НАМЕСТО ВОЈНА ВО УКРАИНА, ПУТИН ДОБИ ЦЕВКА „Северен поток 2“ ќе ја донесе Европа на колена?
Американците ѝ попуштија на Германија да го направи „Евроазискиот проект“, но германско-руското пријателство оди подлабоко, сè до претходникот на Ангела Меркел, германскиот канцелар Герхард Шредер, кој го поддржуваше проектот, а денес е личен пријател на Путин и е на клучни позиции во Роснефт ПЈСЦ, руската државна нафтена компанија, како и во Норд стрим АГ.
Цевка долга 1.230 километри под Северното Море, која ќе носи гас директно од Русија за Германија, го подели светот на Исток и на Запад. Во моментов, главно геополитичко прашање во светот е до кога ќе се чека на свеченото пуштање во промет на „Северен поток 2“, најзначајниот гасовод во Европа?
По неодамнешната онлајн-средба меѓу претседателите Путин и Бајден „се шушка“ дека САД ќе ѝ дозволи на Германија ваква екскурзија која за некои ќе значи „стариот континент“ да се спушти на колена пред рускиот гас, а за други само удвојување на руската моќ, пишува Вашингтон Пост.
„Северен поток 2“ ќе протече, ако и само ако не „пукне“ конфликтот во Украина. Ќе држат ли светските лидери до договореното? Неговиот претходник, првиот „Северен поток“ почна да тече в0 2011 година, но откако во 2014 година Путин го зазеде Крим и ги влоши односите со Западот, гасот започна да минува „проблематично“ по цевката. Зимава, додека Европа од еколошки побуди реши сопствениот природен ЛНГ гас и јаглен да ги произведува што помалку, доаѓаме до слична ситуација.
Американците ѝ попуштија на Германија да го направи „Евроазискиот проект“, но германско-руското пријателство оди подлабоко, сè до претходникот на Ангела Меркел, германскиот канцелар Герхард Шредер, кој го поддржуваше проектот, а денес е личен пријател на Путин и е на клучни позиции во „Роснефт ПЈСЦ“, руската државна нафтена компанија, како и во „Норд стрим АГ“.
Шредер е од социјалдемократите СПД, истите тие кои сега ќе ја заменат Меркел и ќе ја предводат Европа. Тој на својот сопартиец и нов канцелар Шолц му честиташе за „трпеливоста и одлучноста“ околу проблематичната „цевка“, на големо негодување на Полска, Словачка, Холандија, Украина …
А во меѓувреме, „Газпром“ зграби третина, односно 33 отсто од европскиот енергетски пазар.

Како Америка ѝ попушти на Германија
Се шпекулира дека САД и Германија имаат таен договор околу гасоводот. Наводно се договориле доколку Русија се обиде да изврши агресија на Украина, тогаш Германија самата ќе преземе акција, истовремено притискајќи за санкции за ограничување на извозот на енергија од Русија.
Другиот услов е Германија, заедно со САД да продолжи да ја поддржува Украина со големи пари во енергетиката. Најмалку 1 милијарди долари во т.н. Зелен фонд беа вбризгани за да ѝ помогнат на Украина да прејде кон чиста енергија, а Германија се обврза на почетна инвестиција од 175 милиони долари во фондот и дополнителни 70 милиони долари за поддршка на свои енергетски проекти со Украина.
Инаку гасоводот е голема победа за Германија, но и за Ангела Меркел. Да се потсетиме, Меркел беше под жесток притисок од германските пратеници да се откаже од проектот откако лани наводно беше отруен рускиот опозициски политичар Алексеј Навални, но таа тогаш сметаше дека политиката за гасоводот не треба да се поврзува со „индивидуалните случаи“.
Навистина ли е заробена Европа од рускиот гас?
Не сите ЕУ-земји се подеднакво зависни од рускиот увоз на гас. „Газпром“ останува клучен снабдувач за некои источни и централноевропски земји, додека Западна Европа добива гас од извори вклучувајќи ги Норвешка, Катар, африканските нации и Тринидад. Полска, Литванија и Хрватска, на пример, изградија капацитети за увоз на природниот ЛНГ гас за да ги диверзифицираат своите извори на снабдување.
Ако не сака руски гас, Европа можеби може да работи на зголемена нуклеарна енергија, како што тоа го најави Франција, а за кое неодамна претседателот Макрон зборуваше со Виктор Орбан во Унгарија. Но, колку ќе чини сето тоа?
Рускиот е евтин, а Американците продаваат „гас за слобода“
САД испорачува гас со танкери во Европа, но тој мора да се излади во течна форма и да се испорача по висока цена. Русија транспортира гас претежно преку најголемата светска мрежа на цевководи што постои со децении. Достапноста на американскиот природен ЛНГ гас во Европа зависи од американските цени, но и од апетитот за американски гас во Азија.
Американските добавувачи имаа мал успех и направија договори со Полска, но имаа многу неуспеси од Ирска па сè до Франција и тоа поради еколошки причини кои за ЕУ се многу битни. И покрај тоа, и Бајден и неговиот претходник Трамп тврдеа дека рускиот гас ќе ја направи Европа зависна. Затоа американскиот го нарекоа „гас за слобода“.

Што толку бараат регулаторите од проектот за цевката?
„Северен поток 2“ може да испорача 55 милијарди кубни метри годишно. Рускиот „Газпром“ ПЈСЦ го поседува операторот на проектот, а другите инвеститори придонесуваат со половина од трошоците од 9,5 милијарди евра.
Проектот во моментов е заплеткан во бирократијата. Врската со Германија под Балтичкото Море, една од најспорните во светот, беше завршена на 10 септември, но почетокот на вистинските текови во европската мрежа ќе зависи од германскиот регулатор. Законите на ЕУ го принудуваат проект-операторот на „Газпром“, кој е од Швајцарија да основа своја германска подружница.
Откако тоа ќе се направи, германскиот регулатор има уште два месеци да донесе прелиминарен заклучок, а на ЕУ, која има повеќе советодавна улога, може да ѝ требаат уште два до четири месеци да го изрази своето мислење. Државното биро за енергија потоа ќе има уште цели два месеци да донесе конечна одлука.