ДАЛИ СТЕ ЧУЛЕ ЗА ДИЕТАТА ЗА ЛЕКУВАЊЕ НА РАК НА Д-Р БАДВИГ? Едноставна комбинација од состојки со ленено масло во главната ролја
Бидејќи станува збор за сериозно заболување, ние не тврдиме дека диетата што ја препорачува оваа германска биохемичарка ќе ве излекува со гаранција, но ја препорачуваме затоа што е природна, вкусна, евтина и дефинитивно, нема да ви наштети
Германската биохемичарка д-р Јохана Бадвиг уште во педесеттите години од минатиот век, кога била вработена во германската агенција за одобрување на лекови, во текот на своите истражувања забележала дека кај канцерогените клетки без исклучок и воопшто, во крвта на заболениот човек од канцер има недостиг од некои есенцијални елементи, како фосфатиди и липопротеини. Без овие состојки, клетката на ракот се размножува без контрола.
Историја на откритието
Д-р Бадвиг на ум веќе го имала истражувањето на друг германски научник од 30-тите години на минатиот век, Ото Вартбург, кој докажал дека на болната клетка всушност ѝ недостига и кислород и дека во негово присуство таа не може да опстане.
Д-р Бадвиг продолжила со анализите и пронашла чудна зеленикаво-жолта супстанција во крвта на болни од рак. Овие сознанија ја одвеле кон натамошни истражувања и довеле до нејзиното откритие, метод кој и ако не ви помогне, секако не може ни да ви одмогне.
Д-р Бадвиг наскоро открила дека ако го реши недостигот од посочените елементи кај клетките на болниот, во период од околу три месеци, туморот постепено ќе почне да исчезнува. Тоа ќе се случи сеедно во која фаза е туморот, под услов да има доволно време нејзиниот систем да почне да дејствува. Кога во организмот ќе се внесат фосфатидите и липопротеините, чудната жолто-зеленикава течност во крвта постепено станувала здраво црвена, слабоста и анемијата исчезнувале, а животната енергија се враќала. Уште повеќе, д-р Бадвиг утврдила дека се враќа во нормала и дисфункцијата на црниот дроб и дека се ублажуваат и проблемите со дијабетесот.
Во едно интервју од 1998 година, д-р Бадвиг објаснила: „Некои масни киселини создаваат спротивен електричен пол кон позитивно наелектризираниот протеин во јадрото на клетката. Тие се наоѓаат во мембраната на клетката и се нарекуваат липиди“. Според неа, недостигот од овие масти води до нарушување при делбата на клетката, па таа уште во 1956 година објавила дека кај туморот е присутно делење на клетката без создавање делбено вретено, додека истовремено доаѓа до исчезнување на здравите клетки поради отсуство на електрично исполнетата масна киселина. Д-р Бадвиг сметала дека тоа го оневозможува и користење на фотоните од сончевата енергија, складирани во хранливите состојки како, на пример, во семките од повеќе растенија. Нејзината теза била дека тоа е еден од начините на кои убива и радиоактивното зрачење: ја прекинува основната функција меѓу мастите и протеините за апсорпција на кислород во клетката.
Едноставно решение
Според неа, проблемот се решава со помош на масни киселини што се сметаат за есенцијални, а имаат најмалку 18 јаглеродни атоми во јаглероводородниот синџир. Такви масни киселини содржи маслото од лен, кое не смее да биде загревано или обработувано на начин што ќе доведе до нарушување на синџирот. Токму тука, според д-р Бадвиг, лежи и еден од проблемите на современиот човек: неговата исхрана често е составена од материи што за да имаат поголем рок на траење се обработуваат на начин што не само што ги елиминира од групата здрави продукти, туку од нив создава штетни продукти.
„Во индустриското производство на масти и масла ништо се нема изменето, бидејќи тие носат милијарди долари, а на индустријата никој не ѝ дава ништо за да воведе нешто ново. Тоа е и разбирливо. Заговорниците на хемотерапијата поставуваат поинакво прашање. Нашата хемотерапија се базира на уништување на туморот, но познато е дека таа ги уништува и здравите клетки, па и самиот пациент. Но сè што го спречува растот е фатално, зашто растот како основна функција е дел од животниот процес. Не може да се постигне нешто добро со примена на лоши средства“, објаснува д-р Бадвиг.
Таа смета дека рекламирањето на маслиновото масло не е сосема во ред. Според неа, во тоа масло најголем удел има олеинската киселина со синџир од 18 јаглеродни атоми, но организмот на човекот на кој му недостигаат есенцијални масни киселини не може да ја апсорбира олеинската киселина, па маслиновото масло не помага. Најкорисна, вели д-р Бадвиг, е линолната киселина, а неа ја има во ленот. За да функционира како материја што може да ги елиминира болните клетки од организмот, на споменатата киселина ѝ е потребна набиена сулфхидрилна група од протеини. Нивниот спој создава липопротеини што можат да го спасат организмот од туморите. Тоа значи дека ленот и маслото од лен, иако и сами по себе имаат антиканцерогени својства, а можат да помогнат и за спасување на крвните садови што станале тврди и лесно кршливи, не се во состојба самостојно да му помогнат на пациент што веќе е заболен од рак. За да се случи тоа, потребно е маслото од лен да се измеша со младо кравјо сирење, така што би се добила единствена маса. Нивниот спој ги создава потребните елементи и истовремено овозможува нешто што исто така е клучно – пренос на тие елементи до болните клетки.
Основен рецепт
Основниот рецепт е доста едноставен: 125 грама младо кравјо сирење се мешаат со миксер со три супени лажици ленено масло, сè додека не се добие маса во која нема да се препознава маслото. Тоа се консумира двапати дневно. Кај голем број пациенти е потребно време на приспособување, бидејќи можно е маслото да предизвика одредени стомачни непријатности. Најдобро е ако се почне со една супена лажица, па како што организмот ќе се привикнува така да се зголемува дозата додека се стигне до три лажици.
Овој рецепт може да се користи како превентива и евентуално кај болните во ран стадиум. Д-р Бадвиг не го претпочита паралелното користење на традиционалната терапија, но постојат сведоштва на луѓе што се излечиле истовремено користејќи хемотерапија и основниот Бадвигов рецепт.
Сепак, само по себе, ова не е доволно. Нејзината програма е многу посложена и опфаќа комплетна диета, особено за болните во подоцнежни стадиуми. Сето тоа таа детално го објаснува во својата книга „Рак, проблем и решение“ и „Маслено-протеински готвач“. Двете книги лесно можат да се најдат на интернет.