77 ОТСТО ОД ВРАБОТЕНИТЕ ВО ЗЕМЈАВА СЕ НА ОПРЕДЕЛЕНО ВРЕМЕ Овие работници земаат за 13,6 отсто пониска плата оние на неопределено време
Во земјава 10 отсто од работницте се сезонци, а 12 отсто се на привремена работа.
Во земјава помеѓу нестандардните форми на вработување доминира работата на определено време, со 77 отсто од вкупниот број вработени лица, сезонската работа со 10 отсто, повремената работа со 12 отсто и останати форми на вработување учествуваат со 1 отсто. Овие вработени во однос на вработените на определено време, земаат за 13,6 отсто пониска плата. Оваа состојба бара поголема регулација од страна на државата.
Ова се дел од податоците изнесени денеска на работилницата организирана од Меѓународната организација на трудот (МОТ), а на која учествуваа експерти, претставници на Министерството за труд и социјална политика, на синдикатите и на организациите на работодавачи.
Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска рече оваа состојба ќе биде решена преку новиот Закон за работни односи кој е во подготовка. во него јасно се регулирани нестандардните форми на вработување, со што работните процеси ќе бидат прилагодени на новите потреби на пазарот на трудот. Правата на работниците ќе бидат целосно заштитени.
– Со добра регулација и имплементација на нестандардните форми на вработување се овозможува брзо прилагодување на работодавачите на динамичниот пазар на труд и справување со недостигот на работна сила. Од друга страна, на работниците ќе им го олесни пристапот до нови работни места, посебно на маргинализираните групи, младите, жените, постарите работници и мигрантите. Нестандардните форми на вработување не смеат да бидат средство за намалување на трошоците за работна сила на сметка на основните работнички права. И затоа, при нивната регулација мора да бидеме многу претпазливи. Работникот и неговите права во ниту еден момент не смеат да бидат загрозени – речеШахпаска.
Министерката нагласи дека со новиот Закон за работни односи јасно ќе бидат регулирани договорите на определено време, работата од далечина и работата од дома, ангажирањето на работници во домаќинства, сезонските и повторливи сезонски работи, работа со неполно работно време. Подобро ќе биде регулиран и работен однос адресирајќи ги прикриените вработувања, кои се суштинска девијација од стандардното вработување.
Меѓународната организација на трудот ги издвојува следните четири групи на нестандардни форми на вработување: привремена работа; неполно работно време и работата на повик; форми на вработување во кои не постои директен однос работник-работодавач и форми на вработување кои се вршат надвор од работен однос,односно прикриен работен однос или зависно самовработување.
– Промените во светот на работата го предизвикуваат традиционалното гледиште на стандардниот работен однос и сѐ почесто водат кон нови, нестандардни форми на работа. Овие форми на вработување, во континуитет, заземаат сè позначајно место и на македонскиот пазар на труд. Тие самите по себе не се проблем, но како и секој друг вид на вработување, тие треба да се регулираат за да бидат извор на пристојна работа -рече Сержеј Суарез Дилон Соарес, специјалист за пазарот на трудот од Меѓународната организација на трудот.
Во текот на работилницата,од страна на експертите, претставниците на Министерството за труд и социјална политика, синдикатите и организациите на работодавачи,беа потврдени наодите од анализата и воедно се дискутираа насоките за реформирање на македонското трудово право.
-Во консултација со социјалните партнери, реформата на Законот за работните односи што ја спроведува Владата, нуди можност за подобро справување со предизвиците поврзани со нестандардните форми на вработување, вклучително и преку построга регулација на работата на определено време, на прикриените работни односи или олеснување на пристапот до квалитетна работа со скратено работно време – вели Мартине Хумблет, специјалист за работни услови.