СКОПЈАНИ МОЖЕ ДА ОСТАНАТ БЕЗ ПАРНО „Балкан енерџи“ нема обезбедено гас за целата грејна сезона
„Балкан енерџи груп“ е најголем снабдувач со топлинска енергија во Скопје. На неговото парно се вклучени над 56.000 домаќинства.
Скопјани можат да останат и без парно на почетокот на следната година, бидејќи најголемиот снабдувач со топлинска енергија „Балкан енерџи груп“ ги нема обезбедено потрбните количини гас за грејната сезона. Од компанијата не потврдуваат дали е тоа така, туку само наведуваат дека заедно со Регулаторната комисија за енергетика и владата се обидуваат да обезбедат континуирано снабдување со топлина за граѓаните. Владата тврди дека во тек се преговори за снабдување со природен гас.
– Балкан Енерџи Груп, Регулаторната комисија за енергетика и Владата се максимално ангажирани за да се обезбеди континуирана испорака на топлинска енергија кај потрошувачите приклучени на системот за централно греење до крајот на грејната сезона – изјавија од БЕГ за Плусинфо.
Информацијата дека БЕГ нема обезбедено гас за грејната сезона произлезе од изјавата на Регулаторната комисија за енергетика која по барањето на БЕГ да се зголеми цената на парното за 300 отсто, побара компанијата да приложи договор за обезбедено континуирано снабдување со гас за грејната сезона.
Дополнително, стравувањето се подгреа и со изјавата на компанијата „Макпетрол“ од вчера дека е постигнат договор со рускиот енергетски гигант „Газпром“, и тоа по 30% пониска цена од берзанската, но договорената квота не ги опфаќа количините гас потребни за БЕГ.
Досегашната практика беше БЕГ да се снабдува со гас преку комбинираната централа ТЕ-ТО која е сопственик на снабдувачот со топлина.
За решавање на проблемот сега во опција се две алтернативи: набавката да оди преку БЕГ, со тоа што ќе наплаќа многу повисока цена на парното или Владата да ја субвенционира набавката со најмалку 13 милиони евра и да нема зголемување на цената на парното.
Од владата вчера изјавија дека се преговара за набавката на гас.
– Ние ја следиме состојбата на тој пазар, на либерализиран пазар, ќе видиме со која цена снабдувачот на гас во нашата земја ќе обезбеди соодветна цена на гасот. Сега уште преговорите не се завршени, најверојатно би требало денеска-утре да се знае по која цена е обезбедено количината на гас потребна за нашата држава – изјави вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.
Министерот за финансии, пак, Фатмир Бесими, на новинарското прашање како ги коментира најавите на БЕГ кои бараат зголемување на цената на парното за 300 отсто, рече дека прашање е дали ќе се одобри она што се бара.
– Доколку и се даде субвенција на БЕГ од државата, ќе има реакции зошто државата субвенционира приватна компанија – рече Бесими.
Според последните информации, „Макпетрол“ денеска повторно се вклучил во преговори со „Газпром“ за да се обезбедат дополнителни количини за потребите на БЕГ.
Според неофицијални проценки, на БЕГ му се потребни околу 38 милиони кубни метри гас за грејната сезона.
„Балкан енерџи груп“ е најголем снабдувач со топлинска енергија во Скопје. На неговото парно се вклучени над 56.000 домаќинства.