ќе има право на апанажа во рок од една година.

Поврзани содржини